Општина Делчево — општина во Источна Македонија. Центар на општината е градот Делчево. Географската површина изнесува 423 км2 и живеат околу 17.713 жители. Во Делчево се има 22 населени места и тоа: градот Делчево и селата: Бигла, Ветрен, Вирче, Вратиславци, Габрово (Делчевско), Град (Делчевско), Драмче, Ѕвегор, Илиово, Киселица, Косово Дабје, Нов Истевник, Очипала, Полето, Разловци, Селник, Стамер, Стар Истевник, Тработивиште, Турија и Чифлик (Делчевско). Градот го носи името на гордоста на македонскиот народ - Гоце Делчев. Во минатото општината била позната и под името „Царево Село“.

Географска положба На 164 км источно од Скопје, во подножјето на планината Голак, распослан на двата брега на реката Брегалница лежи бисерот на источна Македонија, градот Делчево. Тоа е најголемо населено место во областа Пијанец, која се протега на површина од 453 км2, сместена помеѓу Осоговските планини (на север) и Малешевските планини (на југ).

center|thumb|left|Центарот на Делчево

Градот лежи на надморска височина од 590м до 640м. И покрај тоа што се наоѓа во најисточнот дел од државата Делчево има релативно добра географска положба и сообраќајна поврзаност. Тоа е крстосница за источна Македонија. Преку Пехчево (27 км) и Берово (34км) е поврзано со Струмица на југ, а преку Македонска Каменица (22км) и Кочани (48км) е поврзано со Штип на северозапад. На запад на 39 км, се наоѓа Виница, а граничниот премин „Арнаутски гроб“ е на исток, на оддалеченост од 11 км.

Сите рурални населби и рекреативниот центар Голак со градот се поврзани со асфалтни патишта од регионален и локален тип, додека, пак, до граничниот премин е изграден современ магистрален пат. Најоддалечено населено место од општинскиот центар е историското село Разловци (17.5 км).

center|thumb|right|Географска положба на општина Делчево

Историја Делчево, според едно предание во византиско време се викало Василево, што преведено од грчки значи Царево Село. За првпат како населба Царево Село се споменува во една повелба на Цар Душан од 1347 до 1350 година. со неа тој му подарил повеќе места и ниви од Пијанец на манастирот од Лесново. Во турско време Делчево се викал и Султанија.

До 17 век населбата лежела на десната страна на реката Брегалница на денешниот топоним Селиште, поточно под ридот Острец близу до патот што води за Р.Бугарија. Од првите векови на турското владеење за положбата на Делчево нема многу податоци. Во средината на 17 век во неговата околина претстојувал султанот Мехмед IV. Во времето на неговата посета на Пијанец врз населението е извршено масовно потурчување. Поради зулумот и притисокот многу македонски населби опустеле, а меѓу нив и тогашното Царево Село. Се претпоставува дека во времето на тој султан населбата е преместена на денешното место на левата страна на реката Брегалница. Како доказ се наведува и градската џамија изградена во 17 век.

Но, на размислување упатува тоа што турскиот патописец Евлија Челебија тука поминал само неколку години подоцна во 1670 год. и во својот Патопис запишал: “Од Виница се поткачивме на кочанската планинска рудина, движејќи се низ клисурата и по четири часа стасавме во Царево Село. Ова е муслиманско село расположено во полите на една планина и е украсено со околу 100 куќи и една ѓевѓирана со минаре чудесна џамија.

Треба да се спомене и народното предание кое вели дека населбата под ридот Острец се запустила кога владеела болеста чума и преживеаното население се населило на местото каде што денес е Делчево.

Како најстар дел на градот се смета турската колонија што се создала околу џамијата. Според Јаранов, сè до 19 век Делчево било село, турска колонија, населена со чистокрвни Турци и голем дел потурчено население, наречено помаци кое не го знаело турскиот јазик. Само неколку фамилии биле македонски.

