Старо Лагово — село во Општина Прилеп, во областа Пелагонија, во околината на градот Прилеп.

Потекло и значење на селото

мини|300п|лево|Воздушен поглед на селото

Научните истражувачи претпоставуваат дека името на селото потекнува од придавското име на старословенскиот збор „лаг“ со значење рамно ниско место со мала шума и додавката старо, за да се разликува од соседното Ново Лагово.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во јужниот дел на Прилепското Поле, како и во јужниот дел на територијата на Општина Прилеп, недалеку од патот Прилеп-Битола. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 685 метри.

Во непосредна близина на селото поминува регионалниот пат 1107, кој води за Мариово.

Селото се наоѓа 7 километри јужно од Прилеп. Околни села се Ново Лагово, Волково, Чумово и Беровци. Во селото има 3 извора кои на лето пресушуваат, а во дворовите на куќите има бунари.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Бел Камен, Каменица, Боздо, Чекут, Подово, Гладница, Арапица, Слива, Ѓупски Маала и Дујгас.

Старо Лагово е село од збиен тип. Селото е мало и не се дели на маала.

Историја

До 1912 година селото се нарекувало само Лагово. Истата година на 2,5 километри е основана колонистичка населба населена со Срби од Далмација - Ново Лагово. Од тогаш селото се вика Старо Лагово.

Старо Лагово било чифлигсајбиско село. Жителите биле момоци во чифлиците. Поради тоа во селото нема стари родови. За време на Турците во Старо Лагово ниедна христијанска куќа немала своја земја.

Во селото не постоела црква до 2002 година, кога бил уреден параклис во старата отоманска кула. Селските гробишта се наоѓаат источно од селото.

Стопанство

мини|300п|десно|Фотонапонска централа кај селото

Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 3,3 километри квадратни. На него обработливото земјиште зазема површина од 248 хектари, поради што селото има полјоделска функција.

Во 1912 година, во селото биле следниве пет чифлици: Сулејманов, Фајков, Мединче, Тарагоски и Селим-Чосески. Сопствениците живееле во Прилеп. Турчинот Мединче во 1909 година изградил убава триспратна кула која постои и денес. Денес кулата е претворена во параклис посветен на „Успение на Пресвета Богородица“.

По 1919 година селаните си откупиле поголем дел од земјата. Само Заревци од Прилеп (со потекло од Зрзе) со аграрната реформа добиле околу 30 хектари земја, но таа земја им била одземена во 1949 година.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Старо Лагово живееле 80 жители, сите Македонци.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр.246.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Лагово се води како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 9 куќи.

Според податоците на секретарот на егзархијатаДимитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 96 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 150-151.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 50 Македонци.

Во 1954 година имало 14 населени куќи, а четири семејства летно време живееле во селото, а зимно време живееле во Прилеп.

Селото е мало и е населено со македонско население. Тоа во 1961 година броело 161 жител, а во 1994 година само 49 жители.

Според пописот од 2002 година, селото Старо Лагово броело 17 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 30 жители, од кои 27 Македонци и 3 лица без податоци.

Родови

Старо Лагово е македонско село.

Според истражувањата од 1954 година, родови во селото се: Карамановци (2 к.), познати по тоа дека како момаци (работници) секаде шетале по селата. Во Старо Лагово дошле од селото Карамани, Битолско; Ташковци (1 к.), дошле во 1910 година од Мало Коњари и таму дошле од негде; Милошевци (1 к.), и тие шетале како момаци по разни села. Тука дошле од Галичани, како и претходните родови, а вистинското старо потекло им е непознато; Славевци (1 к.), дошле во 1916 година од Прилепец; Мариовци (4 к.), дошле во 1926 година од Вепрчани; Лешковци (4 к.), дошле во 1926 година од Сланско, Порече и Дурлевци (1 к.), дошле во 1930 година од соседно Волково.

Општествени установи

мини|300п|десно|Поглед на основното училиште

ПУ „Круме Волнароски“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до деветто одделение во состав на ОУ „Круме Волнароски“ - Тополчани

Самоуправа и политика

Во век, Старо Лагово било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Тополчани.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Тополчани во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Старо Лагово, во која покрај селото Старо Лагово, се наоѓале и селата Алинци, Беровци, Волково, Галичани, Мало Рувци, Ново Лагово, Прилепец, Чумово и Штавица. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на истоимената општина, во која се наоѓале селата Волково, Мало Рувци, Прилепец, Старо Лагово, Чумово и Штавица.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1431 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 34 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 34 гласачи.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Ѓупско Маало — населба од римското време.

Параклиси Параклис „Успение на Пресвета Богородица“ — нов параклис претворен во старата чифлигсајбиска кула во 2002 година. Параклисот бил во посед на Православната охридска архиепископија, паралелна верска заедница на Македонската православна црква до нејзиното спојување со МПЦ.

Редовни настани

Слави Велигден — селска слава на селото е вториот и третиот ден на Велигден

Поврзано Општина Прилеп Пелагонија

Наводи

Надворешни врски

10 без 10 / Старо Лагово Одметникот Јован се сели во Старо Лагово? СТАРО ЛАГОВО СО НОВ ВОДОВОД

Категорија:Села во Македонија Категорија:Прилепски села Категорија:Села во Општина Прилеп