Фоте Никола (Шулин, 4 март 1946 – Тирана, 11 февруари 2024) — македонски педагог и публицист, истакнат активист и борец за правата на Македонците во Албанија.
Животопис Роден е на 4 март 1946 г. во селото Шулин, Мала Преспа, денес во Албанија. Основното образование го завршил во Пустец, средно педагошко училиште во Елбасан, а дипломирал на Филолошкиот факултет при Тиранскиот универзитет. Станал уредник на програмата на македонски јазик во Радио „Корча“, од самиот нејзин почеток во 1991 г. Од 2005 до 2014 г. бил член на Комитетот на малцинствата при Владата на Република Албанија, застапувајќи го македонското малцинство.
Подготвил повеќе учебници за основно образование на македонски јазик во рамките на Министерство за образование на Албанија. Автор е на книгата „Литературни творци од македонското малцинство во Албанија”, објавена на македонски и албански јазик. Исто така, тој бил задолжен за преиздавањето на албанско-македонскиот речник на Никола Беровски во 2013 г. Објавил и бројни статии за положбата, образованието, фолклорот и традициите на Македонците во Албанија.
Фоте бил член на Централниот комитет на МАЕИ и почесен советник на Дипломатската мисија за мир и просперитет во Тирана.
Починал на 11 февруари 2024 г. во Тирана.
Наводи
Категорија:Македонски педагози Категорија:Македонски публицисти Категорија:Апсолвенти на Тиранскиот универзитет Категорија:Македонци во Албанија