Набљудување на птици или птичарење е процес на проучување на птиците со голо око преку направа за подобрена видливост, каква што е двогледот, или преку слушање на звуците кои ги испуштаат птиците. Набљудувањето на птиците често вклучува значајна слушна компонента, бидејќи многу видови птици побрзо се идентификуваат преку слушање, отколку преку гледање. За разлика од орнитолозите, кои се занимаваат со изучување на птиците користејќи поформални научни методи, за повеќето набљудувачи на птици оваа активност претставува еден вид на хоби (за рекреација или од социјални причини).

Птичарење, набљудување на птици и трагање по птици

Терминот набљудување на птици за првпат бил употребен во 1901 година; терминот птичарење е воведен како именка во 1918 година. Овој термин бил исто така употребуван за практика во ловење, како во извадок од Шекспировата комедија “Веселите жени од Виндзор” (1602): “Таа тажи господине... утрово нејзиниот маж отиде на птичарење”. Денес, термините птичарење и набљудување на птици се употребуваат како синоними, иако многу учесници претпочитаат да го користат терминот птичарење, бидејќи не го исклучува слушниот аспект, како и бидејќи нема негативни конотации.

Терминот трагач по птици, честопати погрешно протолкуван како птичар, се однесува на оние кои поминуваат големи растојанија за да видат некоја ретка птица, која потоа ќе биде означена на листа. Терминот води потекло од 1950те години, кога бил употребен со цел да го опише нервозното поведение на Хауард Медхрст, британски набљудувач на птици. Често, главната цел на трагањето по птици е правење список на видови птици. Некои птичари се натпреваруваат меѓусебно во собирање на најдолгата список на видови птици. Самиот акт на правење листа е наречен трагање или потера. Редок вид на птица која останува во фиксна позиција доволно долго, се смета дека е лесно забележлива птица.

Трагањето по птици е доста развиено во Велика Британија, Холандија, Данска, Ирска, Финска и Шведска. Големината на овие земји овозможува брзо и лесно патување по нив. Најпознатите трагања по птици во Велика Британија навлекле големи групи на луѓе; на пример, група од приближно 5.000 луѓе патувале до Кент, Англија, за да видат златокрило цврцорче. Трагачите по птици имаат свој сопствен вокабулар. На пример, трагач кој не успеал да види некој редок вид на птица “ја оплескал работата”; доколку другите трагачи ја видат таа птица, тој може да се чувствува “помалку вреден од другите“. Премолчување е акт при кој еден трагач го сокрива фактот дека видел некој редок вид на птица од другите трагачи.

Историја на набљудување на птиците

Ран интерес за набљудување на птиците е откриен уште во доцниот 18 век, во делата на Гилберт Вајт, Томас Бевик, Џорџ Монтагју и Џон Клер, повеќе заради нивната естетска отколку практична вредност. Иако изучувањето на птиците и науката за природата биле модерни во Британија уште за време на Викторијанската ера, главно предмет на интерес било собирање јајца, а подоцна и кожи. Некои богати колекционери ги користеле своите контакти во колониите со цел да добијат примероци од целиот свет. Дури во доцниот 19 век, повикот за заштита на птиците започнал да води кон подигање на популарност на набљудување на живи птици. Природозаштитното друштво „Одибон“ е основано за заштита на птиците од зголемената продажба на пердуви во Соединетите Американски Држави, додека пак во Британија е формирано Кралското друштво за заштита на птици (РСПБ). Терминот “набљудување на птици” за првпат се појавил како наслов на книгата “Набљудување на Птици” од Едмунд Селоус, во 1901 година. Во Северна Америка, идентификувањето на птици, кое некогаш се сметало за возможно само со нивно убивање, било овозможено со појава на оптиката, како и водичи за идентификација на терен. Првиот теренски водич во Соединетите Американски Држави е “Птици преку двоглед” (1889) од Флоренс Бејли. Во Северна Америка, птичарењето влегло во фокус во раниот и средниот 20 век, во источниот крајбрежен регион, а инспирација претставувале делата на Лудлов Гриском и подоцна Роџер Тори Питерсон.

Организирањето и мрежното поврзување на оние кои биле заинтересирани за птиците започнало преку организации како друштвото „Одибон“, кое било против убивање на птици, и Американскиот орнитолошки сојуз (АОУ). Зголемената популарност на автомобилот ја олеснила подвижноста на набљудувачите на птици, а со ова се овозможиле нови достапни локации за сите оние кои се заинтересирани за птици. Мрежи на набљудувачи на птици во Велика Британија почнале да се формираат во доцните 30-ти години 20 век, под Британската фондација за орнитологија (БТО). Фондацијата открила потенцијал за изнесување на научни резултати преку мрежите, спротивно на Кралското друштво за заштита на птици (РСПБ), кое, како и друштвото „Одибон“, потекнува од движењето за заштита на птиците. Како и АОУ во Северна Америка, БОУ се фокусирало главно на таксономија заснована на збирки. БОУ го пренасочило својот интерес на екологијата и поведението на птиците дури во 40те години од 20 век. РСПБ му се спротивставило на стремежот на БТО за “организирано набљудување на птици”, бидејќи друштвото тврдело дека правењето наука од рекреациско набљудување на птици било непожелно. Овој став се променил во 1936 година, кога РСПБ било преземено од страна на Том Харисон и други. Харисон бил од голема помош во организацијата на пионерски истражувања за цуцулестиот нуркач.

