Вепрчани — село во Општина Прилеп, во областа Прилепско Мариово, во околината на градот Прилеп.

Потекло и значење на името

мини|300п|лево|Поглед на селото

Името на селото доаѓа од зборот вепар односно дива свиња. Според преданието за настанокот на селото поради чести напади и несигурност, жителите од седум околни населби се собрале и се населиле во долот каде што имало многу вепри од каде што дошло и името на селото.

Ова соодветствува и со фактот што и во денешно време шумите околу селото изобилуваат со многу вепри - диви свињи и друг дивеч, поради што Вепрчани е постојано и многу често посетувано од ловџии.

Географија и местоположба

мини|300п|десно|Глетка од селото Вепрчани

Селото се наоѓа во северниот дел на прилепскиот дел од областа Мариово, во источниот дел на територијата на Општина Прилеп. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 800 метри. Од градот Прилеп, селото е оддалечено 34 километри.

До селото води макадамски пат, кој се двои од локалниот асфалтиран пат до селото Дуње, а кој пак започнува од регионалниот пат 1107. Макадамот е посипан со чакал во должина од 11 километри.

Месности во атарот на Вепрчани се: Доќимот, Крив Рид, Бутковец, Лозја, Скокот, Миличино и Градиште.

Сместено е во дол на јужното подножје на планината Дрен од левата страна на Црна Река. Од три страни селото Вепрчани е заградено со високи планински гребени, од југ го заградува висок планински гребен со највисокиот врв Бутковец (1.191 м.), на исток кон Гуѓаково сѐ до Црна Река се испушта рамка со врвовите Бадниево Гноиште (1.225 м.) и Трите Страги (1.476 м.), на север е главното било на Дрен Планина со врвовите Четири Буки (1.462 м.), пределот Сува Планина со врвот Маркови Кули (1.510 м.), пределот Вепрчка Скрка со превојот Лигураса и веднаш од северозапад е гребенот Крајни Стени. Долот на Вепрчанска Река е отворен кон запад каде во близина на Дуње се спојува со Ореовдолска Река и заедно ја сочинуваат богатата со риби Дуњска или Лисичка Река која се влева во Црна Река.

Селото има доста густа дабова шума на падините под Бутковец и манастирот „Св. Богородица“ јужно и југоисточно од селото. На атарот на селото има големи и квалитетни наоѓалишта на мермер на север од селото како и кварц и порцелан.

Има збиен тип и издолжен изглед со куќи сместени од десната страна на долот на Вепрчанска Река, со насока на протегање од исток кон запад. Поделено е на Горно и Долно Маало, кои потоа се поделуваат во помали маала според родовските имиња: Ролево, Чорапарово, Леково и други.

Со вода се снабдува од една чешма во средина на селото, а постои и доста издашен извор во рудникот за мермер од кој со цевки е спроведена вода до манастирот „Св. Димитриј“.

Блиски и соседни села на Вепрчани се: Дуње на запад со чиј атар граница претставува Дуњска Река, Пештани на северозапад, Беловодица, Царевиќ и Дрен преку Дрен Планина во долината на Раечка Река на север, мариовско Гуѓаково на исток, Врпско на југоисток и Живово на југ преку реката Црна.

Историја

мини|300п|десно|Китење на свадбено знаме во Вепрчани

На атарот на Вепрчани имало организиран живот уште од дамнешните антички времиња за што сведочат повеќето старини и археолошки наоди како доцноантичките гробници и големиот број на ископани ќерамитки и темели од куќи при орање и изградба на задругата на месностите Градиште, Крив Рид, Скокот и Лозја, од кои најзначаен наод е една надгробна плоча со старохеленски натпис посветена на Александар Дионисис и подигната по налог на Собранието на некој древен град, пронајдена во близина на манастирот „Св. Богородица“.

За настанокот на селото постои предание дека поради чести напади и несигурност, жителите од седум околни населби се собрале и се населиле во долот каде што пронашле чешма и имало многу вепри (диви свињи) од каде што дошло и името на селото. Овие луѓе кои избегале од напади го избрале местото на Вепрчани како полесно и погодно за одбрана. Ваквото мислење има голема веродостојност со географската положба и историското минато на селото Вепрчани, кое е опкружено со високи планини од три страни, во минатото било засолниште и стожер на многу комити, ајдути и борци.

За староста на селото сведочи селската црква посветена на Светото Вознесение („Св. Спас“), која што датира од XIII-XIV век.

Најстариот запис во кој се споменува селото Вепрчани потекнува од втората половина на XV век односно од турските пописни дефтери од 1476/77 кога во селото живееле 31 семејство, потоа во 1481/82 биле попишани 41 домаќинство, за потоа да бележат пораст на 80 домови во 1519 година, а потоа опаѓање на 47 домаќинства во 1528/29 и 46 семејства во 1544/45 година.

Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за селата во Северо Мориево кај реката Црна и за селото Вепрчани запишал дека имало 60 куќи и стара црква. Овој запис сведочи за големината на Вепрчани, кое според податоците од турските записи највеќе нараснало до 92 куќи со 1900 жители. Во ова време Вепрчани имало 7 попови, а на селската река имало 13 воденици по една за секој од селските родови. Еден од поповите од Вепрчани, попот Пројче е споменат и како лик во книгата „Крпен живот“ на познатиот писател Стале Попов, чијашто мајка била токму од ова село.

