Зовиќ (наречено и Зович; на месен народен говор Бзовиќ) — село во битолскиот дел на областа Мариово во рамки на Општина Новаци и пошироката околина на градот Битола.

Потекло и значење на името

лево|мини|Плоча со натпис за изградбата на црквата Св. Никола во која името на селото го пишува како Бзоиќ

Иако во службената и административна употреба селото е заведено и познато како Зовиќ или Зович, мештаните коишто живеат во него го нарекуваат Бзовиќ. Како Бзоик селото е запишано односно исклесано на плочата во селската црква „Св. Никола“ каде на старословенско писмо се запишани податоците за нејзината изградба од 30 октомври 1862 година.

Името на селото е добиено најверојатно по името на една чешма (извор) која се наоѓала во денешно Зовиќ, а која селаните на тогашното старо село Леништа ја викале „Бзовиќ“ поради тоа што околу неа имало многу боз. Грмушки од растението бозел и денес се наоѓаат во самото село и пошироко на атарот на Зовиќ. Оттаму, од името на растението боз или бозел доаѓа основата на името на селото (Б)зовиќ со значење на место обраснато со боз.

Поради катастарски потреби за именување на издвоениот атар на селото помеѓу Градешница и Старавина, често се користи и називот Зовиќ I (или Зовиќ 1) за ова село, додека другиот дел на атарот го има името Зовиќ II (или Зовиќ 2).

Географија и местоположба

мини|300п|десно|Глетка на селото Зовиќ со врвот Кајмакчалан на планината Ниџе во позадината мини|десно|300п|Поглед на Зовичкиот мост

Селото се наоѓа во битолскиот дел на областа Мариово, во крајниот источен дел на територијата на Општина Новаци, чиј атар просторно е поделен на два дела. Така, атарот на Зовиќ I се допира до просторот на територијата на Општина Прилеп на север, а атарот на Зовиќ II во кој е расположен на надморска височина од 680 метри се допира со државната граница со Грција на југ. Селото е ридско, на надморска височина од околу 680 метри. Селото е едно од најизолираните места во државата, па така од централното место Битола е оддалечено дури 53 километри. Селото е поврзано со асфалтен пат, кој како крак се издвојува од регионалниот пат 2338 кој оди преку селата Рапеш и Маково.

Зовиќ се наоѓа во средишниот дел на областа Мариово. Сместено е на една карпеста зарамнетост веднаш над самиот лев брег на Градешка Река. Расположено е на надморска височина од 685 метри помеѓу два ридски гребени на југ и север на чиј врв е изградена малата црквичка „Св. Атанасиј“, во подножјето на висорамнината Добро Поле. Иако куќите на селото лежат во благо зарамнетото подножје помеѓу двата ридови, според надморската височина Зовиќ е ридско село.

Крај селото кај познатиот Зовичкиот мост, тече Градешка Река која извира и дотекува од планината Ниџе и навлегува во карпеста клисура од каде кај месноста Еленик се спојува со реката Сатока, која потоа се влева во Црна Река.

Преку велосипедска и пешачка патека кон север во должина од 11 километри или 3 часа одење пеш минувајќи преку реките Градешка и Сатока, Зовиќ е поврзано со селото Манастир во прилепскиот дел на Мариово. Во минатото, по оваа патека минувале големата велосипедска и пешачко-планинарската тура во рамки на фестивалот на отворено Mariovo Off-Road Experience.

На средина од самото село има кладенец со многу питка и студена вода, а во селото има повеќе чешми и извори. Во селото има голем број на оревови и сливови дрвја, смокви, дабови, тополи и нискостеблести грмушки.

Месности и предели во атарот на Зовиќ се: Еленик, Долго Брдо (веднаш на југ од селото), Марита (веднаш на север од селото), Момилот, Булјак, Длабок Дол, Песјо Поле, додека кон Чебрен и Црна се потезите Дункова Стена, Војник и Доќимот Брдо.

Во 1970-тите години селото добива електрична енергија.

Историја

мини|десно|300п|Панорама на дел од селото

Според народното предание кое се раскажува помеѓу мештаните, селото односно предците кои го основале трипати се преселувале на три различни места пред конечно да се населат на сегашната местоположба. Најпрвин родовите живееле на месноста на ридот Душегубец помеѓу Старавина и Градешница, потоа се преместиле во месноста Леништа, од каде повторно се иселиле при што според верувањата, еден дел од луѓето заминале и го основале селото Леништа кај Прилеп, а другиот дел се населиле на сегашното место на Зовиќ.Според кажување на Миле Скаклевски (р. 1938). Забележал Марио Шаревски на 7 мај 2016

Во минатото селото се викало Леништа и се наоѓало во месност оддалечена околу 500 метри од сегашното село. Меѓутоа за време на турското владеење селото било опљачкано и запалено поради што неговите жители биле принудени да се преселат на друго место, околу една чешма која селаните ја викале Бзовиќ и се наоѓала на местото на денешното село при што на тој начин било основано и населено денешното село Зовиќ. Се претпоставува дека ова преместување, односно основањето на сегашното село Зовиќ се случило во XVII век, кога била изградена и малата еднокорабна црква „Св. Атанасиј“, која се наоѓа на врвот на ридот веднаш над самото село.

На месноста на старото село која во службените и административни катастарски евиденции е посебно заведена и позната како Зовиќ II, селаните долго време подоцна сѐ уште оделе и обработувале земја, садејќи компир и ја терале стоката на напасување.Според кажување на Миле Скаклевски (р. 1938) и Сава Скаклева (р. 1936) од селото Зовиќ. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Ѕвонко Петровски на 30 мај 2015 г.

