Кочиште — село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, во околината на градот Демир Хисар.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во крајниот северен дел на територијата на Општина Демир Хисар, недалеку од патот Демир Хисар-Крушево. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 730 метри.
Атарот на селото зафаќа простор од 12,1 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 820 хектари, на пасиштата отпаѓаат 184 хектари, а на обработливото земјиште 175 хектари.
Околни села: Брезово од запад, Радово и Растојца од југ, Острилци од исток, Долно Дивјаци и Зашле од север, како и со градот Крушево од североисток.
Историја Селото се споменува во отоманските документи од 1639 година (помеѓу 2 и 11 јули), во една гаранција за заем, каде што е запишано дека жителите од село Кочиште - Демирхисарско, зеле 5.700 акчиња на заем од лицето познато како Базирѓан-заде. Како гарант се јавува Али, субашија.Турски документи за историјата на македонскиот народ, серија прва (1980). Скопје: Архив на Македонија. Стр.48
Во XIX век, Кочиште било село во рамките на Битолската Каза (нахија Демир Хисар), на Отоманското Царство.
Стопанство
Селото има поледелско-шумарска функција.
Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Кочиште имало 320 жители, од кои 120 Македонци христијани и 200 Албанци муслимани.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 240. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Кочиште имало 296 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.172-173.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Кочишта се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 19 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.
Кочиште е мало село, кое во 1961 година броело 274 жители, а во 1994 година бројот се намалил само на 45 жители македонско население.
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 38 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 10 жители, сите Македонци.
Родови
Кочиште е македонско село, а во минатото имало и Албанци во селото.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1951 година родови во селото:
Староседелци: Златановци или Најдовци (3 к.), Ристевци (1 к.), Трајчевци (2 к.) и Сиљановци (1 к.). Трајчевци пред 1903 година избегале во Растојца, па се вратиле. И Сиљановци избегале во Крушево, па се вратиле. Доселеници: Јанкуловци (2 к.), Јоновци (5 к.) и Стевановци (1 к.), доселени се од селото Радово, Јанкуловци од османлиско време живее во селото, а останатите два рода се доселени после пропаста на Османлиите; Гроздановци (2 к.), доселени се во 1933 година од Крушево; Спасеновци (2 к.), Никодиновци (2 к.), Илијовци (9 к.), Јанкуловци (2 к.), Крстевци (2 к.) и Малци (1 к.), доселени се во 1914 и 1915 година од селото Зашле, таму имаат роднини; Шабан (1 к.), името го добиле по прекар. Доселени се преку Зашле од селото Брезово, таму припаѓале на родот Гаревци; Димовци или Вељановци (1 к.) и Митрушковци (2 к.), доселени се во 1914 и 1915 година од селото Растојца, таму имаат роднини; Петковци (1 к.) и Грујовци (4 к.), доселени се од селото Долно Дивјаци во 1915 година, таму имаат роднини; Петревци (1 к.), доселени се во 1916 година од селото Горно Дивјаци; Кузмановци (2 к.), доселени се во 1918 година од селото Слоештица.
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на проширената Општина Демир Хисар, на која ѝ била додадена поранешната Општина Сопотница по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на Општина Демир Хисар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Демир Хисар.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Долно Дивјаци, во која покрај селото Кочиште, се наоѓале и селата Арилево, Горно Дивјаци, Долно Дивјаци, Зашле и Пуста Река. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната Општина Растојца, во која влегувале селата Зашле, Кочиште, Ново Село, Растојца, Радово и Ракитница.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 639 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 14 гласачи.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалиштаКоцо, Димче (1996). „Археолошка карта на Република Македонија“. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069 Грамаѓе — населба и некропола од доцноантичко време; Манастириште — сакрален објект од доцноантичко време; Ќерамидница — населба од доцноантичко време.
Цркви Црква „Св. Никола“ — главна селска црква
Личности
Стојан Златановски — македонски партизан Коста Илиовски — македонски партизан Ружа Смилкова Георгиева — учесник во НОВ на Македонија
Иселеништво Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1951 година:
Од Златановци во: Крушево (едно семејство).
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Демирхисарски села Категорија:Села во Општина Демир Хисар