Браќата Карамазови () — роман на рускиот писател Фјодор Достоевски.

Настанување на романот

Врз Достоевски и неговото творештво влијаеле религијата и филозофијата. Во мај 1878 година, тригодишниот син на Достоевски умрел од епилепсија, наследна болест од татко му. Жалоста на писателот е присутна во романот и ликот Алјоша е именуван во чест на неговиот син. Смртта на синот на Достоевски резултурала со посетување на Манастирот Оптина, истата година. Таму, тој пронашол инспирација за неколку аспекти од книгата „Браќа Карамазови“, иако првично имал намера да пишува за детството. Дел од животот на Отец Зосима е заснован врз „Животот на старецот Леонид“, текст кој го пронашол во манастирот Оптина и го копирал „од збор до збор“.Figes, Orlando (2002). Natasha's Dance, A Cultural History of Russia. New York: Picador, стр. 325.

Во 1850-те години, за време на неговиот престој во Омск, Достоевски сретнал тројца браќа кои го претставувале одличниот братски сојуз во слога. Измислениот град Скотопригоневск најверојатно е заснован врз Стараја Руса, каде Достоевски поминал еден дел од животот, поточно од 1872 до 1880 година.

„Браќа Карамазови“ е последниот роман на Фјодор Достоевски кој го пишувал околу две години, а бил објавен во продолженија, во списанието „Руски весник“, во текот на 1879 и 1880 година. Достоевски посветил многу време работејќи на романот, а за таа цел привремено го прекинал издавањето на „Дневникот на писателот“, кој не излегувал во 1878 и 1879 година, т.е. во периодот на најинтензивната работа на романот.Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. VII. Романот бил завршен во ноември 1880 година. Од белешките принајдени во неговата оставнина се гледа дека, во обликот во кој конечно бил напишан, Достоевски го замислил романот во првата половина на 1876 година. Според идејата на Достоевски, романот требало да биде прв дел од епопејатаHutchins, Robert Maynard, editor in chief (1952). Great Books of the Western World. Chicago: William Benton. во која имал намера да ја изрази својата „главна идеја“, како што се изразил во едно писмо. Првобитно, тој роман требало да се вика „Атеизам“, но подоцна насловот бил променет во „Животот на големиот грешник“. Тој замислен роман требало да биде животното дело на Достоевски. Така, во писмото до Аполон Мајков од 11 октомври 1868 година, Достоевски напишал: „... ќе го напишам овој роман, а потоа макар и да умрам - целиот ќе се изразам“, додека во писмото до А. С. Иванова од 14 декември 1869 година нагласил: „Таа идеја е сето она поради кое живеев.“ Во писмото до Мајков од 25 март 1870 година, Достоевски напишал дека главното прашање што ќе биде обработено во сите делови на романот е постоењето на бога. Истовремено, во „Животот на големиот грешник“, тој имал намера да го постави прашањето на позитивниот јунак кој, како што сведочи писмото до Мајков, требало да биде моделиран според свештеникот од XVIII век, Тихон Задонски. Достоевски не успеал да ја оствари својата „главна идеја“, но неговата замисла најблизу е реализирана во „Браќата Карамазови“, каде ликот на старецот Зосима е направен според Тихон Задонски, а како „позитивен руски тип“ може да се смета и Аљоша, иако тој лик не е потполно довршен. Според сопругата на Достоевски, Ана Григориевна, тој планирал да напише продолжение на „Браќата Карамазови“ во кое, на крајот, Аљоша требало да премине во редот на револуционерите.Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. VII-IX.

Во своите дела Достоевски обработувал и некои вистински настани за кои читал во весниците или за нив дознал на друг начин. Така постапил и во романот „Браќата Карамазови“ во кој ликот на Митја Карамазов е насликан според некој Илински - вистински лик со кој Достоевски се запознал во затворот. Илински бил лекомислен човек кој бил осуден поради убиството на татко му, но подоцна бил откриен вистинскиот убиец. Исто така, во едно писмо, Достоевски напишал дека сите анегдоти за децата биле преземени од весниците и дека тој не измислил ништо. Најпосле, романот „Браќата Карамазови“ е поврзан и со публицистичкото творештво на Достоевски, а особено „Дневникот на писателот“. Според А. С. Долинин, Дневникот не само што претставува идеолошка лабораторија од која произлегла основната композиција на романот, туку во Дневникот за 1876 година може да се најдат цели делови кои буквално се пренесени во романот. Впрочем, токму фактот дека во времето на најинтензивната работа на „Браќата Карамазови“ Достоевски престанал да го објавува Дневникот зборува за тоа дека станува збор за реализација на истата идеја.Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. IX-XI.

Ликови

Фјодор Павлович Карамазов — татко на тројца синови од неговите два брака. Тој е на возраст од 55 години, а опишан е како „паразит“ и „кловн“. Според гласините во округот, тој е татко и на вонбрачното дете, Павел Фјодорович Смердјаков, кој е вработен како негов слуга. Фјодор не изразува никаква желба и интерес кон своите синови, кои пак се израснати одделени еден од друг. Односите меѓу татково и синовите се една од главните теми на романот.

