Љубанци — село во Општина Бутел, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.

Потекло на името

Името на селото Љубанци потекнува од лично име на некој човек. Најверојатно се работи за Љубомир, Љубан, кој можно е во најдалечните времиња да бил основач и поседник на селото.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Поглед на најгорниот дел на селото Љубанци

Селото се наоѓа во северозападниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Бутел, чиј атар се издигнува до сртот на планината Скопска Црна Гора, каде што се допира со подрачјето на Општина Липково. Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 570 метри. Од градот Скопје, селото е оддалечено 15 километри.

Куќите на ова големо село се наоѓаат во долината на Љубанска Река, на граница помеѓу планинска падина на север и ниското земјиште на југ. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од извори соѕидани во чешми. Главни извори во селото се Чаушевац, Долна Чешма, Горна Чешма и Млака.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Пупљак, Црн Камен, Чука, Орниче, Дубрава, Јадриовци, Јазвиње, Капиштец, Босилковац, Тијановац, Љубански Камен, Попова Млака, Остри Камен, Утовец, Кула, Лапчина, Мачишта, Цигаревац, Присоји, Граишка Чука, Говедарник, Бел Камен, Вуча Рупа, Студено, Рајкови Ливади, Бундова Ливада, Гарина, Ливадишта, Соколовец, Китка, Вирови, Згуровци, Здравчи Камен, Маристена, Манастирски Осој, Касановац, Делба, Страишта, Падина, Голема Нива, Лопушане, Црквиште, Радишки Рид, Коритница, Пожарница, Орловац, Побушка Река или Јапков Рид, Асанова Млака, Манастириште, Маркова Чешма и Рамна Нива.

Селото има збиен тип и е поделено на девет маала, чии имиња потекнуваат од главните родови коишто живеат во нив. Маалата се Ниникева, Раева, Којчикева, Шаманска, Шишманска, Долно или Ново, Пештер, Терзинска и Цоцово. Долното маало е најново и тоа настанало со преселување на семејства од постарите маала.

Низ селото протекува Љубанската Река, која е притока на реката Серава. Соседни села се Љуботен на исток и Побожје на запад, со кои е поврзано со асфалтен пат.

За географијата и местоположбата на Љубанци и опис на неговата околина запис дал и Ѓорче Петров во чии записи стои дека Љубанци е расположено три часа на север од Скопје, по ридовите Пијановец и Дубичиња и на самиот отвор на долот на Љубанска Река, при што билото над Пијановец се нарекува Рамно, а она над Дубичиња, Бреза. Долината на реката, како и падините на ридовите се покриени со градини од овошни дрвја, најмногу црешови и оревови, а по падините има и красти. Тоа е второто село по живописноста на местоположбата после Бањани.

Над самото село Љубанци во шумовиот предел веднаш до манастирот Свети Никола, постои детското одморалиште „Страхил Андасаров“, во кое повремено се згрижувале бездомници.

Историја

Селото Љубанци е една од постарите населби на Скопска Црна Гора за што сведочат повеќето цркви и манастири во неговата околина кои датираат од XI и XII век, како и големиот број на сочувани старинечки родови и родови доселени од две околни села (Лопушани и Згуровци), кои сега не постојат. На атарот на селото Љубанци има остатоци од различни културни епохи, а особено стари гробови, пари, остатоци од црквишта, кои селаните ги ископувале на местата Гребиште, Делба и Св. Јован.

Во минатото, во непосредната околина на Љубанци постоеле селата Згуровци на планинската падина над сегашното село и Лопушани за кое има пишани податоци уште од 1302 и 1308 година, кога било наведено во грамота на кралот Милутин како сопственост на средновековниот Горњански манастир, а кое се наоѓало на ниско земјиште околу три километри јужно од денешното Љубанци. Споменатите села имале свои цркви: во Лопушани се наоѓала црквата „Св. Петка“, а во Згуровци црквата „Св. Илија“.

