Бернајс Пропаганда (Bernays Propaganda) — македонски рок бенд од Скопје. Формиран е во 2006 година.
Гледано од десетгодишна временска дистанца, може да се каже дека е еден од најзначајните македонски бендови во целата нејзина историја.
Историја
2006 година - почеток Во јули 2006 година неофицијално започнал со работа бендот Бернајс пропаганда. Со оглед на солидното акумулирано бендовско искуство што се движи од кросовер преку хардкор и панк, пост-панк, па до автентичен кантавторски трубадурски пристап, акцентот во новиот бенд што го оформил Васко Атанасоски, бил ставен на она што јавноста најмалку го очекувала од него, игривата музика. Но, тоа не се одразило и на веќе добро познатите и стандардно социјално ангажирани текстови - остри и директни како и секогаш. На идејата базично ѝ се и придружиле Раде Јордановски на бас, неговиот стар сопатник од FxPxOx, бенд сè уште активен во тој момент, како и Игор Стојановски (екс член на бендот Smut) на тапани. Но, иако оваа формација го поминала летниот период во интензивни проби, проектот не заживеал концертно, со оглед на ангажманите на Васко со FxPxOx и хардкор- проектот со бендот This Home is Prepared, кои биле во преден план.
2007 година Шест месеци подоцна, во јануари 2007 година, Васко оформил нова постава, со два женски вокала: Кристина Горовска од бендот This Home is Prepared и Елеонора Стојановиќ-Нора (екс член на Мизар). Басист во оваа постава бил Горан Аргировски, а тапанар Џано Куч од бендот FxPxOx. Неколку дена пред првиот договорен настап, на 19.02.2007 како предгрупа на „Girls Against Boys“, Hopa го напуштила бендот.
Прв демо албуми Со веќе создадени основни контури на поставата каква што ја посакувале, но со многу побучен звук од планираното, по уште само неколку локални настапи, Бернајс Пропаганда веднаш одлучил да го снима своето прво демо, во студиото „Blla Blla Blla“, со Дејан Еврушоски (екс Кипарис) како снимател и како продуцент. За релативно краток период, следело и снимањето ново, второ демо со четири песни, овојпат во студиото „Е-Gо- East“ со Ненад Неделков како продуцент.
Прво појавување на Бернајс Пропаганда на носач на звук Хиперактивен како и секогаш, и во овој период Васко не останал само со еден бенд па покрај споменатите два хардкор - бенда, започнал да настапува и да снима како гитарист во PMG Kolektiv. Од друга страна, фронтменот на PMG Kolektiv и основач на етикетата „PMG Recordings“ - Мирко Попов, бил фасциниран од првиот настап на бендот и веднаш му понудил издавање на снимениот материјал. Нешто пред официјалната објава на макси синглот, „PMG Recordings“ на својата компилација Нов Бран V3.0 објавена на крајот од 2007 година, ја вклучил и песната Homo ili sapiens. Toa било првото појавување на Бернајс Пропаганда на некаков носач на звук.
2008 година Веќе на почетокот од 2008 година, во јавноста се појавило и првото официјално издание на бендот, макси синглот ставен на цеде, а во издание на „PMG Recordings“. Колажот што бил употребен за насловниот омот на изданието е дело на уметникот Синиша Цветковски, еден од основачите на уметничката група „Зеро“ и гитаристот на групата Т.Б. Трачери. Комплетниот дизајн на обвивката го направила Цаци Чавдаровска. Работејќи на ова издание, улогата на доминантен текстописец во бендот полека ја преземала Кристина Горовска, а заедно со Васко го чинат авторскиот тандем што во иднина бил потпишан зад секое нивно дело. Ударната промоција на четирите теми главно се случувала преку брановите на музичкото радио „Канал 103“, па веќе на концертната промоција 11.01.2008 во МHT, Бендот го распродал комплетниот лимитиран тираж на своето прво EP. EП - то денес е вистински раритет.
