За велешкото село со сличен назив видете Уланци

Уларци — село во Општина Чешиново-Облешево, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.

Потекло и значење на името

мини|300п|лево|Поглед во селото

Името на селото првпат е забележано како Уљарци, но и како Угларци во век (1378 г.). Значењето веројатно доаѓа од старословенскиот истоимен збор кој означува „пчелар“, што се споменува и во грамотата на кралот Милутин од 1303 година, кога улјари биле чувари на манастирските улишта со пчели. Тие биле ослободени од сите должности кон кралот и црквата, со одредба за нивната материјална одговорност при евентуална штета. Меѓутоа, Уларци може да се изведе и од зборот „улар“ што означува отвор (меѓу кошницата за пчели и речната утока), што ова одговара на местоположбата на селото, бидејќи се наоѓа на местото каде што Злетовска Река се влева во Брегалница.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во Кочанското Поле, во западниот дел на територијата на Општина Чешиново-Облешево, од десната страна на реката Брегалница. Атарот на селото се допира со подрачјето на Општина Карбинци. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 305 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 17 километри.

До селото води асфалтен пат, кој се двои од некогашниот регионален пат Кочани-Штип, како и од селото Чешиново. Во непосредна близина се наоѓа и клучката Крупиште на новиот експресен пат Штип-Кочани (А3).

Во близина на селото, а на самата атарска граница со соседното Жиганци, се наоѓа железничкото стојалиште „Злетовица“.

Историја

Во 1912 година е забележан еден жител од селото како член на македонско-одринското ополчение.

На 14 октомври 1944 година германскиот окупатор во селото извршил убиство на околу 40-тина лица, во склоп на серијата масовни убиства што ги извршил во Штипско, Кочанско и Повардарието во тој период.Павле Ананиев и др. (ур.) „Загинаа за да живеат 1941-1945“, Кочани, 1981, 97-104 стр.

Стопанство

мини|300п|десно|Стопански објект во селото

Атарот на селото зафаќа простор од 5,3 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 468 хектари, па затоа селото има полјоделска функција.

Во селото имало лупилница за ориз и услужни објекти.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Уларци живееле 540 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Уларци имало 208 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија и 90 Власи.Brancoff, D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р. 132-133.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.

Селото е средно по големина, населено со македонско население. Тоа, во 1961 година имало 465, а во 1994 година 378 жители.

Според пописот од 2002 година, селото имало 366 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 289 жители, од кои 282 Македонци, 2 Власи и 5 лица без податоци.

Општествени установи

мини|300п|десно|Поглед на основното училиште

Подрачното основно училиште „Страшо Пинџур“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Страшо Пинџур“ - Соколарци Дом на културата

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Уларци било село во Штипската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Чешиново-Облешево, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Чешиново.

Во периодот 1962-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1962 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Облешево.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Крупиште, во која покрај селото Уларци, се наоѓале и селата Горни Балван, Горно Трогерци, Долни Балван, Крупиште и Пишица. Општината Крупиште постоела и во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Гуњовци, Крупиште, Новоселани, Пишица и Уларци.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 0884 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 220 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 233 гласачи.

Културни и природни знаменитости

Цркви Црква „Св. Варвара“ — селска црква во изградба; и Црква „Руса Среда“ — манастирска црква.

Манастири Уларски манастир — нов манастир

Споменици Споменик на НОБ

Редовни настани

Слави Свети Константин и Елена — главна селска слава

Поврзано Општина Чешиново-Облешево Кочанска Котлина

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кочански села Категорија:Села во Општина Чешиново-Облешево