thumb|300px|right|Статут на Македонскиот литературен кружок (прва верзија) втора страница Македонскиот литературен кружок во Софија претставува една од најмаркантните пројави во литературно-културниот континуитет и во развитокот на македонската национална свест воопшто.

Тој е директно продолжение на националната мисла што се изрази во Словеномакедонската книжевна дружина на Ѓорѓи Пулевски (1888) и Младата македонска книжовна дружина во Софија (1890-1892), во ученичката дружина Вардар (1893-1894) и Македонскиот клуб со читателите во Белград (1902) и пред сè во Македонското научно-литературно другарство (1902-1917), словеномакедонското национално-просветно друштво Свети Кирил и Методиј (1912-1913), руско-македонското благотворно друштво Св. Кирил и Методиј (1913-1914) и Македонскиот револуционерен комитет (1917) во Санкт Петербург. По Првата светска војна во новонастанатите историски околности истата идеја најде автентичен израз во активноста на ВМРО (Обединета) (особено во периодот 1930-1936), поспецијално во Литературниот кружок на Кочо Рацин (1931-1932) и МОРО (1933-1934) во Скопје и во културно-просветното друштво Вардар во Загреб, Белград и Скопје (1935-1937), како и во македонскиот народен сојуз во САД и Канада (1930-1945) и македонските прогресивни групи во Аргентина (1935-1945) со сите активности и печатни периодични и други изданија.

Македонскиот литературен кружок беше формиран во почетокот на август 1936 година при Редакцијата на весникот Македонски вести во Софија, но по укинувањето на весникот и прогонот на уредниците, работеше илегално под името Македонски публицистички кружок Нација и култура (1937-1938).

Според зачуваните документи, официјално Македонкиот литературен кружок постоел од 1938 до 1941 година. Од есента 1938 па сè до почетокот на 1941 година се развиваше една богата литературно-културна, национално-политичка и општествено-револуционерна дејност на веќе стабилизираниот полуилегален Македонски литературен кружок во Софија што го водеше раководно тело на чело со познатиот поет и македонски национален деец и револуционер Никола Јонков Вапцаров.

Активноста на Кружокот се развиваше континуирано и ангажирано на однапред насочени и подготвени редовни неделни состаноци, но и на разновидни неформални средби, каде што се читаат и се оценуваат литературни творби и компетентно критички се разгледуваат новите подготвени збирки песни, раскази, репортажи, есеи и трактати на членовите, како и на веќе објавени книжевни дела од Македонци (на македонски или на друг јазик) независно од местото на издавањето. Некои од овие материјали се зачувани интегрално или фрагментарно.

Знаменит остана воведниот реферат на Никола Вапцаров на првиот, обновувачки состанок на Кружокот (октомври 1938) што потоа беше вообличен во познатата негова песна - поема „Доклад“ (реферат). Овој текст во извонредната форма во 1963 година се наоѓаше во Домот, музеј Никола Вапцаров, но брзо по нашето прочитување (од сината тетратка) беше засолнат во депото на тогашниот Централен партиски архив на ЦК на БКП во Софија и дури на 15 февруари 1995 година, во весникот „Литературен форум“ беше објавен според еден нецелосен и на крајот фалсификуван препис што го направил Николај Шмиргела во 1994 година.

