Ленс Едвард Армстронг (роден Ленс Едвард Гундерсон, на ) — поранешен американски професионален друмски велосипедист. Армстронг го освоил Тур де Франс рекордни седум последователни пати помеѓу 1999 и 2005 пред да биде дисквалификуван од овие трки и да му биде доживотно забрането да се натпреварува во велосипедизам поради обвинувањата за допинг од американската антидопинг агенција (УСАДА) во 2012. Тој е основач на фондацијата Livestrong, првично наречена „Ленс Армстронг“, која обезбедува поддршка за пациентите со рак.
На 16 години, Армстронг започнал да се натпреварува во триатлон и бил национален првак во 1989 и 1990. Во 1992, Армстронг ја започнал својата кариера како професионален велосипедист со екипата Моторола. Имал големи успеси помеѓу 1993 и 1996, вклучувајќи ги победите на друмската трка на Светското првенство 1993, Класика де Сан Себастијан во 1995, Тур ДуПон и неколку етапни победи во Европа, вклучувајќи и етапа на Тур де Франс.
Во октомври 1996 му бил дијагностициран рак на тестисот, која се раширил низ мозокот и белите дробови. Лечењето вклучувало операција на мозокот и долга хемотерапија. Во февруари 1997 му било соопштено дека е излечен од ракот и истата година ја основал фондацијата. До јануари 1998, Армстронг отпочнал со сериозно тренирање на велосипедист и потпишал нов договор со УС Постал. Бил член на екипата УС Постал/Дискавери помеѓу 1998 и 2005. На 24 јули 2005, Армстронг се повлекол од велосипедизмот на крајот на Тур де Франс 2005, но се вратил на натпреварувањата со екипата Астана во јануари 2009 и завршил трет на Тур де Франс 2009. Помеѓу 2010 и 2011 возел за екипата која помогнал да се основа, Тим РадиоШек.
На 16 февруари 2011, Армстронг го објавил неговото повлекување од велосипедизмот, додека се соочувал со сојузна истрага за обвинувањата за допинг. Во февруари 2012 се вратил на триатлонот, натпреварувајќи се како професионалец на неколку трки. Во јуни 2012, УСАДА го обвинила Армстронг дека користел недозволени средства за подобрување на резултатите. На 24 август 2012 добил доживотна забрана за натпреварување, важечка за сите спортови кои го прифатиле кодексот на Светската антидопинг агенција, како и одземање на сите седум титули на Тур де Франс помеѓу 1999 и 2005. Извештајот на УСАДА заклучил дека Армстронг употребил „најнова, професионализирана и успешна допинг програма која спортот ја имал видено“. На 22 октомври 2012, Меѓународниот велосипедистички сојуз (UCI), управното тело во спортот, ја објавило својата одлука дека ги прифаќа наводите на УСАДА. Армстронг одлучил да не се жали на одлуката до Арбитражниот суд за спорт,.
И покрај негирањето дека користел средства во текот на неговата кариера, во јануари 2013 го признал допингот во телевизиско интервју, водено од Опра Винфри,. Во септември 2013 година бил побаран од новиот претседател на УЦИ, Брајан Куксон, да сведочи целосно за неговиот допинг. Армстронг одбил да сведочи ако не добие целосно амнестија, за која Куксон рекол дека нема да ја добие.
Ран живот
Ленс Армстронг е роден на 18 септември 1971 година како Ленс Едвард Гундерсон () во Плано, Тексас, северно од Далас од Линда Гејл (родена Мунихем), секретарка, и Еди Чарлс Гундерсон, менаџер за The Dallas Morning News. Неговиот прадедо бил син на норвешки имигранти. Бил именуван по Ленс Ренцел, играч во Далас Каубојс. Неговите родители се развеле кога Ленс имал две години и неговиот татко има две деца од друга врска. Подоцна, неговата мајка се омажила за Тери Кит Армстронг, менаџер за продажба, кој го посвоил Ленс во 1974.
Кариера Рана кариера
На 12-годишна возраст, Армстронг започнал да тренира пливање во локалниот пливачки клуб и бил четврти на првенството на Тексас на 1.500 метри слободно. Прекинал со пливање откако видел постер за јуниорски триатлон, наречен Ајрон Кидс Триатлон, кој го освоил на 13 години.
