Стојан Везенков (1828 - 19 јануари 1897) — познат мајстор-градежник, еден од првите дејци за организирање македонско-албанска соработка за ослободување од османлиското господство, учесник во македонското револуционерно движење и активен учесник во противосманлиските војни на Балканот.Александар Матковски, „Отпорот во Македонија во времето на турското владеење“, том три, Мисла, Скопје, 1983.
Животопис Устабашија Како заможен градежен претприемач (устабашија), 25 години е на високо платена турска државна служба и изведува клучни градежни објекти во Битола (ја гради и воената касарна во градот) и добива султанови признанија и привилегии. По порачка од турската влада гради мост на Марица кај Одрин и на Нишава кај Ниш.
Револуционерна дејност Меѓувремено се зближува со влијателни месни турски личности, но и со угледни албански првенци. По Кримската војна, од 1861 г. лично контактира и со руските дипломатски претставници во Битола, во Солун и во Цариград Хитрово, Лаговски и Лобанов и добива не само морална, туку и материјална помош за организирање востанички активности во Македонија и во Албанија.
Агент на српската влада мини|десно|250п Патува по Балканот, се запознава и со српскиот дипломатски претставник во Цариград Јован Ристиќ, стапува во тајна врска со српската влада и го префрла семејството во Србија. Во духот на програмата на Милутин Гарашанин и идеологијата на кралот Михајло Обреновиќ, во 1867 г. се обидува да организира оружено востание во Македонија и во Албанија.
Апсење Уапсен е од турските власти на српско-турската граница и по повеќемесечен затвор во Ниш е осуден на смрт, но при бесењето се скинува јажето и е оставен на доживотен затвор. По многу интервенции и со лично залагање на рускиот император, султанот го ослободува од затворот.
Учество во борбата против Османлиското Царство Заедно со Иљо Малешевски, Ѓорѓија Пулевски, Димитар Беровски и други Македонци учествува во битките со турскиот гарнизон во Белград, а потоа во востаничките движења во Европска Турција, како и во Српско-турската и во Руско-турската војна (1877–1878). Под непосредно раководство на Михаил А. Хитрово собира доброволци по Србија и Романија и како единствен Македонец е присутен во Цариград при склучувањето на прелиминарниот Санстефански мировен договор.
Семејство Брат му Константин завршува медицина во Русија и како воен лекар е смртно ранет во Руско-турската војна. Син му Владимир се школува во руската Воена академија и станува висок офицер (подоцна доброволец во Првата балканска војна и автор на книга за Македонија).
Последни години Закитен со руски ордени, како пензионер се повлекува со семејството во Русија и животот го завршува во Одеса наполно заборавен и во голема сиромаштија.
Димитрија Чуповски има допири со син му Владимир и е соидејник и соработник со внук му (од брат) А. П. Везенков. Големата слика на Стојан Везенков е постојано во бирото на Чуповски, објавена и во весникот Македонски голос (Македонски глас) со висока оценка дека е виден македонски водач, борец за независноста на Македонија.
Извори
Литература „Историја на македонскиот народ“, Просветно дело, Скопје, 1972. Загорка Присаѓанец-Тодоровска, „Запис за Стојан Везенков (Поглавје од културно-политичката историја на Македонија)“, зб.: Бигорски научно-културни собири 1974-1975, Скопје, 1976. Блаже Ристовски, „Димитрија Чуповски (1878-1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград“, I, Скопје, 1978. Блаже Ристовски, „Портрети и процеси од македонската литературна и национална историја“, I, Скопје, 1989.
Категорија:Македонски војводи Категорија:Луѓе од Крушево Категорија:Родени во 1828 година Категорија:Починати во 1897 година Категорија:Македонски стопанственици