Колешино — село во Општина Ново Село, во областа Подгорје, во околината на градот Струмица.

Селото е познато по својот живописен Колешински Водопад, формиран на реката Баба и висок 19,5 метри.

Потекло и значење на името

мини|300п|лево|Улица во селото

Постојат две легенди околу името на селото. Според првата селото своето име го добило по Беласичката битка од 1014 година помеѓу силите на Цар Самуил и византискиот цар Василиј II, кога во страшен колеж загинале голем број македонски војници. Во чест на тоа, среде село е поставена табла со легендата за настанокот на името Колешино. Втората легенда е дека името е добиено по овчарот Коле, кој прв се доселил на местото каде денес се наоѓа селото. Имено, луѓето кога поминувале покрај бачилото на Коле викале: „Ова е Колешино“ (бачилото на Коле).

Географија и местоположба

мини|300п|десно|Воздушен поглед на селото

Колешино е големо село, сместено во југоисточниот дел на Струмичкото Поле, во западниот дел на подрачјето на Општина Ново Село, а чиј атар се издига до северниот срт на планината Беласица, каде што на тесен дел се допира со државната гранична линија со Грција. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 270 метри. Од градот Струмица, селото е оддалечено 24 километри.

Низ селото поминува регионалниот пат 1402.

Колешино се наоѓа во подножјето на планината Беласица каде се наоѓа познатиот Колешински Водопад. Овој живописен водопад е создаден на реката Баба и е висок 19,5 метри.

Во селото се наоѓа чешмата Даревица, која е подигната во 1939 година.

Историја

Според кажувањата на постарите жители на ова место, селото првин било сместено 500 метри појужно во месноста Лееште (Леши) и се викало Спаса. Потоа, луѓето се преселиле во месноста Морлада, кога селото почнало да се вика Колешино, па дури отпосле се населиле на местото каде што и ден денес живеат. Кањонот пак, на реката Баба е познат по случка од минатото, кога 16 калуѓери соочени со опасноста да бидат фатени од непријателот, ставиле марамчиња на очите и се фрлиле во бездната.

Селото првпат се споменува во пишаните извори во пописот од 1519 година, кога имало дваесет христијански семејства и само едно муслиманско. Колешино и во текот на целиот период од османлиското владеење во Македонија, останало со чисто христијанско население.

Бидејќи дел од жителите биле под грчката црква, а селото влегло во составот на Царството Бугарија, тие заминале кон териториите под контрола на Грција и се населиле во селото Рошлово, кукушко. Најголем дел од овие семејства подоцна се враќаат во Колешино, но некои останале.

По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС, заедно со Струмичкиот регион, додека по крајот на Втората светска војна, во рамките на СФРЈ.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 9,9 километри квадратни. На него шумите заземаат површина од 506 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 333 хектари, а на пасиштата 54 хектари.

Во основа, селото има полјоделска функција. Во минатото во селото работела земјоделска задруга и погон за лупење ориз. Во него има продавници и угостителски објекти.

Најзастапена стопанска гранка во селото Колешино е земјоделството особено одгледувањето на градинарски култури и ран зеленчук по што е позната и целата Струмичка Котлина. Се одгледуваат пиперки: зелена и црвена ајварка, домати, зелка, морков, краставици како и кикиритки, исто така препознатливи за Струмичко. Во голема мера е застапено и одгледувањето на лубеници, дињи и тикви. Од житата се сеат пченица, пченка и овес.

Во близина на селото се наоѓа мотелот Подгорски Ан.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кулешино живееле 660 жители, сите Македонци.Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 159.

Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Колешино имало 768 Македонци, патријаршисти и 16 протестанти.D.M.Brancoff. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905. рр. 106-107.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.

Колешино е големо село, коешто во 1961 година броело 1.240 жители, а во 1994 година 880 жители, од кои 875 биле Македонци, еден Влав, еден Србин и тројца останати.

Според пописот од 2002 година, селото Колешино броело 845 жители, од кои 838 Македонци, 3 Срби и 4 останати.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 632 жители, од кои 609 Македонци, 1 Србин, 4 останати и 18 лица без податоци.

Но, и покрај забрзаниот развој на селото, видлива е масовната миграција на населението.

Општествени установи

ОУ „Видое Подгорец“ - централно основно училиште за ученици од прво до деветто одделение Амбуланта Пошта Дом на културата

Самоуправа и политика

Во век, Колешино било село во Струмичката Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Ново Село, која била една од ретките што останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Ново Село.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струмица. Селото припаѓало на некогашната општина Ново Село во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Мокриево, во која покрај селото Колешино, се наоѓале и селата Борисово, Габрово, Мокриево и Мокрино. Во периодот 1950-1952 постоела Општина Колешино во која влегувале селата Габрово и Колешино.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1777 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 765 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 776 гласачи.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Св. Спас — градиште од доцноантичкото време.

Цркви Црква „Вознесение Христово“ — главна селска православна црква; Евангелско-методистичка црква — евангелско-методистичка црква; Адвентистичка црква — адвентистичка црква; и Црква на Јеховините сведоци — црква.

Реки Водочница — река во близина на селото.

Споменици на природата Колешински Водопад — водопад над селото; и Колешински чинари — заштитени две чинарски стебла.

Редовни настани

НовоФест — годишен фестивал на Колешинскиот Водопад Групни венчавки на Колешинскиот Водопад

Личности

Родени во или по потекло од Колешино Видое Подгорец (1934-1997) — македонски писател; Вилма Трајковска — поранешна Прва дама на Македонија и активист во невладиниот сектор; Панделис Папајоану (?-1907) — грчки андартски капетан; и Хараламбос Буфидис Козарис (1880-?) — грчки револуционер, член на грчката вооружена пропаганда во Македонија.

Галерија

Поврзано Општина Ново Село Подгорје

Наводи

Надворешни врски

Мрежно место за Колешино Профил на Колешино на општинскиот портал

Категорија:Села во Македонија Категорија:Струмички села Категорија:Села во Општина Ново Село Категорија:Беласица