Геополитика — наука од редот на општествените научни дисциплини која се занимава со проучување на општествените, економските, демографските и политичките процеси на државите како единки зависни и распоредени во единствениот географски простор.Evans, G & Newnham, J., (1998), "The Penguin Dictionary of International relations", Penguin Books, London, Uk. ISBN 0-14-051397-3 Главна дефиниција на геополитиката, која доминирала подолго време е дека таа претставува концепција која ја објаснува политиката на државата преку природногеографските услови, географската положба и расните разлики на населението. Како најглавни чинители во рамки на проучувањата и спроведувањето геополитички анализи се земаат политичките процеси, одлуки и системи, економските остварувања и можности и воено-безбедносните способности и сила на државите врз основа на нивната географска положба, односно географскиот простор на кој се наоѓа нивната државна територија и нивната позиција во светот во однос на важните геостратешки точки или положбата во однос на другите држави.

Историски развиток

Зависноста на човекот од физичко-географскиот простор била причина уште од дамнешни времиња тој да го истражува и проучува со цел подобро да го користи и владее. Оттаму, геополитичките размислувања влечат корени уште од антиката каде Аристотел пишувал за влијанието на географската положба врз човековите особини како и импликациите врз економските и воените потреби на идејалната држава. Со истите прашања за влијанието на географскиот простор врз човековите особини и државите се занимавале и средновековните мислители на прагот на хуманизмот - Монтескје, Боден и др. Сепак, поимот геополитика за првпат бил употребен во 1899 година во статијата на шведскиот научник Рудолф Кјелен, под наслов „Студија за шведските политички граници“. Овој научник во својот труд „Државата како облик на живеење“ ("Der staat als Lebensform") геополитиката ја определува како наука за државата како географски организам или појава во просторот, оценувајќи го влијанието на географските фактори врз државата и нејзината моќ како пресудно и од кое произлегуваат насоките за структурирање на најефикасната политика, која на државата ќе и овозможи безбедност и успешен развој.

Како прва теорија во рамките на геополитиката се смета концептот за Хартленд или „срцевината на светот“ изнесена од британскиот географ Џон Мекиндер во 1904 година. Според оваа теорија на Мекиндер „срцето на светот“ (анг. heartland) се наоѓа во Источна Европа и оној кој командува со него владее со „светскиот остров“ - Евроазија, што значи дека тој владее и со светот. Врз основа на оваа теорија се развиваат двата главни правци во геополитиката: телурократијата или „цивилизацијата и силите на Копното“ од која до денес произлегуваат правците и доктрините на континентализмот, евроазијството и таласократијата или „цивилизацијата и силите на Морето“ од која пак излегува правецот и доктрината на (евро)атлантизмот.

Со сѐ поголемиот економски и техничко-технолошки развој и напредок на човештвото што се одразувал на јакнењето на државите и нивните војски се отворила потребата за проучување на значењето и стратешката важност и предности на физичкиот географски простор во однос на нивниот опстанок, раширување и доминација во светот. Поради сето тоа на почетокот на XX век постоел огромен интерес и постојан развој на геополитиката со геополитичкото и геостратешкото размислување. Во тој поглед предничел интересот на германските географи, генерали и истражувачки кои поведени од сфаќањето за државата како жив организам и потребата од нејзино територијално раширување на „животен простор“ заради опстанок ја развиле германската школа на геополитика на чија основа Нацистичка Германија и Адолф Хитлер ја изградиле својата државна, воена и надворешно политичка доктрина. Тоа повлијаело за многу негативни ставови кон геополитиката по Втората светска војна поради што таа била речиси занемарена и скоро напуштена како дисциплина. Со сѐ побрзиот информациско-технолошки развој во подоцната фаза на Студената војна и појавата на делата на Хенри Кисинџер и Збигњев Бжежински, започнал повторниот интерес кон геополитиката но овој пат повеќе од научен пристап, со што таа е повторно вратена како дисциплина на научната и истражувачката сцена во светот. Глобализацијата и крајот на Студената војна изразен со новата борба за прераспределба на моќта во светот означија ново и сѐ поголемо актуелизирање и подем на интересот за геополитиката како научна, истражувачка и стратешко-државничка дисциплина во науката и меѓународните односи.

Сеопштиот развој на човековото живеење, придонел историски и геополитиката во одредени периоди да се развива во различни правци, па така во однос на историските периоди на човештвото познати се: империјална геополитика, геополитика за време на Студената Војна, современа геополитика на Новиот Светски поредок и еколошка геополитика. Од друга страна, повторниот интерес за геополитиката кон крајот на XX век и развитокот на постмодерната филозофија придонеле за значителен развој особено во Франција каде се основани конфликтната геополитика од Ив Лакост. Истовремено, забрзаниот економски развој и извонредното значење на економијата и економските средства во меѓународните односи придонеле за незапирливото зголемување на интересот за геоекономија, кој е актуелен и во денешни дни.