Патриотски задачи

Овој реферат на Вапцаров ја конципира идната идеолошко-политичка и национално-литературна дејност на Македонскиот литературен кружок во Софија. Вапцаров е мошне критичен кон дотогашната дејност на македонската интелигенција и посебно кон Македонците што пишуваат. Тој зборува за татковината како идеал, за јакнењето на едно поколение ентузијазирано од лозунгот „Слободна и Независна Македонија“ како програмски стремеж, зашто се работи за најважната етапа од македонското прашање во последниве години. „Но, ако ние милееме за својата татковина,“ - им се обраќа Вапцаров на кружочниците - „ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала искра од благороден патриотизам, овојпат треба да го впрегнеме, ропски да го впрегнеме за да понесеме дел од тежината на едно дело и жестоко величие на една епоха.“ Тој самокритички прашува: „Што направивме ние, другари, за да го помогнеме политичкиот процес? Направивме ли нешто системно, организирано? Се помачивме ли барем да создадеме убедување дека постои македонска книжевност? Се помачивме ли со своите слабички сили да создадеме впечаток дека постојат група луѓе што пишуваат што не ја заборавиле својата татковина?... Ние требаше да бидеме авангарда, така по свое, а останавме назад.

Мнозина од нас беа во чекор со политичкие лозунзи на моментот, но колцина го почувствуваа во срцето македонското прашање? Колцина му дадоа жива форма? На што се должи тоа? Само затоа што сме малечки таленти ли? Несреќата не е само таму. Несреќата беше што ние ги кажувавме репликите секогаш по политичкиот суфлер. И народецот, простиот народец, лебарскиот работник, гладниот земјоделец, ситниот чиновник, не го почувствуваа нашето постоење и оттаму не ја почувствуваа и борбата.“

И Вапцаров, како во песната после преминува кон конкретните насоки: Нашите задачи? Та ние имаме толку работи да кажеме. Еден старец умира и пред смртта го мами зеленото спокојство на гробиштата во родното село, крстот на неговата мајка, топлината на родната земја. Еден млад ја ора тука земјата, а мисли дека таму таа некако поинаку мириса, дека ветерот е подруг, дека ѕвездите се ниско, многу ниско, дека ако наутро се качиш на Али - ботуш, ќе го фатиш сонцето, дека старата на Чисти понеделник мисли за крупните кавалски маслинки, дека младата пее за шарената чаршија во Струга. Што мислите? Романтика и конзервативизам? Но слушате, пријатели, тоа живее во душата на народот. Ако вие му расправате како некое попросветно момче врбува и всадува македонска свест во понепросветен, ако му ги дадете бескрајните доводи на просветниот, кој му расправа оти е срамно да не се чувствува Македонец и дури потоа го заведете во својот кружок, каде што другите исто така теоретизираат, бидете сигурни дека ништо нема да излезе.

Национална жед

Нашата задача, значи, е сложена, - продолжува Вапцаров - зашто треба да го фатиме животот не клекнат, туку движејќи се со моторна сила на авион. И уште посложена, зашто обично се пишува искрено кога пред себе имаш едно зовриено движење што ти дава крилја. А од друга страна, рековме дека само политички не се изградува едно движење, рековме дека теба уметност што да стигне во низините и да распали една национална жед. Што се добива всушност? Еден круг, чија почетна точка не се знае. И треба да се повлече всушност тангента што да допира до една точка што се вика хармонија меѓу политичката концепција и уметноста. Политичката концепција често ќе ја испраќа уметноста да го трасира патот или обратно. Но, неизбежната цел и на двата фактора ќе биде народносната свест. За нас се создава недогледно поле за работа. Македонскиот фолклор е толку богат. Ние треба да го изучуваме во неговите најтенки подробности. Ние треба да им влеземе под кожата на оние што го носат уште жив во себе. А тоа се старите луѓе што носат неизмерливи богатства. Тоа се зборниците со фолклорен материјал. При проучувањето на вториве, меѓутоа, треба да бидеме особено внимателни, зашто не се ретки случаите на фалсификувања или на авторски амбиции што сервираат неочекувани невкусности. За нас, особено за белетристите, е апсолутно неопходно да ги познаваат карактерите, обичаите, носиите, јазикот и типичното преовладување на некои изрази, зборови и слики. Потоа Вапцаров ги потенцира најглавните национални задачи на македонските писатели: Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на нашето национално-револуционерно движење - Илинден, Гоце, Даме, битките. Нивната смрт и подвизите на многу непознати. Треба да се создаде таканаречената револуционерна романтика што е составен дел на уметничкиот реализам.

