Калифорнија (англиски: California) — најнаселената држава во Соединетите Американски Држави и трета по големина по површина, после Алјаска и Тексас. Исто така, Калифорнија е и најнаселената држава со мултинационален ентитет во Северна Америка. Се наоѓа на западниот брег на САД, граничи со Тихиот Океан на запад и со државите: Орегон на север, Невада на исток, Аризона на југоисток, Долна Калифорнија и Мексико на југ. Петте најголеми градови во Калифорнија се Лос Анџелес, Сан Диего, Сан Хосе, Сан Франциско и Фресно, со Лос Анџелес, Сан Диего и Сан Хосе кои имаат најмалку по 1 милион жители. Како и во многу други густо населени држави, главниот град на Калифорнија, Сакраменто е помал од најголемиот град во државата - Лос Анџелес. Државата е дом на вториот и шестиот по големина статистички попис на областите и на 8 од 50 најнаселени градови во САД.
Калифорнија има разновидна клима и географија, како и мулти-културно население. Географијата на Калифорнија се протега од Тихиот Океан па сè до планината Сиера Невада (Sierra Nevada) на исток, до областите од пустината Мохаве (Mojave Desert) на југозапад и боровите шуми Редвуд-Даглас (Redwood–Douglas) на северозапад. Во центарот на државата доминира Централната Долина (Central Valley), една од најпродуктивните земјоделски површини во светот. Калифорнија е држава која има најразновидна географија во САД и ја има највисоката (планината Витни - Mount Whitney) и најниската (Долината на Смртта - Death Valley) точка во Соединетите Американски Држави. Речиси 40% од територијата на Калифорнија е пошумена, што претставува голем дел за релативно сушна држава.
Името Калифорнија се однесува на голема површина од Северна Америка, вклучувајќи и голем дел од Југозападните Соединети Држави и полуостровот Долна Калифорнија. Почнувајќи од крајот на 18 век, областа позната како Алта Калифорнија (Горна Калифорнија - или едноставно, она што е денес во југозападниот дел на САД, западно од преријата) била колонизирана од Шпанската Империја, како дел од Вицекралството Нова Шпанија. Во 1821 година, Мексико, вклучувајќи ја и Алта Калифорнија, станала првата Мексиканска Империја, најпрво управувана како монархија а потоа како република. Во 1846 година, група американски доселеници во Сонома ја прогласиле независноста на Република Калифорнија во Алта Калифорнија. Како резултат на Мексиканско-Американската војна, Мексико ја отстапи Алта Калифорнија на САД. Западните делови на Алта Калифорнија станаа државата Калифорнија, 31та држава примена во унијата на 9 септември 1850 година, додека пак источните делови беа доделени на различни територии на САД.
Во 19 век, Калифорниската Златна Треска придонесе за драматичните социјални, економски и демографски промени во Калифорнија, со голем прилив на луѓе и економски бум што предизвика Сан Франциско да прерасне од селце со шатори во светски реномиран град. Клучните случувања во почетокот на 20 век ја вклучуваат појавата на Лос Анџелес како центар на американската забавна индустрија, како и растот на голем туристички сектор на државно ниво. Во прилог на просперитетната земјоделска индустрија во Калифорнија, други важни придонесувачи за економијата се и воздушната, нафтената и информатичката технологија. Доколку Калифорнија беше држава, би била рангирана помеѓу десетте најголеми економии во светот, со БДП сличен како оној на Италија. Би била 35та најнаселена држава.
Потекло на поимот
Зборот Калифорнија најпрво се однесувал на целиот регион составен од она што е денес државата Калифорнија, плус цели или пак делови на Невада, Јута, Аризона и Вајоминг и мексиканскиот полуостров Долна Калифорнија.
Името Калифорнија се верува дека потекнува од измислениот рај населен од Црните Амазони, управуван од страна на Кралицата Калифија. Митот за Калифија е запишан во 1510 година, во “Потфатот на Еспландиан”, напишан како продолжение на “Амадис де Гола” од шпанскиот авантурист Граси Родригес де Монталво. Кралството на Кралицата Калифија или Калафија, според Монталво, било далечно кралство населено од грифини и други чудни ѕверови и било богато со злато.
