Шешково — мало село во Општина Кавадарци, во областа Тиквеш, во околината на градот Кавадарци.

Географија и местоположба лево|300п|мини|Сретсело Селото се наоѓа во југозападниот дел на територијата на Општина Кавадарци, од левата страна на Тиквешкото Езеро. Селото се наоѓа на надморска височина од 620 метри. Сместено е на една бреговита тераса, под линијата на вториот егејски расед, во северното подножје на врвовите Голем и Мал Руен. Од градот Кавадарци е оддалечено 20 километри. Селото е сместено во пазувите на планината Вишешница.

Атарот на селото зафаќа простор од 20 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.852 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 130 хектари.

До селото води многу лош земјен пат.

Историја

300п|мини|Партизанската болница и училиште

Атарот на Шешково е населен уште од железно време, за што сведочи наоѓалиштето Градиште во неговиот југоисточен дел.

Селото Шешково е доста старо и тоа со истото име се споменува уште во средновековниот период од турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година кога тоа било чисто христијанско македонско село кое припаѓало во рамки на нахијата Тиквеш во Ќустендилскиот Санџак. Во ова време во селото живееле 42 македонски христијански семејства како и 37 неженети кои произведувале 60 товари пченица, 48 товари мешано жито, 2 товари уров, леќа, градинарски култури, овошје, грозје и вино, сено, се чувале и свињи и пчели во кошници и улишта, за што селото Шешково остварувало севкупен приход и давачки од 6000 акчиња.

Во XIX век, Шешково се наоѓало во Тиквешката Каза, во Отоманското Царство, и за време на турското владеење Шешково било „одвек слободно“, а некој собирач на данок-десток „за душа“ изградил чешма надвор од селото наречена Ибраимица, инаку самото село „никој пат не било агинско“. Доказ за ова е што во селото не било зафатено од огромниот бран на исламизација во Тиквешијата и тоа отсекогаш било македонско православно христијанско.

Селото било познато за време на партизанските борби во НОБ. Во тоа време, во селото работела и партизанска болница, која ја основал доктор Ристо Велков, од Кавадарци, на барање на Никола Минчев, тогашен командант на Тиквешки народно-ослободителен партизански одред „Добри Даскалов“, а по војната прв македонски министер за просвета. Болницата работела во рамките на селското училиште, но и во околните куќи, каде што работел еден заробен германски лекар. Во селото била сместена и првата англиска воена мисија, а имало и радиостаница со која раководел Киро Хаџи Василев. Во текот на 1943 година почнал да излегува и „Народен глас“, весник на македонскиот народноослободителен фронт за Тиквешко, Велешко и Гевгелиско.

На 22 август 1944 година во Шешково била создадена Деветтата македонска ударна бригада.

Загинати борци за време на НОБ од Шешково биле: Стојан Соколов, Петре Ѓорѓиев, Перо Мојсов, Стојан Милошев, Митре Мишков.

Стопанство

Селото во основа има полјоделско-шумарска функција. Населението во последно време одгледува стока, при што чуваат околу 100 кози и 300 овци.. Во минатото покрај нивите кои биле под селото, селаните имале „вареници“ за производство на вар, а во „неделници“ се одело на риболов на Црна Река каде се ловело мрена, црвенперка, крап, јагула, сом, а пред изградбата на железницата селските родови Јанчевци и Димовци, граделе „кораби“ и ги спуштале по Црна за „житарите“ во Росоман и Неготино.

Население

300п|мини|Куќа во селото

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Шешково имало 350 жители, сите Македонци христијани.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 154. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Шешково имало 280 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 104-105.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.

Селото е мало, населено со македонско население и е во фаза на наполно раселување. Во 1961 година, селото имало 177 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 16 жители.

Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 4 жители, сите Македонци.

Во 2013 година биле населени само 5 куќи, при што четири семејства одгледувале стока.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 5 жители, од кои 2 Македонци и 3 лица без податоци.

Родови

Како родови во селото се спомнуваат:

Староседелци: Биновци, а се делат на Вишовци, Мојсовци, Јовановци, Горневци, Јаневци, Југовци, Цветковци, Темовци и Иловци (25 к.), Пенчевци (5 к.), Кочовци (3 к.), Ордановци (4 к.), Витановци (10 к.), Јанчевци а се делат на Јакововци, Јосивовци и Илковци (8 к.) Доселеници: Терзиовци-Зајковци (3 к.) избегале од Добротино во XVIII век; Милицовци (2 к.) некоја Милица од Јанџиковци од Праведник се премажила во тукашниот род Терзиовци; Димовци (2 к.) и Бошевци (3 к.) и двата рода се доселиле од Грбовец во средината на XIX век; Ѕавировци (1 к.) од Праведник кои дошле во 1909 година.

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на проширената Општина Кавадарци, на која ѝ била додадена поранешната Општина Конопиште по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Кавадарци.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кавадарци.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Дреново, во која покрај селото Шешково, се наоѓале и селата Возарци, Брушани, Галиште, Грбовец, Дебреште, Добротино, Драдња, Дреново, Кесендре, Мрзен Ораовец, Праведник, Раец, Фариш и Шивец. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната Општина Шешково, во која влегувале селата Добротино, Праведник и Шешково.

Културни и природни знаменитости

300п|мини|Спомен чешма на загинатите борци од Шешково

Цркви Црква „Св. Мала Богородица“ — главна селска црква, која е многу стара, а била обновена во 1872 година

Споменици Споменик од НОБ за создавањето на 41-та југословенска дивизија (Прва македонска дивизија) Спомен чешма по повод 40 години од создадењето на 41-та југословенска дивизија Спомен чешма во чест на загинатите борци од Шешково Спомен просторија во чест на деветтата македонска ударна бригада и десеттата македонска ударна бригада во рамките на бившото училиште и болница за време на НОБ

Археолошки наоѓалишта Градиште — градиште од железно, раноантичко и римско време Киштино — населба и некропола од доцноантичко време Манастирот — сакрален објект од средниот век Тумба — населба и некропола од доцноантичко време

Личности Личности починати во Шешково:

Трипун Марков (1898-1943) — македонски револуционер, учесник во НОВ на Македонија. Ристо Марков (1900-1943) — македонски револуционер, учесник во НОВ на Македонија. Менка Бошкова (1906- ) — учесник во НОВ на Македонија Родна Бошкова (1922- ) — учесник во НОВ на Македонија Васа Георгиева (1919-) — учесник во НОВ на Македонија Аца Георгиева Илова (1909-) — учесник во НОВ на Македонија Цвета Илова (1912-) — учесник во НОВ на Македонија Ката Костова (1910- ) — учесник во НОВ на Македонија

Редовни настани

Мала Богородица — селска слава

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кавадаречки села Категорија:Села во Општина Кавадарци