Во 1987-1988 Три-Фед/Тексас го пласирала Армстронг како број еден триатлонец во групата под 19 години. Вкупните бодови на Армстронг во 1987 како аматер биле подобри отколку на првите пет професионалци таа година. На 16 години, Ленс Армстронг станал професионален триатлонец и бил првак во 1989 и 1990.
Моторола
Во 1992, Армстронг станал професионалец со екипата Моторила, наследник на 7-Еливен. Во 1993, Армстронг освоил 10 еднодневни трки и етапни трки, но неговата преломна победа била на Светското друмско првенство во Норвешка. Пред неговата победа на Светското првенство, ја остварил првата победа на Тур де Франс. Бил 97. во генералниот пласман пред да се повлече на етапата 12.
Исто така ја освоил тројната круна во велосипедизмот Трифт Драг: класикот Трифт Драг во Питсбург, класикот К-Март Западна Вирџинија и државното првенство во Филаделфија.
Во 1994 повторно го освоил класикот Трифт Драг и бил втор на Тур ду Пон во САД. Неговите успеси во Европа биле второто место на Лиеж-Бастон-Лиеж и Класика де Сан Себастијан, каде само две години претходно завршил на последното место.
Победил на Класика де Сан Себастијан во 1995, по што следела победа на Тур ду Пон и неколку етапни победи, вклучувајќи и една на Тур де Франс, три дена по смртта на неговиот колега Фабио Казартели, кој паднал при спустот од Кол де Порт д’Аспе на 15. етапа.
Успесите на Армстронг продолжиле и во 1996. Станал првиот Американец кој победил на Флеш Валон и повторно победил на Тур ду Пон. Меѓутоа, возел само пет дена на Тур де Франс. На Летните олимписки игри 1996, завршил на шестото место на хронометарот и на 12. место на друмската трка. Во август 1996 по класикот во Лидс, потпишал двегодишен договор вреден два милиони долари со француската екипа Кофидис. Два месеци подоцна, во октомври 1996, му бил пронајден рак на тестисите.
Рак
На 2 октомври 1996, на 25 години, на Армстронг му бил пронајден рак на тестисите, кој се наоѓал во напредна фаза, односно трет стадиум. Ракот се проширил на неговите бели дробови, стомакот и мозокот. При неговата прва посета на уролог во Остин, Тексас, за неговите симптови на рак, кашлал крв, а неговиот тестис бил отечен. Брзата операција и хемотерапијата му го спасиле животот. Армстронг направил орхиектомија за отстранување на заболениот тестис. По неговата операција, неговиот доктор изјавил дека имал 40% шанси за преживување.
Вообичаениот хемотерапевтски режим за овој вид на рак е мешавина на лековите блеомицин, етопосид и цисплатин (или платинол). Меѓутоа, Армстронг избрал друга алтернатива, етопосид, ифосфамид и цисплатин за да ги избегне проблемите со белите дробови поврзани со блеомицин. Оваа одлука можеби ја спасила неговата велосипедска кариера. Неговата првична терапија ја примил на Универзитетот Индијана, Индијанаполис, каде Лоренс Ајнхорн прв го испробал цисплатинот за лечење на рак на тестиси. Неговите тумори на мозокот биле отстранети преку операција и било пронајдено дека содржело раширени некрози.
Последната хемотерапија ја примил на 13 декември 1996. Во февруари 1997 бил прогласен за здрав, но кратко потоа неговиот договор со Кофидис бил раскинат. Поранешниот шеф на Субару Монтгомери му понудил договор со американската екипа Тим УС Постал за плата од 200.000 долари годишно. До јануари 1998, Армстронг веќе започнал со сериозно тренирање и се преселил во Европа со неговата екипа.
УС Постал/Дискавери
Пред неговата терапија против ракот, Армстронг имал освоено две етапи на Тур де Франс. Во 1993 ја освоил осмата етапа и во 1995 ја освоил етапата 18 во чест на колегата Фабио Казартели, кој паднал и умрел на етапата 15. Армстронг се повлекол од Тур де Франс 1996 по петтата етапа откако се разболел, неколку месеци пред неговата дијагноза.
мини|лево|Армстронг завршил трет во Сет, преземајќи ја жолтата маичка на ГП Миди Либре.