“Знаевте ли дека во десната рака на Индите има еден остров наречен Калифорнија, многу блиску до тој дел на земскиот рај, населен од црни жени, без ниту еден маж помеѓу нив, кои живееле на сличен начин како Амазонките. Тие биле крупни, со слични и страствени срца и големи доблести. Самиот остров е еден од најдивите во светот поради дебелите и спилести карпи. Нивните оружја биле направени од злато. Островот насекаде изобилувал со злато и скапоцени камeња и освен нив, ниту еден друг метал не бил пронајден.”
Името Калифорнија е петто најстаро зачувано европско име за место во САД и бил употребуван за она што е денес јужниот врв на Долна Калифорнија како островот Калифорнија од страна на шпанската експедиција предводена од Диего де Бесера и Фортун Ксименез, кои пристигнале таму во 1533 година по налог на Ернандо Кортес.
Географија thumb|left|Топографска мапа на Калифорнија thumb|250px|Поглед од авион кон Централната Долина thumb|250px|Сиера Невада thumb|250px|Национален парк Јосемити thumb|250px|Езерото Тахо Калифорнија граничи со Тихиот Океан, Орегон, Невада, Аризона и мексиканската држава Долна Калифорнија. Со површина од 160.000 квадратни милји (414.000 км2) е тртата по големина држава во САД, по Алјаска и Тексас. Доколку беше држава, Калифорнија би била на 59-то место по големина на областа.
Во средината на државата лежи Централната Долина, опкружена со крајбрежниот планински венец на запад, Сиера Невада на исток, водопадниот венец Каскада на север и планината Техачапи на југ. Централната Долина е земјоделското срце на Калифорнија на која се одгледува околу една третина од храната во земјата.
Поделена на две со делтата на реката Сакраменто-Сан Хоакин, северниот дел, долината Сакраменто, служи како слив на реката Сакраменто, додека јужниот дел, долината Сан Хоакин е слив на реката Сан Хоакин; двете области ги добиле своите имиња по реките кои течат низ нив. Коритата на реките Сакраменто и Сан Хоакин се доволно длабоки поради што неколку градови од внатрешноста се пристаништа.
Делтата Сакраменто-Сан Хоакин е најзначаен водоснабдувачки центар во државата. Водата се пренесува преку широка мрежа на канали и пумпи од делтата, кои се речиси напречни на должината на државата, вклучувајќи го и проектот на Централната Долина и Државниот Воден проект. Водата од делтата обезбедува вода за пиење за околу 23 милиони луѓе, речиси две третини од населението во државата и обезбедува вода за фармерите на западната страна на долината Сан Хоакин. Каналските Острови се наоѓаат на јужниот брег.
Сиера Невада („снежен венец“ на шпански) го има највисокиот врв во соседните 48 држави, планината Витни, со 14.505 стапки (4.421 м). Венецот ја опфаќа долината Јосемити, позната по своите ледничко изрезбани сводови и националниот парк Секвоја, дом на џиновските дрвја секвоја, најголемите живи суштества на Земјата и длабокото слатководно езеро, Тахо, најголемото езеро во државата по волумен.
На исток од Сиера Невада се наоѓаат долината Овенс и езерото Моно, живеалиште од суштинско значење за птиците преселници. Во западниот дел на државата се наоѓа езерото Клиар, најголемото слатководно езеро по површина во Калифорнија. Иако езерото Тахо е поголемо, поделено е со границата на Калифорнија/Невада. Сиера Невада има арктички температури во зима и има неколку десетици мали ледници, меѓу кои и ледникот Палисејдс, најјужниот ледник во САД.
Околу 45% од вкупната површина на државата е покриена со шуми и големиот број видови на бор во Калифорнија е неспоредлив со ниту една друга земја. Калифорнија има повеќе шуми од која било друга држава, освен Алјаска. Многу од дрвјата на калифорниските Бели Планини се најстари на светот; еден Бристелкони бор има 4.700 години.
