Алиша Аугело Кук (англиски: Alicia Augello Cook; родена на 25 јануари 1981 година), попозната по нејзиното сценско име Алиша Кис, е американска артистка, музичарка и глумица. Таа е израсната од самохрана мајка во областа Хелс Кичен во Менхетен, Њујорк. На седум години, Кис започна да свири класична музика на пијано. Се школуваше во Професионално училиште за изведувачки уметности и матурираше на 16 години како првенец на генерација. Потоа се запиша на универзитетот Колумбија и се откажа од студирањето за да ја продолжи музичката кариера. Кис го издаде својот деби албум со J Records, иако претходно имаше договори за снимање со Columbia и потоа со Arista Records.

Деби албумот на Кис, Songs in A Minor, беше комерцијален успех со продадени над 12 милиони копии низ светот. Таа стана најпродаваниот нов изведувач и најпродаван R&B изведувач за 2001 година. Албумот на Кис ѝ донесе пет Греми награди во 2002 година, како и наградите за „Најдобар нов изведувач“ и „Песна на годината“ за "Fallin'". Нејзиниот втор студиски албум, The Diary of Alicia Keys, беше издаден во 2003 година и имаше голем успех низ светот со 8 милиони продадени копии. Во 2005 година албумот на Кис и донесе уште четири Греми награди. Подоцна, истата година, го издаде својот прв албум во живо, Unplugged , кој дебитираше на првото место во САД. Таа беше првиот женски изведувач чиј албум MTV Unplugged дебитираше на првото место уште од албумот на Нирвана во 1994 година.

Наредните години, Кис се појави во неколку телевизиски серии, започнувајќи со Волшебнички. Нејзиното прво појавување на игран филм беше во „Четирите асови“, а подоцна во 2007 година глумеше во „Дневниците на дадилката“. Нејзиниот трет студиски албум, As I Am, беше издаден истата година и се продаде во над 3 милиони копии низ светот што ѝ донесе на Кис уште три Греми награди. Наредната година таа се појави во „Тајниот живот на пчелите“ со што доби номинација на NAACP Image Awards. Во декември 2009 година го издаде нејзиниот четврти албум, The Element of Freedom, кој беше првиот нејзин албум кој се искачил високо на музичките листи во Велика Британија. За целата нејзина кариера, Кис доби многубројни награди и продаде преку 30 милиони албуми низ светот. Магазинот Билборд ја именуваше како најдобар R&B изведувач за декадата од 2000 – 2009 година и најпродаваниот изведувач во нејзиното време. Во 2010 година, VH1 ја стави Кис на листата за „100 најдобри изведувачи на сите времиња“.

Живот и кариера 1981-1986 година: Младост Кис е родена како Алиша Аугело Кук на 25 јануари 1981 година во областа на Менхетен, Хелс Кичен, во Њујорк, Њујорк. Таа е единственото дете на Тереса Аугело, приправник и повремена глумица, и Крег Кук, стјуард. Мајката на Кис има шкотско, ирско и италијанско потекло, а нејзиниот татко е афроамериканец. Кис изјави дека се чувствува убаво што има потекло од две раси бидејќи така можела „да се поврзе со различни култури“. Нејзините родители се разделија кога Алиша имаше две години и продолжи да живее само со мајка ѝ во Хелс Кичен, Менхетен. Во 1985 година, на четиригодишна возраст, Кис се појави во „Шоуто на Козби“, каде што таа и група девојчиња глумеа гости за преспивање кај Руби Хукстејбл во епизодата „Групно преспивање“. Во нејзиното детство, мајка ѝ ја праќаше на часови по музика и танцување. Кис почна да свири на пијано кога имаше седум години и научи да свири класична музика од композитори како Бетовен, Моцарт и Шопен. На 12 години се запиша во Професионално училиште за изведувачки уметности, каде што пееше во хор и на 14 години започна да пишува песни. Матурираше за три години, на 16 години, како првенец на генерација.