Кон средината на 19 век почнала да се развива чаршијата и да расте населбата, а воедно и да се зголемува македонското население. Откако се исполнил просторот во Средно маало, започнало ширењето преку Гочо Поток т.е. горно маало или денешен I реон. Во 1863 г. во Делчево имало 75, а во 1873 г. 109 македонски куќи.

Во 1856 година била завршена изградбата на црквата околу која главно било населено македонско население кое бегало од турските зулуми во околните села. Поголемо иселување на македонското нселение од овој крај имало во 1878 год. поради турскиот притисок по Руско-турската војна. Во тоа време имало поголемо населување на турско население од Бугарија, па дури и од Босна и Херцеговина. Околу 150 македонски домаќинства од селата и градот се иселиле во Ќустендилско. Придојденото турско население, наречено “Маџирци” се населило во Маџирско маало, денешниот III реон на градот.

На левата страна покрај реката Брегалница, на тесниот рамен простор каде што биле мегданите и ановите, започнала градбат на трговските и занаетчиските дуќани покрај двете тесни улици. Со тоа конечно се формирала чаршијата и Делчево прераснало во градска населба.

За време на балканските војни голем број на турското население го напуштило градот, така што во 1914 година бројот на жители изнесувал 1701. По овие војни дошла нова македонска населеничка струја од околните села, а најмногу од пасивните села Бигла, Селник и Драмче кои ги купувале турските имоти.

Во 1931 год. бројот на населението се зголемило на 3746 жители. По оваа година доброволно продолжило иселувањето на турското население во Турција, особено во 1953 година. Во 1935 година започнале да се градат првите куќи на десната страна на реката Брегалница. По ослободувањето во 1950 година Царево Село е преименувано во Делчево. Во шеесеттите години гратчето се прошири на десната страна на река Брегалница, а во седумдесеттите и на ридот Милково Брдо. Со порастот на вработените во работни организации во Делчево, растеше и бројот на населението во него. Денес Делчево е модерна градска населба со широки асфалтирани улици и булевари, канализациона мрежа и со паркови и зеленило.

Клима Климата во општина Делчево е континентална источноевропска со изменет плувиометриски режим. Просечната годишна температура во Делчево за периодот од 2001 - 2017 година изнесува 10.2°С, со апсолутен минимум од -28,5°С забележан на ден 19.02.1985 година и апсолутен максимум од 40,5°С забележан на ден 24.07.2007 година, додека на планините просечната годишна температура паѓа до 3,5°С. Најтопол месец е август, а најстуден е јануари. Пролетта е секогаш постудена од есента. Облачноста не е голема, така што во годината доминираат сончеви и ведри денови. Просечните годишни количини на врнежи во Делчево за периодот од 2001 - 2017 година изнесуваат 606,7 мм, а на планините над 1.600 м.н.в. и до 1.000 мм. Дневен апсолутен максимум на врнежите во Делчево изнесува 105,0 mm и е измерен на 29.06.1957 година. Врнежите, иако се релативно ниски, нивниот распоред во вегетациониот период (април-септември) е поволен и изнесува над 50% од вкупните годишни врнежи. Вегетациониот период со температура повисока од 10°С трае 191 ден во текот на годината. Ваквата поволна клима овозможува виреење на разни растенија, а воедно претставува и многу погоден природен услов за развој на туризмот во овој крај.

Демографија Според пописот од 2002 година има 17.713 жители Народ ВкупноУдел (%) Македонци 16.744 95,04 Албанци 7 0,04 Турци 201 0,70 Роми 474 3,72 Власи 1 0,02 Срби 42 0,20 Бошњаци 0 0,00останати 36 0,28

Вероисповед Вкупно православни 15.948 муслимани 773 католици 3 протестанти 4 останати 777

Јазик Вкупномакедонски 16.744албански 7турски 201ромски 474влашки 1српски 42бошњачки 0 останати 36 Од анализа на демографската состојба во руралниот дел на општината, бројот на жители по домаќинство, старосната структура на населението и слично, извлечени се заклучоци за перспективите и опстанокот на одредени селски населби, а особено на оние од т.н. раштркан тип (населби со повеќе маала оддалечени значително од централниот дел на руралната средина). Ваквиот тип на населби главно се наоѓа во ридско-планинските подрачја, каде обработливото земјиште има ниска бонитетна вредност и каде опстанокот на населението претжно се засновува на користењето на пасишта и шуми. За разлика од овој тип на населби, селата со збиен тип се распространети во рамничарските делови или по рабовите на планинските огранци.