Вистинско воздигнување до статус на предводници на новата генерација бендови од таканаречената македонска андерграунд-сцена се случило по нивниот настап на 24 мај во рамките на „Off Fest“, како загревање на легендарниот британски состав „Gang of Four“. Особено апострофирана била изјавата на „Gang оf Four“ дека Бернајс Пропаганда e една од најдобрите предгрупи што бендот ги имал во својата долга и богата концертна кариера, а за нив отворале бендови како „Joy Division“, „New Order“ и слични. Иако во тој период е сè уште без целосен албум, поради брзо стекнатата локална популарност кон крајот на годината, на 29.11.2008 ја добиле и поканата за настап на јубилејното 10 издание на фестивалот „Таксират“, најголемиот балкански фестивал во затворено. Непосредно пред настапот на „Таксират“, во бендот се случила првата посериозна промена: од бендот си заминал Горан Аргировски, а на негово место дошол Саша Павловиќ - Фрешко, басист на култните Süns.
Ставот на бендот кон медиумите Ставот на бендот уште од самиот почеток бил да избегнува мејнстрим медиуми, да не снима видеа и да не дава интервјуа. До овој став бендот се држел безмалку во целата своја кариера, само понекогаш отстапувајќи од него во моментите кога самите негови членови чувствувале дека имаат нешто дополнително да кажат, и претежно тие изјави односно интервјуа биле давани за странски медиуми или фанзин-портали. Пораката што ја упатува овој став е порака кон медиумите за нивната тривијалност, лицемерност и за служење на големиот капитал. Бернајс Пропаганда, низ годините на активност и на напорна работа, успеал да им докаже на сите добронамерници дека самиот производ е нивниот релевантен медиум и промотер. Во тој сè уште почетен период на истражување и на формирање на поголемата слика, бендот бил доста интригантен, паподоцна бил и носител на содржината на документарниот филм „Ако никој не свири“ во режија на Ѓорѓи Јаневски, а во продукција на музичкото радио „Канал 103“. Иако со интенција да ја прикаже целата надоаѓачка сцена, фокусот бил токму вpз Бернајс Пропаганда. Филмот ја освоил првата награда на меѓународниот фестивал DORF за документарни филмови во Винковци, Хрватска.
Со оглед на претходното големо искуство на Васко и на неговиот авторитет стекнат со безбројните настапи на FxPxOx по Балканот и по Европа, првичните сомнежи кај промотерите во неговиот нов проект музички дијаметрално спротивен од FxPxОx бргу ги снемало, па веќе во 2008 година за Бернајс Пропаганда започнале да се интересираат и регионалните издавачи. Најупорен во обезбедувањето потпис од бендот (само симболично бидејќи еден од ставовите на бендот е и непотпишувањето договор туку верба во даден збор), бил словенечкиот „Moonlee Records“. Toј стоел потпишан како издавач на првиот, и само со еден исклучок, на сите наредни албуми на бендот. Албумот Happiness Machines, како ко-издавачи ќе го потпишат и германците „Prügelprinz“ и издавачката куќа зад која стои самиот Васко, „Направи заедно“. Десетте теми на албумот биле снимени во студиото „Enterprise“, во периодот од октомври до декември 2008 година, во продукција на Валентино Скендеровски. Со самото влегување во студио, Васко им ставил точка на два од трите паралелни проекти во кои до тој момент бил инволвиран, FxPxOх и This Home Is Prepared. Во PMG Kolektiv останал и во наредните 6 месеци. На деби-албумот, бендот ги преснимил и четирите теми од EP-изданието веќе познати на јавноста. На само една од песните на албумот, Убиј ме! како текстописец се потпишал Васко, а сите останати се поетско-критички опсервации на Тина. Тоа ќе претставува и самиот буклет што одел со албумот, кој бил всушност дипломска работа на првенецот на генерација, филозофот Кристина Горовска. Со овој потег бендот уште еднаш ја истакнал својата определба за искажување став по однос на секое општествено прашање, најчесто низ текстовите, но понекогаш и низ дополнителни буклети. Решението за обвивката е дело на босанскиот дизајнер Дарко Кујунџик, но работено врз базична идеја на Тина. Интересно е дека покрај објавата на албумот на винилен формат, постојат и две различни цеде-објави, една од словенечкиот издавач и една заедничка од „РMG Recordings“ и „Направи Заедно“ наменета за домашниот пазар. Обете се разликуваат единствено по логоата на издавачките куќи.