Не мислете дека сето тоа ќе стане во еден здив. Не заборавајте дека ако со нешто го покажеме своето постоење, своите усилби, одоздола ќе изникнат други што далеку ќе не надминат. Вистина е дека работите никогаш не тргнуваат како наивен часовник. Ќе се сретнат мачнотии, но тие нема да бидат толку оштествени, колку внатрешни - во самите нас. Тие мачнотии, според своите сили, ќе ги преодолееме, но треба страшно напрегање и себеоткажување. Треба да запнеме машки. Што се бара всушност од нас? Многу. Мошне многу. Барем од оние што сме собрани овде. Ние сме Македонци. И нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза. За мнозина ќе биде тешко се да тргне така како во ждоброто старо времеж. По мое, тоа е главната причина, другото е резултат.

Се разбира дека при една посериозна анализа би требало да се разгледа битот. Не помалку битен од него е културниот фактор што ја вклучува историјата и главно историјата и легендата за револуционерното движење, песните, јазикот и др.

По потцртаниот шовинизам на поробителите, кој одвраќа, отуѓува, станува некаква изолациона преграда помеѓу власта и поробените и создава противдејствена сила....

Така, со незавршена реченица завршува досега пројавениот дел од програмскиот документ на Кружокот што го формулирал своерачно Никола Ј. Вапцаров во октомври 1938 година. Бидејќи на времето, како што сведочи Шмиргела, бил размножен во неколку примероци, постои надеж дека е зачуван и преостанатиот текст од рефератот и дека еден ден ќе и биде даден на увид на бугарската и на пошироката научна јавност.

Во истиот октомври Вапцаров прави реферат и за две песни на Ангел Жаров (Михаил Сматракалев) и уште на почетокот ја истакнува тематската определба дека Ангел Жаров е на најправилниот пат од сите нас што сме обединети од стимулансот - Македонија, зашто тој не го заборавил својот општествен долг, зашто тој единствен од присутните луѓе ја има како доминантен мотив во своето творештво нашата татковина.

Поставувајќи ги Македонија и македонското прашање во еден таков национален и меѓународен контекст, Антон Попов забележува дека воспримањето или одречувањето на идејата за македонската нација се оцртува како пробен камен за Македонците и нивната ориентација, за политичкиот пат што треба да се следи, зашто тоа прашање единствено сега може да легне во основата на лозунгот за слободна и независна Македонија. Притоа не заборава да потсети дека црносотниците, агентите на бугарскиот и италијанскиот империјализам ги таксуваат тие повици како српско дело. Тие - вели - одамна се скарале со македонската историја, со традициите во македонското ослободително движење, за да може да се очекува од нив друго становиште. Тие никогаш не биле близу до македонскиот народ, до македонските народни маси, за да можат да ги сфатат настанатите промени во мирогледот и ориентацијата на тие маси, па затоа сонуваат за Велика Бугарија, за обединување на бугарското племе, за животен простор итн. Но за слободна Македонија тие не сакаат ни да мислат, за македонска нација тие уштге помалку сакаат да чујат.

Луѓе без корен

Нагласувајќи дека тие противници на македонскиот национален развиток ги величаат Хитлер и Мусолини и се наполно во услуга на бугарската влада во спроведуваната од неа политика за постигнување на националните идеали, дека засекогаш го загубиле сето свое македонство, Попов и го заклучува своето фрагментарно зачувано излагање со зборовите: Но, токму затоа што имаме такви противници, токму затоа што Македонија е објект на нови империјалистички посегања, арена на империјалистичкиот фронт, ние сме должни да бидеме со еден непоколеблив и јасен македонски поглед, способни да им дадеме аргументирана заштита на своите убедувања, способни да ги разоткриваме и разобличуваме провокациите и намерите на разните посегнувачи кон Македонија.