Резултатите од следењето на состојбите укажуваат дека во Општина Делчево 9 селски населби со вкупно население од 1.102 жители (15,4% од селското население) имаат домаќинства кои во просек се составени од 2,65 членови. Вака малиот број на членови по домаќинство покажува дека во овие населби преовладува старечката категорија со мал или никаков прираст. Поради ваквата состојба, перспективите на овие села се безначајни и истите се осудени на бавно биолошко изумирање.

Во 6 селски населби во општината со вкупно население од 2.698 жители (37,6 % од селското население) домаќинствата во просек имаат по 3,17 членови. Старечкото население во овие села е најголемо, но не преовладува, што дава надеж дека овие населени месѕа можат да се одржат доколку благовремено се потпомогне нивниот стопански развој. Во Општина Делчево има 5 селски населби со вкупно население од 3.256 жители (45,4% од селското население) кои во просек имаат по 3,75 членови по домаќинство. Во овие населби преовладува работоспособно население и населението од возрасните групи до 17 години, додека старечкото население е во нормални граници. Во овие населени места, покрај развојот на сточарството и овоштарството, треба да се развиваат и некои преработувачки капацитети. Со тоа ќе се намали стремежот за мигрирање на населението кон општинскиот центар или во други средини во земјата и во странство.

center|left|thumb|Панорама на Делчево

Население и населби во општина Делчево Општина Делчево до 1996 година беше една од 34-те општини на Република Македонија. Во 1990 година општината имаше 26.315 жители или 1,2% од населението на Р Македонија. населението во тој период беше поделено во 30 населби, вклучувајќи ја и градската населба Делчево. Во градот беа концентрирани 34% од населението на општината, а останатиот дел беше распореден во селски населби и во една населба од мешовит тип (Македонска Каменица). Со новата територијална поделба на Република Македонија, со која беа формирани 123 општини, од Општина Делчево е издвоена општината Македонска Каменица, така што денес зафаќа територија од 423 км2 со 2/3 од населението на старата Општина. покрај општинскиот центар Делчево, во општината има и 22 селски населби.

Според новата територијална поделба, а во согласност со податоците од последниот попис во 1994 година, вкупниот број на населението во Општина Делчево изнесувал 17.726 жители, од кои 10.554 се жители на градит, а 7.172 жители во руралните средини. Од руралните населби во Општина Делчево, 5 села имале помалку од 100 жители (Вратиславци, Киселица, Косово Дабје, Селник и Чифлик), 7 села се со 100 до 300 жители (Ветрен, Илиово, Нов Истевник, Очи Пала, Стар Истевник, Турија и Полето), во 3 села биле регистрирани помеѓу 300 и 500 жители (Бигла, Драмче и Стамер), додека 6 села имале над 500 жители (Град, Вирче, Тработивиште, Габрово , Ѕвегор и Разловци). Најголема селска населба претставува Ѕвегор со 949 жители, а потоа следуваат Разловци со 907 жители, Габрово со 829 жители, Град со 696 жители итн. Наталитетот во Општина Делчево во 1998 година изнесувал 10,7 живородени на 1.000 жители и е нешто понизок од просекот во Република Македонија кој изнесувал 14,6 живородени деца на 1.000 жители. Морталитетот во општината во 1998 година изнесувал 9,9 умрени на 1.000 жители и е нешто повисок од просекот во Република Македонија кој изнесувал 8,4. Според пописот од 1994 година, во градот имало 2.977 домаќинства или 57,3%, а во руралните средини 2,216 домаќинства или 42,7% од вкупниот број на домаќинства во општината.