Во 1994 година Кис го запозна долгогодишниот менаџер Џеф Робинсон, откако се запиша во поучилишната програма на неговиот брат. Наредната година Робинсон ја запозна Кис со нејзиниот иден менаџер во Arista Records, Петер Еџ, кој подоцна ги опиша неговите први впечатоци во HitQuarters: „Никогаш не сум сретнал млад R&B изведувач со толку голема музикалност. Многу луѓе само површно ги пеат песните, но таа има способност, не само да биде дел од хип-хопот туку и да оди подалеку од тоа“. ЕЏ му помогна на Робинсон да ја претстави Кис во најдобро светло и учествуваше во развивањето на нејзиниот демо материјал. Тој сакаше самиот да потпише договор со Кис, но во тоа време не можеше бидејќи ја напушташе компанијата. Наскоро Кис потпиша договор со Columbia Records. Во исто време кога потпишуваше договор за снимање со Columbia Records, Кис беше примена на Columbia University. На почетокот Кис се трудеше да ги постигне и двете работи, но по четири недели се откажа од факултетот за целосно да се посвети на музичката кариера.  

1997 – 2000 година: Почетокот на кариерата Кис потпиша демо договор со Џермаин Дупри и So So Def Recordings, каде што се појави на Божиќниот албум на издавачката куќа изведувајќи ја песната "The Little Drummer Girl". Таа исто така напиша и сними песна насловена "Dah Dee Dah (Sexy Thing)", којашто се појави на саундтракот за филмот од 1997 година, „Луѓе во црно“. Песната беше првото професионално снимање на Кис, меѓутоа никогаш не беше издадена како сингл. Нејзиниот договор за снимање со Columbia Records беше прекинат поради недоразбирање со издавачката куќа. Кис не беше задоволна со издавачката куќа бидејќи нејзината кариера стоеше во место две години додека траеше договорот со Columbia Records поради неодлучноста околу нејзината насока и големи промени во компанијата. Кис го повика Клив Дејвис, кој примети „посебен и единствен“ изведувач по нејзиното настапување и ѝ помогна да потпише договор со Arista Records, која подоцна се распушти. Кис за малку ќе го избереше Вајлди како нејзино сценско име, но нејзиниот менаџер ѝ го предложи името Кис поради некој негов сон. Кис мисли дека името ја претставува неа и како изведувач и како личност. Следејќи го Дејвис во неговата ново оформена издавачка куќа J Records, таа ги сними песните "Rock wit U" и "Rear View Mirror", кои се најдоа на саундтраците за филмовите „Шафт“ (2000 година) и „Д-р Дулитл 2“ (2001 година).

2001 – 2002 година: Songs in A Minor Кис го издаде својот прв студиски албум, Songs in A Minor, во јуни 2001 година. Албумот дебитираше на првото место на Billboard 200 и се продаде во 236 000 копии во првата недела. Над 6,2 милиони копии од албумот се продадоа во САД каде што беше сертифициран шест пати како Платина од страна на Recording Industry Association of America (RIAA). Продолжи да се продава во над 12 милиони копии низ светот со што ѝ овозможи на Кис да стекне популарност како во САД така и пошироко и стана најпродаван нов изведувач и најпродаван R&B изведувач за 2001 година. Првиот сингл од албумот, "Fallin'", помина шест недели на првото место на Billboard Hot 100. Вториот сингл од албумот, "A Woman's Worth", се искачи на третото место на истата музичка листа. Наредната година, албумот беше реиздаден како Remixed & Unplugged in A Minor, на којшто имаше 8 ремикси и седум верзии во живо на песните од оригиналните албуми.

Албумот Songs in A Minor на Кис ѝ донесе пет награди на Греми наградите во 2002 година и тоа за „Песна на годината“, „Најдобар женски R&B изведувач“, „Најдобра R&B песна“ за “Fallin’” потоа за „Најдобар нов изведувач“ и за „Најдобар R&B албум“. Песната “Fallin’” беше номинирана и за „Запис на годината“. Кис беше вториот женски соло изведувач кој добил пет Греми награди во една вечер, по Лорин Хил на 41-те Греми награди. Истата година соработуваше со Кристина Агилера за вториот албум Stripped на песната “Impossible”, која што Кис ја напиша, ја ко-продуцираше и ги пееше придружните вокали. На почетокот на 2000 година Кис накратко се појави и на телевизиските серии „Волшебнички“ и „Американски сонови“.