Дмитри Фјодорович Карамазов, познат и како Митја, Митка, Митенка или Митри, е најстариот син на Фјодор Карамазов, а воедно и единствено дете од првиот брак. Тој е сензуалист, слично како неговиот татко, кој многу пари за ноќи поминати со шампањ, жени и забава. Дмитри стапува во контакт со неговото семејство во моментот кога има потреба од наследството од неговиот татко, за кое тој верува татко му му го задржува. Дмитри има лоша врска со таткото, често ескалирајќи во насилство. Насилството често ескалира во врска со жената Грушенка, за која пројавува желба и татко му. Иако Дмитри има добри односи со Иван (средниот брат), сепак тој има најблиски односи со Алексеј (најмладиот брат).

Иван Фјодорович Карамазов, познат и како Вања, Ванка или Ванечка, е средниот син на Карамазов и прв син од вториот брак на Фјодор. Тој е млад човек на возраст од 24 години, рационалист, особено вознемирен од бесчуствителното страдање во светот. Тој е опишан како високо интелигентен човек. Уште од раните години, Иван е изолиран и недружељубив. Во еден разговор со Алексеј, таткото Фјодор изјавува дека повеќе се плаши од Иван отколку од Дмитри. Некои од најзабележителните делови од романот се однесуваат на Иван.

Алексеј Фјодорович Карамазов, познат и како Алјоша, Алошка, Алјошенка, Алјошечка, Алексејчик или Лјошенка, е најмладиот син на Фјодор. Тој е на возраст од 20 години и е втор син од вториот брак на Фјодор. Алексеј е опишан како херој на романот во воведното поглавје. Тој, исто така, е опишан како доста љубезна личност. Во почетокот на романот, Алјоша е почетник во еден православен манастир. Неговата вера е во судир со атеизмот на брат му Иван. Неговиот претпоставен, Отец Зосима, го испраќа во светот каде Аљоша се соочува со замрсените односи во неговото семејство.

Павел Фјодорович Смердјаков — слуга на Фјодор, за кој се смета дека е негов вонбрачен син. Тој е син на „Смрдливата Лизавета“, нема жена која живеела на улица и умрела при породување. Прекарот на Павел значи „смрдлив“ или „син на смдрлив“. Смердјаков израснал во куќата на Карамазови, како слуга и готвач. Тој е недружељубив и намуртен и најверојатно страда од епилепсија. Општо гледано, Смердјаков му се воодушевува на Иван и го дели неговото мислење кога е во прашање атеизмот.

Катерина Иванова Верховцева, наречена и Катја, Катка или Катенка, е вереница на Дмитри, иако тој јавно пројавува желба и интерес за Грушенка. Веридбата со Дмитри е прашање на гордост од двете страни. Дмитри позајмил пари на таткото од Катарина, додека пак таа има голема гордост и тежнее да дејствува како благороднички маченик. Поради тоа, таа не може да ја изрази симпатијата кон Иван и постојано создава бариери меѓу нив. Кон крајот на книгата и Катерина запичнува вистинско и реално душевно прочистување.

Аграфена Александровна Светлова, наречена и Грушенка, Груша и Грушка, е девојка од 22 години, која има неверојатен шарм и привлечност. Во нејзината младост таа била напуштена од еден полски офицер и таа потпаднала во закрила на еден тирански скржавец. Тоа предизвикало кај неа да се појави желба за независност и самоконтрола на нејзиниот живот. Таа изразува интерес и за Фјодор и за Дмитри Карамазов и се труди да ги измачува двајцата. Сепак, со започнувањето на пријателството со Алјоша, таа тргнува по друг пат.

Отец Зосима, Старецот — старец и духовен советник во манастирот и учител на Алјоша. Понекогаш, тој се славел од луѓето како личност со проповеднички и исцелувачки способности. Неговите учења му помогнале на Алјоша да се справи со предизвиците во животот.

Преку некои ликови во романот Достоевски настојувал да ги изрази своите или погледите на своите идеолошки противници. Во прв ред, станува збор за: старецот Зосима, Иван Карамазов, Аљоша Карамазов, Михаил Ракитин, итн. Сепак, како одраз на противречните сфаќања на самиот автор, некои од овие ликови не се доследно насликани. На пример, ликот на Ракитин не се одликува со уметничка вистинитост и реалистичност; Исто така, идеите на Иван Карамазов не се во согласност ос неговите постапки, т.е. уметничката логика на овој лик е во спротивност на тенденцијата на писателот. Така, Иван Карамазов го изразува својот протест против насилството над луѓето и го негира поредокот во светот, но истовремено тој е приврзаник на аморалниот принцип дека „сè е дозволено“. Оваа контрадикторност настанала оттаму што Иван е претставник на атеизмот и рускиот „нихилизам“ кои биле мета на силна критика од Достоевски, кој сметал дека тие не се воздржуваат од ништо во остварувањето на нивните цели. Меѓутоа, убедливоста на ликот на Иван Карамазов е нарушена со тоа што тој носи морална одговорност за убиството на татко му, иако тој нема никакви причини да го поттикнува слугата Смердјаков да го изврши убиството. Меѓутоа, според тенденцијата на писателот, оној што е атеист и бунтовник мора да биде и соучесник во убиството.Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. XX-XXI.