Крклино — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.

Географија и местоположба Селото се наоѓа во западниот дел на Битолското Поле, во областа Пелагонија, сместено во близина на магистралниот пат А 3. Атарот на селото на исток е рамничарски, додека западно се издига сртот на Облаковска Планина. Се наоѓа на 597 метри надморска височина. Оддалечено е 6 километри северно од Битола и 36 километри јужно од Прилеп.

Историја Во отоманските документи, селото се споменува во 1636 година (помеѓу 15 јули и 3 септември) во една тужба покрената пред меџлисот од страна на Шејх-заде Мехмед-ефенди против жителите од село Крклино - Битолско, коишто, за земени 2.000 акчиња, требало на име лихва да му даваат по сто аргати, а тие не си ја исполниле својата обврска.Турски документи за историјата на македонскиот народ, серија прва (1980). Скопје: Архив на Македонија. Стр.29

Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Крклино живееле 460 жители, сите Македонци.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Крклино се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 41 куќа.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Крклино имало 440 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 166-167.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.

Во 1948 година селото има 632 жители, додека во 1991 година живееле 654 жители.

Според пописот во 2002 селото има 611 жители, од кои 609 Македонци, 1 Србин и 1 останат.Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат . Државен завод за статистика.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 564 жители, од кои 549 Македонци, 3 Албанци, 1 Србин, 3 останати и 8 лица без податоци.

Родови Крклино е македонско православно село.

Родови во селото се:

Староседелци: Маљаковци (15 куќи), Амбуковци (8 куќи), Пачовци (3 куќи), Димитријевци (5 куќи), Беделевци (5 куќи), Карафиловци (6 куќи), Чучуковци (5 куќи), Нечковци (4 куќи), Таневци (8 куќи), Станковци (5 куќи) и Судевци (3 куќи) Доселеници: Рајковци (12 куќи) доселени се од селото Прекопани во Мариово? (меѓутоа во Мариово не постои село Прекопани, најверојатно се мисли на леринското село Прекопана); Кочиштани (3 куќи) доселени се од раселеното село Кочишта кај Старо Змирново; Тошковци (2 куќи) доселени се од соседното село Снегово. Се знае следното родословие: Блаже (жив на 35 г. во 1951 година) Цветко-Тодор, кој се доселил од Снегово. Тошковци и сега имаат ниви во близина на Снегово.

Самоуправа и политика

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 133 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 495 гласачи.

Културни и природни знаменитости Цркви Црква „Св. Теодор Тирон“ — главната селска црква; Црква „Св. Богородица“ — гробјанска црква; Црква „Св. Илија“ — главната црква на Крклинскиот манастир;

Археолошки наоѓалиштаКоцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069 Врчва — населба од средниот век; Крклино — осамен наод од железно време; Крклински Ливади — населба од римско време; Падарница — некропола од римско време;

Личности

Нечо Иванов Малаковски — македонски револуционер од ВМОРО. Ѓорги Јован Малаковски — македонски револуционер од ВМОРО. Петко Шалевски — македонски партизан.

Култура и спорт Збирка на реткости „Филип“ - етно музеј и музеј на автомобили; Фудбалски клуб КСК

Наводи

Надворешни врски Збирка на реткости „Филип“

Категорија:Села во Македонија Категорија:Битолски села Категорија:Села во Општина Битола