мини|300п|десно|Типична мариовска куќа ѕидана од камен со покрив од камени плочи во Вепрчани

Во отоманско време во XIX век, селото Вепрчани важело како комитско село, во кое бегале и се засолнувале многу борци и бунтовници, а и самите жители се истакнувале со бестрашност и борбеност. Од Вепрчани потекнувал и се иселил родот на познатиот мариовски војвода Толе Паша од селото Крушевица, а во неговата чета имало многу комити од Вепрчани. Зимата 1854 година во куќата на Тода Илиева Тодороска-Мутева во селото Вепрчани во борба со турскиот аскар загинал и познатиот борец Ѓорѓи Лажот, кој со дружина престојувал во една куќа во која од земникот (визбата) имало ископано тунел за бегство до долот. Тие биле накодошени и опколени од турскиот аскер и биле убивани како излегувале, а населението и денес наоѓа останки од нивните коски во лозјата. Овој настан е опеан во народните песни „Киниса мома Тода на вода да оди“ и „Доста оди Ѓорѓи, доста шета“, а на една куќа постои и спомен-плоча посветена на Ѓорѓи Лажот. Како одмазда за предавничкиот чин во 1855 година Спиро Црне со 7 комити од Вепрчани врзале и живи запалиле 18 членови од родот Јанковци.

Во прилог на јунаштвото и бестрашноста на жителите на Вепрчани и Мариово, говори и еден настан според кој настанал прекарот на вепрчанскиот род Головци, чиј предок Ристе бил наречен Гола Сабја откако во една прилика кога одел на пазар во Прилеп кај местото на денешна „Солидност“ со голи раце му ја откинал главата на некојси Турчин - насилник кој му се испречил на патот со некакво барање односно уцена. Уште еден доказ за комитското минато на Вепрчани е и прекарот на вепрчанскиот род Шакировци чиј предок бил комита кај познатиот Крсте Гермов („Шакир војвода“), а по враќањето и самиот тој земал 3 комити со него и органзирал месна чета во Вепрчани.

За време на Првата светска војна, рачно бил направен патот, а била исечена и целата шума.

Во XX век во селото работело училиште во куќата на родот Мијаковци и селото имало свој матичар и кмет. Тоа било големо село каде чест случај било во една куќа да живеат и по 20 членови на неколку семејства.

Стопанство

мини|300п|десно|Воздушен поглед на рудникот „Вепрчани“ кај селото

Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 29,2 километри квадратни. На него пасиштата заземаат површина од 1.778,4 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 664,7 хектари, а на шумите само 11,6 хектари.

Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.

Во минатото жителите на Вепрчани се занимавале со сточарство и земјоделство за лични потреби, а единствено оделе на пазар во Прилеп за да купат газија. Од житото најмногу се одгледувало ’рж, а многу помалку и пченица, овес и други планински жита, од кои брашното се мелело на водениците кои ги имал секој род на Вепрчанска Река. Денес, малубројното преостанато постојано население и луѓето кои имаат куќи и имоти во селото се занимаваат со овчарство, пчеларство и градинарство за свои потреби. Денес, постои едно домаќинство на Ристе - Ричко од родот Чорапаровци кое што одгледува 250 овци, од кои се произведува пресно млеко, биено сирење и месо за пастрма. Домаќинстваа од родот Чорапаровци кои се постојани жители во градините под куќите за сопствени потреби во мал обем одгледуваат и градинарски производи како црвени пиперки, патлиџан (домат), кромид, лук, зелка на отворено и под еден пластеник.

Во селото Вепрчани е многу застапено пчеларството при што во селото вкупно се одгледуваат 250 пчелни семејства во сандаци од познатата енедемска „мариовска пчела“ од кои се произведува чист, природен и висококвалитетен ливадски мед. Покрај ливадската паша, пчелните семејства во Вепрчани произведуваат и многу вкусен мед од дабова паша. Најмногу пчелни сандаци има домаќинството на Богдан од Рожденови чие семејство е сопственик на фабриката за мед „Зора Лек“ од Градско, која произведува и откупува мед од Вепрчани, Фариш и други места и со годишно производство од 6 и повеќе тони мед снабдува доста градинки, болници, училишта и ресторани, а извезува и во Европа и Русија.

Поради големите и квалитетни наоѓалишта на минерали за градежни материјали, од пред 7-8 години веднаш северно над селото постои голем рудник и ископ на квалитетен бел мермер во сопственост на странски газди од Грција и Косово, а во минатото во Вепрчани се ископувале и најквалитетен кварц од фабриката „Партизанка“ од Прилеп и селото Манастир, како и порцеланска земја за глазура на керамички садови која што ја користела фабриката „Порцеланка“ од Велес.

На атарот во непосредната околина на селото е многу застапен ловот на дивеч на диви свињи (вепри), лисици, срни и волци за кои доаѓаат ловџии и ловни друштва од Прилеп, Скопје и странство, при што Вепрчани е едно најпосетуваните места за лов во Мариово.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Вепрчани живееле 520 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 247.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Вепрчани имало 384 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 150-151.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Вепрчани се води како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 80 куќи.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.

Како и многу села во Мариово, така и од Вепрчани се иселил голем број од населението, поради што тоа бележи постојан пад на бројот на жителите и е во фаза на раселување. Така, во 1961 година Вепрчани броело 367 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на само 18 жители, македонско население.

Во 1994 година во Вепрчани имало 13 куќи во кои постојано живееле луѓе и 6 овчари. Во 2015 година, во Вепрчани имало 4 отворени куќи во кои постојано живееле 3 домаќинства и 1 повременоТогашни (2015 г.) постојани жители на Вепрчани биле Ристе (Ричко), кој одгледувал овци и Илија од Чорапарови, Богдан од Рожденови и Димко од Шпарловци, а поголем број поранешни жители ги имаат обновено и ги посетуваат своите куќи и имоти бавејќи се со пчеларство, лов и сточарство.

Според пописот од 2002 година, селото Вепрчани броело само 10 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2 жители, од кои 1 Македонец и 1 лице без податоци.

Родови

Селото Вепрчани е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед.

Родови во селото се: