Долно Ботушје (познато и како Долно Ботуше) — село во Општина Македонски Брод, во областа Порече, во околината на градот Македонски Брод.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Порече, во западниот висок планински дел на територијата на Општина Македонски Брод, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Гостивар. Селото е планинско, на надморска височина од 1.140 метри.

Селото е сместено на левата страна на Ботушка Река, десна притока на Мала Река. Реката ја исцртува северната атарска граница. Селото е свртено кон југ. Малку ниви се наоѓаат околу селото, додека шума има над селото. Селото се наоѓа на источните падини на планината Добра Вода.

Во минатото, селото Ботушје претставувало една целина, поделено на два краеви: Горно и Долно Ботушје, оддалечени едно од друго 3 километри. И во двата дела куќите биле поделени на групи (маала), вообичаено групирани по родови, како што и се нарекувале.

До Долно Ботушје води земјен пат, кој продолжува од поранешното општинско средиште Самоков.

Историја

Селото е старо. Во него малкумина се доселиле низ годините.

Во век, Долно Ботушје било село во Поречката нахија, на Кичевската Каза, во Отоманското Царство.

Вкупно 10 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.

Стопанство

Атарот е заеднички со селото Горно Ботушје и зафаќа површина од 26 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.628,7 хектари, потоа следи обработливото земјиште на површина од 412,7 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 384,3 хектари.

Селото има мешовита земјоделска функција.

Население

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Кичевската нахија (Nahiye-I Kirçova) и имало 57 семејства и 4 неженети, сите христијани.Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 235

Според „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, во 1873 г. Ботуше (Горно и Долно) (Bétouché) имало 26 домаќинства со вкупно 108 жители Македонци.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 94-95.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Ботуше (Горно и Долно) имало 410 жители Македонци христијани.Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.258. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ботушје (Горно и Долно) имало 400 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 154-155.

На почетокот на XX век целото село потпаднало под српската пропаганда. Според митрополитот Поликарп Дебарски и Велешки во 1904 г. во Ботуше има 46 „српски“ куќи.Попис на митрополитот Поликарп, 25 февруари 1904 г.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.

Од Долно Ботушје се иселил значителен број од неговото население, така што, селото прераснало од средно во мало село по големина. Во 1961 година селото броело 511 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 51 жител, македонско население.

Според пописот од 2002 година, во селото Долно Ботушје имало 34 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, од кои 5 Македонци и 1 лице без податоци.

Родови

Долно Ботушје е македонско православно село.

Родови во селото се: Ралушина (10 к.), Ѓулковци (3 к.) и Јанчевци (7 к.), староседелски родови; Аслана (15 к.), потекнуваат од некој говедар, кој дошол, но не се знае откаде; Сејдија (8 к.), водат потекло од некој Сејдија, кој е доселен, но не се знае откаде.

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Македонски Брод, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната Општина Самоков. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Самоков.

Во периодот 1957-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Брод. Во периодот 1955-1957, селото било дел од тогашната општина Манастирец.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Растеш, во која покрај селото Долно Ботушје се наоѓале селата Битово, Близанско, Волче, Горно Ботушје, Заград, Здуње, Косово, Растеш и Требовље. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Растеш, во која влегувале селата Битово, Волче, Горно Ботушје, Долно Ботушје, Заград, Косово и Растеш.

Избирачко место

Во селото постои избирачко место бр. 0251 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватна просторија.

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 24 гласачи. На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 20 гласачи.

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 20 гласачи.

Културни и природни знаменитости

Цркви Црква „Св. Никола” — главна селска црква; Црква „Успение на Пресвета Богородица” — манастирска црква.

Манастири Ботушки манастир — манастир над селото

Личности Личности родени во Долно Ботушје

Гино Велјаноски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна, стр.257 Здравко Велјаноски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна Стојан Стаменкоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна Војче Змејкоски (1918 - 1945) — загинат во НОБ. Глигор Новески (1910 - 1944) — загинат во НОБ. Миливој Јанкулоски (1922 - 1945) — загинат во НОБ. Мирко Јанкулоски (1926 - 1945) — загинат во НОБ. Радован Земјакоски (1909 - 1945) — загинат во НОБ. Ристо Лазарески (1910 - 1945) — загинат во НОБ. Самоиле Ѓурчески (1918 - 1945) — загинат во НОБ.

Редовни настани

Слави Голема Богородица — селска слава

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Поречки села Категорија:Села во Општина Македонски Брод