На југ има големо, солено езеро, Салтон. Во јужниот централен дел се наоѓа пустината наречена Мохаве; на североисток од Мохаве лежи Долината на Смртта, каде се наоѓа најниската и најжешка точка во Северна Америка, котлината Бедвотер (Badwater). Растојанието помеѓу најниската точка на Долината на Смртта до врвот на планината Витни е помалку од 200 милји (322 км). Всушност, скоро цела југоисточна Калифорнија е неплодна, со жешки пустини, со екстремно високи температури во текот на летото. Југоисточната граница на Калифорнија со Аризона е целосно формирана од реката Колорадо, од која, јужниот дел на државата добива половина од нејзината вода.
По должината на брегот се наоѓаат неколку големи градски области - Лос Анџелес, Сан Франциско и Сан Диего.
Како дел од Огнениот прстен, Калифорнија е подложна на цунами, поплави, суши, ветришта Санта Ана, пожари, лизгање на земјиштето на стрмен терен, а има и неколку вулкани. Подложна е на бројни земјотреси поради многуте расади, особено поради расадот Сан Андреас.
Клима thumb|Снег на планините во Јужна Калифорнија. thumb|Долината на Смртта, сместена во источниот дел Калифорниската клима варира од средоземна до субарктичка. Во поголемиот дел од државата преовладува средоземна клима, со свежи, врнежливи зими и суви лета. Свежите крајбрежни калифорниски струи често создаваат магла на крајбрежјето во текот на летото. Во внатрешноста, има посвежи зими и потопли лета.
Во северните делови на државата има поголеми количества на врнежи отколку во јужните. Влијание врз климата исто така имаат и планинските венци: едни од најврнежливите делови во државата се западните планински падини. Во северозападна Калифорнија има умерена клима, а Централната Долина има средоземна клима но со поголеми температурни разлики од крајбрежјето. Високите планини, како што е Сиера Невада, имаат планинска клима со снег во зима и благи до умерени температури во лето.
Источните страни на планините создаваат дождовни сенки, кои создаваат големи пустини. Пустините кои се наоѓаат на голема надморска височина се соочуваат со жешки лета и ладни зими, додека пустините на мала надморска висина кои се простираат источно од планините во јужна Калифорнија имаат жешки лета и речиси благи зими, без мраз. Долината на Смртта, пустина која во големи размери е под нивото на морето, се смета за најжешкото место во Северна Америка; највисоката температура во западната полутопка, 134 °F (57 °C), беше измерено на 10 јули, 1913 година.
Екологија
Калифорнија е една од најбогатата и најразновидна област во светот во која се наоѓаат некои од најголемите еколошко загрозени видови. Калифорнија е дел од Неоарктичката еко-зона и опфаќа голем број на копнени еко-региони.
Големиот број на ендемски видови на Калифорнија вклучува реликтни видови, кои умреле на друго место. Многу други ендемски видови потекнуваат од диференцијација или адаптивна редијација, при што повеќе видови се развиле од заеднички предок за да ги искористат предностите на различните еколошки услови. Многу ендемски видови станаа загрозен вид, бидејќи и урбанизацијата, сечењето, претераното пасење како и прекумерното садење на егзотични видови го загрозија нивното живеалиште.
Флора и фауна thumb|Џиновска секвоја thumb|Дрвото Џошуа Калифорнија може да се пофали со неколку суперлативи во својата колекција на растителен свет: најголеми, највисоки и најстари дрвја. Калифорниските локални треви се повеќегодишни растенија. По контактот со Европејците, тие биле претежно заменети со други видови на едногодишни треви од Европа и во поново време, ридовите во Калифорнија добиваат карактеристично златно-кафеава боја во летниот период.
Бидејќи Калифорнија има најголема разновидност на клима и терен, државата има 6 животни зони, а тоа се: долна Сонорна (пустина); горна Сонорна (подножје и некои крајбрежни земјишта); транзиција (крајбрежни области и влажни северозападни земји); и Канадската, Хадсонската и Арктичката зона, од кои се состои највисоката надморска височина во земјата.