Животот на жителите на овие две села Згуровци и Лопушани за време на отоманското владеење бил многу тежок, бидејќи постојано биле напаѓани од муслиманските Албанци на планината од север и чифлик-сајбиите Турци од југ. Поради тоа, тие се собрале во поголемото потпланинско село Љубанци каде што како христијани можеле полесно да се бранат од насилствата на споменатите муслимани.

Од пишаните документи од средновековниот период од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски Вилает, селото е запишано како Лубанце и во него живееле вкупно 54 македонски христијански семејства, кои произведувале пченица, јачмен, ’рж, просо, овес, граор, бостан, лен, лозја, чувале свињи и пчели во улишта, одгледувале свилена буба во кожурци, за што имале црници (дудинки), како и други овошни дрвја како круши, ореви и друго овошје и работеле 4 воденици за што остварувале приход од 11.725 акчиња. Подоцна во XVI век, во 1544 селото имало 72 македонски христијански семејства, а исто толку се запишани и во 1568 каде што е одбележано дека имало и втор назив - Пустинец.

Првото училиште во Љубанци се отворило уште во 1853 година.

Во век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската Каза во Отоманското Царство.

За селото Љуботен во средината и на крајот на XIX век записи даваат и македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот и македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Во својот напис „Црна Гора Скопска“ објавен на 15 февруари 1855 година, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за Љубанци запишал дека се наоѓа на реката Љуба (Љубанска Река), чии води течат според уредбата на Ехо и чудесно шумолат, а луѓето се весели. Таму е основан манастирот љубански „Свети Никола“, но седел така без духовник. Во 1851 година во него наместиле еден духовник, добар Србин, кој го обновил манастирот, но злите духови христијански од Скопје го наклеветиле на буљукбашијата и тој како чесен човек си заминал. Тоа село било достојно за учител, зошто имало мажи по природа доста разумни.Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр. 79

Опширен и детален опис за Љубанци и неговите жители, нивниот дух, стопански занимања и живот во XIX век, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 дава македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Во тоа време Љубанци имало 120 македонски куќи, а атарот бил мал сразмерно со селото, планината повеќе гола, заради што жителите биле бедни, но печалбарството ги направило доста будни. Отворени, живи и весели луѓе се љубанчани и не паѓаат подолу и во гостопримството, па изреката: „На село, на гости, на тевна ќотек“ е вистинита и применлива за сите села, но во Љубанци остануваш толку задоволен и задолжен од нивната услужливост што ги забораваш вообичаените селски незгоди. Просторот меѓу Коренска и Песчинска Река се нарекува Кула затоа што на него се наоѓаат урнатини од една стара кула, а за таа кула се раскажува дека до пронаоѓањето на пушката нејзиниот сопственик се бранел со стрели, а откако излегле пушката и топот тој се криел во неа. Турците, кога ја освојувале Црна Гора, долго време не можеле да ја заземат таа кула и најпосле една баба им го покажала местото каде што таа можела да се бие и набрзо паднала во нивни раце. Над Љубанци во Скопска Црна Гора имало две стари сега непостоечки села Згуровци и Едриевци. До пред 80Овој податок (80 години) е според книгата во моментот на нејзиното издавање, односно 1896 година. (денес 200) години атарите на тие 3 села биле спахилак. Љубанчани најпрвин го откупиле својот атар, а бидејќи тој бил мал, подоцна тие ги откупиле атарите на другите две соседни села.

300п|мини|десно|Споменикот на загинатите бранители кај Љуботенски бачила во 2001 година во Љубанци

До крајот на турската власт во 1912 година, селото трпело напади од страна на муслиманските жители и не добивало заштита од страна на државата. Нападите доаѓале од соседното село Љуботен на исток и од Брест на север.