Олеснатата подвижност на набљудувачите на птици овозможила книгите како “Каде можеме да гледаме птици” од Џон Гудерс , да станат бест-селери. До 60те години од 20 век веќе било возможно да се лета и се укажале можности за далечни одредишта за одмор, а во 1965 година се отворила првата британска компанија која организирала тури за набљудување на птици, Орнитхолидејс, од страна на Лоренс Холовеј. Патувањето на далечни одредишта направило проблем во користењето на имиња на некои британски птици, како "обично камењарче", "чапја" и "селска ластовичка", чии имиња имале потреба од придавки, за да се разликуваат од некои сродни видови. Паѓањето на цените на летовите овозможило патувања до далечни одредишта за набљудување на птици на голем број луѓе во 80те години. Се зголемила потребата за глобални водичи за птици, а проектот “Прирачник за птиците во светот”, бил еден од најголемите прокети, започнат во 90те години, од страна на Хосеп Дел Ојо, селски доктор во Каталонија, Хорди Саргатал и орнитологот Енди Елиот.

Најпрво, набљудувањето на птици било хоби карактеристично за развиените земји, како САД и Велика Британија. Меѓутоа, од втората половина на 20 век голем број на луѓе од земји во развој исто така започнале со оваа активност. Интернационалното птичарство играло важна улога во ова, бидејќи граѓани од земји во развој кои почнале со набљудување на птици најчесто ја усовршувале оваа разонода поради влијание од туѓите култури кои веќе се занимавале со птичарство.

Развој и економија

Во 20 век, поголем дел од набљудувањето на птици се случувало на источниот брег. Издавањето на теренскиот водич на Роџер Тори Питерсон во 1934 година, довело до првобитниот пораст на птичарењето. Двогледите биле полесно достапни по Втората светска војна. Обичајот на поминување големи растојанија за да се види некој редок вид на птица бил исто така помогнат од растечката популарност на колите.

Изданието на “Сиблиевиот водич за птици” во 2000 година се продал во 500.000 копии до 2002 година. Се покажало дека бројот на набљудувачи на птици се зголемил, но кај аматерското гледање на птици се забележал пад.

Околу 4% од граѓаните на Северна Америка биле заинтересирани за набљудување на птици. Во 70те и средината на 80те години, најмалку 11% од граѓаните набљудувале птици во најмалку 20 денови од годината. Било пресметано дека постоеле 61 милион птичари во доцните 80-ти години. Се констатирало дека нивото на приход од птичарите го надминувало просекот.

Според истражување на Американската служба за риби и диви животни, набљудувачите на птици придонеле 36 милијарди американски долари за економијата во САД во 2006 година, а една петтина (20%) од сите американци се изјаснуваат како набљудувачи на птици.

Било проценето дека птичари од Северна Америка потрошиле речиси 32 милијарди американски долари во 2001 година. Потрошувачката низ светот е во постојан пораст. Според направена проценка, националниот парк Кушценети (КНП) на езерото Куш во Турција привлекувал птичари кои трошеле речиси 103.320.074 американски долари годишно. Турите за набљудување на птици со водич станале најголем бизнис, со најмалку 127 компании кои нуделе тури насекаде низ светот. Просечно патување во помалку развиена земја чинело $4000 по човек и вклучувало околу 12 учесници за секое од 150те патувања во годината. Било предложено дека овој економски потенцијал треба да се искористи за заштита на птиците.

Активности

Повеќето набљудувачи на птици постојано внимаваат на птиците околу нив, но сепак редовно патуваат на карактеристични одредишта за набљудување на птици. Најактивни периоди од годината за набљудување на птици во умерените појаси се оние за време на пролетните или есенските миграции, кога може да се видат мноштво разновидни птици. Голем број на птици летаат северно или јужно, со цел да пронајдат поволни места за презимување или гнездење. Рано наутро е најдобриот период од денот за набљудување на птици, бидејќи тогаш тие се поактивни и погласни, што ги прави полесно забележливи.

Места какви што се локалните шумски петна, мочуриштето и брегот, се поповолни, во зависност од локацијата и годишното време. Набљудување на море е вид набљудување на птици покрај брег, на пример ‘рт, каде набљудувачите ги гледаат птиците кои летаат над морето. Ова е една форма на пелагично набљудување, каде се набљудуваат пелагични видови птици. Друг начин на набљудување пелагични видови птици е набљудувањето од морски пловила.

Временските услови се доста важни за појавување на ретки видови птици. Во Британија, поволен ветер може да доведе до промена на правецот на преселба и прилив на птици од истокот. Во Северна Америка, птици фатени од “опашката” на ураган можат да бидат одвеани кон внатрешноста на земјата.

Мониторинг

Набљудувачите на птици може да учествуваат во правењето попис на популацијата на птици и миграциските одлики, понекогаш специфични за одреден вид. Овие набљудувачи на птици, исто така, може да ги избројат сите птици во дадена област, како случајот со “Божиќното броење на птици” на птици, или да се водат според внимателно направени истражувачки протоколи. Овој вид на “граѓанска наука” може да помогне во откривањето на еколошките закани врз благосостојбата на птиците или, обратно, во добивањето резултати од инцијативи за управување со животната средина кои постојат за да се погрижат за опстанокот на загрозени видови или за да го помогнат размножувањето на видови, за естетски или еколошки цели. Оваа научна страна на хобито е аспект на орнитологијата, предводен во Велика Британија од страна на Британската фондација за орнитологија (БТО). Во САД, Одделот за орнитологија на Корнел универзитетот е домаќин на многу граѓански научни проекти, со цел да го открие бројот и распространетоста на птици низ Северна Америка. Овие истражувања им помагаат на научниците да забележат поголеми промени од година во година, кои можат да бидат резултат на климатски промени, болести, грабливост и други фактори.

Образование за животната средина

Поради нивната достапност и сеприсутност, птиците се корисна алатка за образование за животната средина и свесноста за проблемите поврзани со животната средина. Птиците лесно ги пренесуваат природните вредности и кревкоста на екосистемите.

Натпреварување