Толкувања и дефиниции

Под поимот геополитика во американската литература се подразбира општествена научна дисциплина, која се занимава со проучување на делотворноста на етничките, демографските и економските аспекти врз политиката на државата. Според бугарскиот професор Карастојанов, геополитиката претставува додаток на природните, економските, социјалните и демографските особености на државата во создавањето на нејзината политика. Според „Социолошкиот терминолошки речник“ на МАНУ, геополитиката се дефинира како научна дисциплина која истакнува дека земјата на која живее еден народ или на која е организирана државата има пресудна улога во организирањето на политичкиот облик на општеството и водењето на државната политика. Професорот на Универзитетот во Портланд, Ладис Д. Кристоф, дава дефиниција за геополитиката како проучување на политичките феномени во: 1) нивните просторни односи и 2) нивните врски во однос на зависноста и влијанието на Земјата, како што се сите оние културни фактори кои го сочинуваат предметот на проучување на хуманата географија (антропогеографија) во широка смисла на зборот. Понатаму, тој ја поедноставува дефиницијата на геополитиката како политика која е интерпетирана географски или анализирана од и врз основа на нејзиниот географски контекст. Прецизна дефиниција на предметот на геополитиката дава и проф. Мартин Гласнер кој смета дека геополитиката е изучување на државите во контекст на глобалните просторни феномени во обид да се разбере основата на моќта на државите и интеракцијата на државите во светските и меѓународните односи. На ова сфаќање се надоврзува и дефиницијата која смета дека геополитиката е прочување на односите помеѓу политичкото дејствување и географскиот простор во меѓународните односи. Доста поедноставена дефиниција на тоа што е геополитика дава и еден од најновите правци на критичката геополитика кој смета дека геополитиката може да се опише како теорија за решавање на проблемите и практика на владеење во одреден простор.

Од сите овие изнесени дефиниции и толкувања, произлегува сфаќањето дека главната задача и идеја на геополитиката е изочување на политичките феномени во контекст на географскиот простор со цел подобро да се разберат случувањата во светот, но и кои се оние важни места кои треба да се контролираат и поседуваат за да се владее со одреден простор или со светот во целост. Задачите и полето на истражување на геополитиката се најдобро дефинирани со мислата на германскиот геополитички мислитер и генерал, Карл Хаусхофер, кој сметал дека геополитиката е прагматична наука која на основа на географските согледувања треба да даде прецизни предвидувања за политичко дејствување и акција. Во тој поглед доста е раширено сфаќањето за геополитиката како метод во рамки на реалистичка школа на меѓународните односи. Имајќи предвид дека врз основа на геополитичките теории и сознанија, државите во светот, а посебно поголемите и помоќните држави (т.н. „големи сили“), градат стратегии за успешно остварување на своите национални интереси, геополитиката најчесто се гледа како доктрина за надворешната политика на државите. Многу често се смета дека геополитиката е инструмент на освојувачките, експанзивни и империјалистички политики и желби на големите држави, меѓутоа во современи услови геополитиката е значајна за опстанокот и остварувањето на националните интереси на сите држави во светот без разлика на нивната големина и моќ, а со процесот на глобализација геополитиката добива и сосема нови размери (т.н. „негеополитика“) кои се однесуваат не само на државите, туку и на недржавните глумци и единки како народи, племиња, општествени движења, религии, цивилизации, сепаратистички движења, терористички групи и криминални мрежи и организации.

Основни концепти и теории во геополитиката На основа на главните теоретски стојалишта и сфаќања за владеачките сили кои овозможуваат владеење и доминација во просторот и светот, се развиени неколку основни концепти кои укажуваат кои места, предели и простори во светот се значајни и неопходни за посед и контрола. Првобитните основни концепти укажувале на важноста на тие простори од геостратешки аспект и интерес на големите империјални сили, додека со подоцнежниот развиток на геополитиката како научна дисциплина се развиени дополнителни концептуализации кои помагаат во изучувањето и објаснувањето на регионите и простраства со нивните одлики, значења и можности.

Телурократија - правласт на копното Врз основа на зависноста на човекот и развојот на неговите општествено-политички заедници од физичкиот простор и неговите одлики, а во однос на значењето на копното е развиен геополитичкиот концепт на телурократија . Името телурократија потекнува од латинскиот збор telus со значење на копно или земја грчкиот збор crateon со значење на власт односно со целосно значење на (пре)власт на копното или цивилзација заснована на копнената моќ. Самиот правец на геополитичко мислење се заснова на човековиот начин на живот на копното и неговата важност за човековиот опстанок. Низ вековите па сѐ до денес се задржало извонредното стратешко значење на поседот на територија кое ги подразбира можностите за (земјоделско) производство на храна при што обезбедувањето на храна значело и независност, а од Индустриската револуција во XVIII век па до денес значењето и важност на копнените поседи се зголемило и со можноста за искористување на природните суровини и ресурси како рудите, нафата, природниот гас. Во два наврати силите на копното го доминирале светот, а тоа се: ерата на коњичко јавачка подвижност кога познатото Монголско Царство на чело со Џингис Хан го завладеало најголемиот дел од евроазиското копно, а потоа ерата на прекуконтинентските железници кога Руската Империја ја завладеала Евроазија. Токму појавата и изградбата на прекуконтинентските железници и можноста преку нив за брзо време да се пренесат голем број на војници, воена опрема т.е. војска и суровини и непосредната опасност кон британските колонијални поседи во Индија и Блискиот Исток од руската транссибирска и предложената германска железница Берлин - Багдад влијаеле за официјалната појава на геополитиката како дисциплина преку концептот за хартлед на Џон Халфорд Макиндер. Најпознати телурократски големи сили односно империи засновани на копнената моќ и поседи во минатото и денес се: Русија, Германија, Кина.