Животот на жителите на Љубанци до крајот на отоманското владеење бил доста тежок поради честите пљачкашки напади од муслиманските Албанци од соседните села Љуботен на исток и Брест на планинскиот масив на север, поради што одредени мажи од селото започнале да одат на печалба каде работеле претежно како пекарници, а помалку како бозаџии.

За разлика од останатите околни и соседни села на Скопска Црна Гора во кои е силно изразено србоманството, Љубанци и неговото население се одликуваат со висока македонска национална свест, голема приврзаност и свест за припадност кон Македонија, како и изразен македонски патриотизам и преданост на идеалите на ВМРО. Поради овие одлики, жителите на Љубанци од останатите претежно србомански села се нарекувани Бугари. За тоа сведочи и Ѓорче Петров, кој запишал дека важно е тоа село во тој однос што од почетокот на црковното прашање, па дури до сега не се откажало од својата тврдост во бугарштината (денес, македонштина) и сите обиди на српските агитатори да се вметнат меѓу селаните наишле на силен отпор, макар што имало многумина од тоа село кои биле видни богаташи во Србија, чии убедувања, исто така, не наоѓале добра почва. Дури и роднините на српскиот конзул во Солун, родум од тоа село, се откажале од роднинските врски кога тој се обидел да ги поткупи да станат Срби. Тоа село држи силна спротивставеност на Кучевиште, кое е гнездо на српската пропаганда.

Во 1934 година, во селото било отворено сезонско лекувалиште со 35 постели за лекување на туберкулоза.

Во непосредна близина на Љубанци, во соседното село Љуботен, на почетокот на август 2001 година, се воделе тешки борби помеѓу македонските безбедносни сили и албанските терористи при што дел од населението на ова село учествуваше во одбраната на Љубанци, главниот град Скопје и Македонија.

На 10 август 2001 година, на нагазна мина кај месноста Љуботенски бачила загинале осум припадници на македонската војска. Истиот ден во вечерните часови во селото Љубанци пристигнала полициска единица предводена од Јохан Тарчуловски (родум од Љубанци), која извршила извидување на Љуботен. Веќе на 12 август, околу 8 часот наутро, од Љубанци започнал нападот врз селото Љуботен изведен од полициската единица, што ја командувал Тарчуловски, кој за оваа полициска акција ќе биде осуден од меѓународниот трибунал во Хаг.

Стопанство

Атарот зафаќа простор од 24,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.166 хектари, на пасиштата отпаѓаат 627 хектари, а на обработливото земјиште 546 хектари. Љубанци имало корија од даб, погоре леска, бука, јасика и див дрен или клен–вид јавор, од која големи и значајни делови и денес сè уште се зачувани.

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција, а самиот атар на селото Љубанци е доста поволен за сточарство, шумарство и земјоделство при што таквата комплеметарна земјишна основа е створена како една географска целина околу населбата.

На падините во непосредната околина на Љубанци има голем број на лозја од кои многу домаќинства произведуваат вино и ракија, а македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга од 1896 запишал дека прочуеното скопско вино, коешто се ползува со голема слава и познатост во Србија, Босна и Македонија се произведува од четири скопски села: Нерези, Љубанци, Кучково и Никиштани, при што љубанското вино било прво во Скопска Црна Гора и второ во Скопската Каза после нерешкото. За стопанството на Љубанци, понатаму Ѓорче Петров запишал дека главните занимања на жителите се земјоделство и сточарство, освен тоа во Скопје носат и малку овошје, а некои одат и на печалба. Сточарството во XIX век било силно развиено, имало до 15.000 глави по билото на планината и до 2.000 глави добиток во селото, а од лозарството, исто така, многу се печалело. Тоа село давало спахилак 200-250 товари грозје. Само во љубанскиот дел на Скопска Црна Гора имало костени, кои некогаш давале значителен приход на селаните, но сега се без значење. По реката нагоре од селото имало до 30 воденици на кои се мелело брашно, не само од Љубанци, туку и од многу села во Полето.