2009 година Албумот бил објавен во април 2009 година и добил генерално охрабрувачки рецензии од медиуми од целиот свет. Неколку балкански медиуми биле доволно визионерски и го прогласиле за албум на годината на Балканот. Неколку години подоцна, хрватската едиција на списанието „Rolling Stone“, го прогласиле албумот Happiness Machines за третата најважна плоча објавена на просторите на поранешна Југославија во периодот од 1991 до 2015. Ова било релевантна потврда за култниот статус што Бернајс Пропаганда го стекнала на просторите на некогашна Југославија за релативно краток период од постоењето. Една изјава на познатиот хрватски новинар Дубравко Јагатиќ од тој период најдобро ја опишува енергијата на овој албум:
Понатаму во рецензијата тој искажал верување дека следниот материјал на групата ќе биде многу битен албум за целиот регион - и бил во право.
На скопската промоција на албумот Happiness Machines, на 27.02.2009 во клубот „Хавана“, за првпат во својата кариера Бернајс Пропаганда наполнил еден клуб со солиден капацитет од 600 луѓе. Безбедно лево, Ден пред да исчезнам и Не сакам да знам, се само некои од ултимативните генерациски химни од овој албум. Покрај промоцијата, овој концерт всушност бил претпремиера за почетокот на првата голема европска турнеја на бендот, која ја започнал неколку дена подоцна, на 6 март со концерт во Белград. Турнејата траела цели 45 дена, неверојатни за еден македонски, па и балкански бенд од поновото време. Завршниот концерт бил на 19.04.2009, повторно во Скопје, во еден поинтимен концертен простор, клубот „Retox". Турнеите како оваа станале заштитен знак на бендот, пa Бернајс Пропаганда ги практикувал по секој следен албум, во некои периоди и по две во една календарска година. Тие се уште еден показател што ја потврдува искажаната теза за големиот придонес на бендот во развојот на македонската сцена, но и во освежувањето на некои Балкански музички сцени. Како ретко кој македонски бенд низ историјата, токму Бернајс Пропаганда, во изјавите на помладите бендови што се појавувале на просторите на некогашна Југославија, бил посочуван како еден од бендовите што им извршиле влијание. Притоа, особено се почитувал токму нивниот бескомпромисен став кон медиумите, како и променливоста на звукот, која нималку не влијаела врз енергичноста и врз секогаш перфектно спакуваните пораки на бендот.
Во текот на летото, надвор од спомнатата турнеја, бендот свирел концерти и фестивали по целиот регион, но и работел на новиот материјал. Токму во аранжманите на повеќе од половината нови теми придонел и Фрешко, но кон крајот на летото, на некој начин не можејќи да го следи „убиственото“ темпо на Васко, тој го напуштил бендот. Набргу по неговото заминување во нов басист бил промовиран уште еден поранешен член на FxPxOx и This Home is Prepared, Ненад Трифуновски-Трипе. Таа, најпозната постава на Бернајс Пропаганда, која го создала и го отсвирила најголемиот дел од опусот на бендот, своето уигрување го имала на турнејата што следува. Турнејата била само малку пократка од претходната - траела 40 дена - а започнала на 07.09.2009 со првото искачување на групата на сцената во МКЦ, со гостите на концертот, Словенците „In-Sane“ и локалните Sludge.
2010 година На почетокот од 2010 година, во периодот кога музичкото радио Канал 103 било прв меѓу балканските медиуми што го прогласиле Наppiness Machine за албум на годината. Бернајс Пропаганда повторно влегле во студио и снимиле нов материјал. Вториот албум, Му Personal Holiday, делумо е сниман во студиото „Blla Blla Blla" на Идриз Амети (Blla Blla Blla...), а другиот дел е сработен во МКЦ со Трипе како снимател и како продуцент. Во две од деветте теми на албумот, како соавтор бил потпишан и Васко. Останатите теми биле поетска реакција на Тина на општествените случувања во државата. Нејзино е и дизајнерското решение на комплетниот омот.