Дека селото Зовиќ постоело во средновековниот период уште кон крајот на век и средината на век сведочат отоманските (турски) пописни и даночни дефтери кои во 1476/77 забележале 18 семејства, во 1481/82 попишале 28 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 50 домови во 1519 година, 57 домаќинства во 1528/29 и опаѓање на 40 во 1544/45 година.

Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот селото Бзовиќ погрешно го запишал со името Взоид наведувајќи дека има 65 куќи и стара црква.

Во XIX век селото Зовиќ било едно од мариовските села во кое било најголемо влијанието на грчката пропаганда.Башески, Илија. Мариово и Меглен - Природни и социо-економски одлики. во: Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен, Зборник на материјали од научниот собир одржан во Прилеп и Витолиште 24, 25.05.1990. Прилеп, 1994. стр. 55 Но, додека на делови од оштетениот живопис во малата црква Св. Атанасиј над селото се забележуваат натписи на грчко писмо, во главната селска црква изградена во 1862 година, а по големите оштетувања во Првата светска војна возобновена во 1927 година, има натписи само на старословенско писмо и книги на црковнословенски јазик. Поради жестоките борби на линијата на фронтотот, селото Зовиќ со уште неколку села во битолско Мариово до темел биле разурнати за време на Првата светска војна.

Видливи остатоци од Првата светска војна во селото се видливи на влезот од селото, особено на патот кој води до Чебренскиот манастир, како и во близина на црквата „Св. Атанасиј“, сместена на ридот над селото. Во црквата „Св. Никола“ се наоѓаат неколку гробови од бугарски војници, а низ селото, како и низ сите мариовски села, може да се сретнат голем број на остатоци од војната, на кои мештаните им нашле примена во домаќинството. Дел од овие предмети, денес се изложени во новиот ресторан „Кај Мостот“.

Селото растело по бројот на жители и домаќинства сѐ до шеесеттите години на XX век, кога започнал бран на иселувања кој придонел за особено забележителен пад на бројот на жители по 1971 година. Падот не го спречило ниту електрифицирањето, кое се случило во 1970-тите години.

Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.

Стопанство

Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 22,3 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.128,9 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 644,8 хектари, а на шумите отпаѓаат 257,8 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.

Малобројното преостанато постојано население, како и дел од иселениците и некогашни жители кои ги посетуваат своите имоти, се занимаваат со земјоделство односно со градинарство исклучиво за задоволување на сопствени потреби. Од градинарството најмногу се одгледуваат краставици, кромид, марули, лук, домати и грав. Поради тоа што обработливата земја во градините е многу тенок слој на почва црница и лежи врз карпи краставиците и другите плодови иако се со помала големина се одликуваат со многу убав и специфичен вкус. Во самото село и непосредната околина на повеќе ниви се одгледува и компир, а во помала мерка и жито, најмногу пченица и ’рж. Од сточарството најзастапено е одгледувањето на овци и крупен добиток како крави и телиња во помал број, од чие млеко се прави познатото мариовско биено сирење, кое самите Мариовци го нарекуваат „тепано“. Од сточарството во помала мерка се одгледуваат и кози.

На самиот влез на селото од јужната страна има сточарска фарма, а на атарот на селото постојат и повеќе бачила од кои само неколку активно се користат и работат произведувајќи овчо и мешано биено сирење.

Во минатото селото многу произведувало тутун, од кој од една годишна берба се купувало и телевизор, се саделе и слануток, винова лоза и друго. Сите куќи одгледуваат и доста живина односно кокошки и мисирки. Во селото има голем број на оревови дрвја кои раѓаат многу јадри и благи ореви.

Од неодамна на сретселото во Зович постои и етно-куќата „Кај Мостот“ која е отворена за посетителите со новоизградени сместувачки капацитети со 3 соби со 12 нови легла и голем ресторан.

Население

Демографски статистики за селото Зовиќ во османлискиот период:

Османлиски дефтериДомаќинстваНеженетиВдовициГодишен приходДефтер бр. 4 од 1476/77 г.182943Дефтер бр. 16 од 1481/82 г.2821835Дефтер бр. 73 од 1519 г.501032627Дефтер бр. 149 од 1528/29 г.57823620Дефтер бр. 232 од 1544/45 г.4082110

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Зовиќ живееле 420 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 247. Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Зовиќ имало 320 Македонци, патријаршисти.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 148-149.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Бзовиќ се води како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 62 куќи.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.

Во 1961 година селото било средно по големина со 388 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 54 жители, македонско население.

Според пописот од 2002 година, во селото Зовиќ живеел 31 жител, сите Македонци.

Моментално, во селото постојано живеат 7 домаќинства со дваесетина жители. Голем број на поранешни иселени жители и нивни потомци сѐ уште поседуваат и ги посетуваат своите куќи, од кои дел се обновени, а дел ги обработуваат и своите имоти. За време на летниот период, селските празници и одржувањето на Зовичката средба во селото има и до стотина луѓе.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 11 жители, од кои 6 Македонци и 5 лица без податоци.

Родови

Во селото Зовиќ отсекогаш па сѐ до денес живееле исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Скоро сите родови во селото се старинечки односно староседелски преселени од старото село Леништа или Зовиќ. Можно е некои од селските родовите да потекнуваат и од блиското одамна раселено село Чебрен.