2003–2005 година: The Diary of Alicia Keys и Unplugged Во декември 2003 година Кис го издаде албумот The Diary of Alicia Keys. Албумот дебитираше на првото место на Billboard 200, продавајќи се во над 618 000 копии во првата недела од издавањето, со што Кис стана најпродаван женски изведувач во првата недела. Албумот се продаде во 4,4 милиони копии во САД и беше четири пати сертифциран како Платина од RIAA. Се продаде во осум милиони копии низ светот, постанувајќи шестиот најпродаван албум од женски изведувач и вториот најпродаван албум од женски R&B изведувач. Песните "You Don't Know My Name" и "If I Ain't Got You" се искачија меѓу првите пет места на музичката листа Billboard Hot 100 а третата песна "Diary", беше меѓу првите десет песни. Четвртиот сингл "Karma", имаше помал успех и се искачи само на 20-тото место на Billboard Hot 100. "If I Ain't Got You" беше првиот сингл од женски изведувач којшто останал на музичката листа Billboard Hot R&B/Hip-Hop Songs повеќе од една година.

Кис доби награда за „Најдобро R&B видео“ за "If I Ain't Got You" на MTV видео музичките награди во 2004 година. Таа ги изведе песните "If I Ain't Got You" и "Higher Ground" заедно со Лени Кравиц и Стиви Вондер. Подоцна, истата година, Кис го издаде својот роман Tears for Water: Songbook of Poems and Lyrics (Солзи наместо вода: Збирка на текстови од песни и поеми) колекција од неиздадени поеми од нејзините дневници и стихови. Насловот потекнува од една од нејзините поеми, “Love and Chains” од стихот: „Не ми пречи да ги пијам своите солзи наместо вода“. Кис рече дека насловот е темелот на нејзиното пишување бидејќи „сè што имам напишано произлегло од моите солзи од радост, од болка, од тага, од депресија, дури и од двоумење“. Книгата заработи 500 000 американски долари и со тоа Кис влезе во списокот на бестселери на „Њујорк Тајмс“ во 2005 година. Наредната година, Кис доби втора последователна награда за „Најдобро R&B видео“ на MTV видео музичките награди за видеото за песната “Karma”. На Греми наградите во 2005 година, Алиша ја изведе песната "If I Ain't Got You", а потоа им се придружи на Џејми Фокс и Квинси Џонс во препевот на "Georgia on My Mind", песната на Хоги Кармајкл испеана од Реј Чарлс во 1960 година. Вечерта Кис доби четири Греми награди и тоа „Најдобра женска вокална R&B изведба“ за "If I Ain't Got You", „Најдобра R&B песна“ за "You Don't Know My Name", „Најдобар R&B албум“ за “The Diary of Alicia Keys”, и „Најдобра R&B изведба за "My Boo" со Ашер.

Кис ги изведе и ги сними нејзините настапувања на сериите MTV Unplugged во јули 2005 година во Музичката академија во Бруклин. За време на ова снимање, таа направи неколку промени на нејзините оригиналните песни и изведе неколку преработки за избор. Овие снимки беа издадени на ЦД и на ДВД во октомври 2005 година. Едноставно насловен како Unplugged, албумот дебитираше на првото место на музичката листа во САД со продадени над 196 000 копии само во првата недела од издавањето. Албумот се продаде во над еден милион копии во САД, каде што беше сертифициран како Платина од страна на RIAA, а две милиони копии низ светот. Албумот на Кис, Unplugged, беше првиот албум од MTV Unplugged албумите кој дебитирал на првото место од албумот на Нирвана од 1994 година, MTV Unplugged in New York и првиот албум од женски изведувач кој дебитирал на првото место. Првиот сингл од албумот, "Unbreakable", се искачи на 34-тото место на Billboard Hot 100 и на четвртото место на Hot R&B/Hip-Hop Songs. Синглот остана на првото место на Billboard Hot Adult R&B Airplay цели 11 недели.

Кис заедно со нејзиниот продукциски партнер и текстописец Кери „Крушал“ Бродерс, отвори студио за снимање во Лонг Ајленд, Њујорк, наречено The Oven Studios. Студиото го дизајнираше познатиот архитект Џон Сторик од WSDG, дизајнер на студиото на Џими Хендрикс Electric Lady Studios. Кис и Бродерс се соосновачи на претпријатијата KrucialKeys, тим за продукција и пишување на песни кој ѝ помогна на Кис во создавањето на нејзините албуми како и во создавањето музика за други изведувачи.

2006–2008 година: Дебитирање на филм и албумот As I Am