Враќањето на Армстронг започнало во 1998 откако завршил четврти на Вуелта а Еспања. Во 1999, победил на Тур де Франс, како и на четири етапи. Разликата со второпласираниот, Алекс Циле, била седум минути и 37 секунди. Меѓутоа, отсуството на Јан Улрих (повреда) и Марко Пантани (обвинувања за допинг) значело дека Армстронг не се докажал себеси против најголемите имиња. Етапните победи биле на прологот, етапата осум, поединечен хронометар, алпската етапа на деветтата етапа и вториот поединечен хронометар на етапата 19.
Во 2000, Улрих и Пантани се вратиле и го предизвикале Армстронг. Трката што го започнала шестгодишното соперништво помеѓу Улрих и Армстронг, завршила со победа за Армстронг од шест минути и две секунди пред Улрих. Армстронг освоил една етапа на Тур де Франс 2000, вториот поединечен хронометар на етапата 19. Во 2001, Армстронг повторно победил, победувајќи го Улрих за шест минути и 44 секунди. Во 2002, Улрих не учествувал поради суспензија и Армстронг победил со седум минути разлика пред Јосеба Белоки.
мини|Армстронг вози на прологот на Тур де Франс 2004
Шаблонот се повторил во 2003, Армстронг го зазел првото место, а Улрих второто. Само една минута и секунда ги делела обајцата на крајот на последниот ден во Париз. УС Постал го освоиле екипниот хронометар на четвртата етапа, додека Армстронг ја освоил етапата 15, и покрај тоа што отпаднал на искачувањето Луз Ардиден, последното искачување, кога удрил во торба на гледач. Улрих го чекал, покажувајќи го својот спортски ферплеј.
Во 2004, Армстрон завршил прв, шест минути и 19 секунди пред Германецот Андреас Кледен. Улрих бил четврти, со дополнителни две минути и 31 секунда зад Кледен. Армстронг освоил дури пет поединечни етапи и остварил победа на екипниот хронометар. Станал првиот велосипедист по Џино Бартали во 1948, кој освоил три последователни планински етапи, остварувајќи го овој подвиг на етапите 15, 16 и 17.
Поединечниот хронометар на етапата 16 до Алп д’Ез го освоил со стил откако го поминал Иван Басо при своето возење, иако тргнал зад него. Ги освоил спринтерските завршници пред Басо на етапите 13 и 15 и направил значаен скок во последните 250 метри и го поминал Кледен на целта на етапата 17. Го освоил поединечниот хронометар на етапата 19, со што го заокружил својот личен рекорд по број на етапни победи.
мини|Армстронг во жолтата маичка на Тур де Франс 2005.
Во 2005, Армстронг бил поразен од Дејвид Забриски на хронометарот на првата етапа за две секунди, иако го поминал Улрих при неговото возење. Неговата екипа Дискавери го освоиле екипниот хронометар, додека Армстронг го освоил последниот поединечен хронометар. На планинските етапи, водството на Армстронг било нападнато неколкупати, главно од Иван Басо, но исто така и од членовите на екипата Т-Мобајл, Јан Улрих, Андреас Кледен и Александар Винокуров и поранешниот колега Леви Лајпхајмер. Но сепак, американскиот првак успеал да го одбрани и го задржал водството, дури и го зголемил на некои етапи. Заокружувајќи го неговиот рекорден подвиг, Армстронг ја поминал целта на Шанзелизе на 24 јули за седма последователна победа на Тур, завршувајќи четири минути и 40 секунди пред Басо, додека Улрих завршил на третото место. Уште еден рекорд постигнат истата година бил тој дека Армстронг имал највисоко темпо на трката во нејзината историја: неговата просечна брзина на целата трка била 41,7 километри на час.
На 24 јули 2005, Армстронг го објавил своето повлекување од професионалниот велосипедизам.
Повторно враќање Астана
Армстронг објавил на 9 септември 2008 дека ќе се врати во професионалниот велосипедизам и изразил желба да учествува на Тур де Франс 2009. VeloNews објавил дека Армстронг ќе возел без надомест или бонуси и дека ќе ги објавел неговите резултати од тестирањата на крвта.
мини|upright|Армстронг на етапата 17 на Тур де Франс 2009.