Алгуња — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Средорек, во околината на градот Куманово.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Поглед на главниот дел на селото наречен Село

Селото се наоѓа на крајниот северозападен дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, од десната страна на реката Пчиња, а нејзиниот атар се допира со државната гранична линија со Србија. Селото има ридски карактер на надморска височина од 500 метри, а од градот Куманово е оддалечено 28 километри.

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1207 по селото Челопек.

Куќите на ова мало село се наоѓаат на висорамнина, во непосредна близина на српско-македонската граница. Околни села се некогашното село Мутилово на запад (денес маало Муталово на Челопек), Пелинце на североисток и Челопек на југ. Во минатото, водата за пиење доаѓала од извори и бунари. Некои извори во селото и околу него се нарекуваат Студен Кладенец, Селиште, Ѓурчин Кладенец, Прешењача, Метине Ниве, Долина, Брестике, Николински Кладенец, Висок Чукар и Гулиновац.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Огњани Рид, Вучина Падина, Моравске Зграѓе, Појатиште, Голема Нива, Гложје, Трница, Езериште, Татариновац, Студено Присоје, Чука, Балван, Куса Падина, Црна Стена, Голема Падина, Браниште, Рушиње, Над-Река, Селиште, Демиров Гроб и Старо Село.

Селото има разбиен тип, поделено на повеќе издвоени маала како што се Село, Татариновац, Сејдинци и Гулиновац. Најголемо од сите е Село.

Историја

Во Алгуња има доста старини и остатоци на разни културни епохи, што укажува дека имало жители уште одамна. Тие старини не се доволно испитани од стручни лица.

На месноста Старо Село во северниот дел на атарот, недалеку од главното маало, биле ископувани стари ќерамиди, гробови и дупка налик на тунел. На Старо Село се наоѓало некоја дамнешна населба. Во североисточниот дел на атарот, доста далеку од Алгуња, е високото земјиште Балван, каде има месност Манастириште со слаби остатоци од ѕидови.

Западно од главното маало е месноста Селиште, каде народното предание вели дека некогаш се наоѓала Алгуња. Меѓутоа, мештаните убиле некој Турчин и поради тоа војската ги убиле сите селани. Се спасило само едно машко дете, кое ги покажало убијците. Традицијата потоа вели дека детето било одведено во Цариград каде останало неколку години и потоа се вратило во Алгуња и го основало новото село. Од детето потекнува денешниот род Робаци. Нивни родовски гранки се денешните Бутковци и Стошиќи.

Мештаните кажуваат и дека селото како и другите во околината имало разбиен тип, но во втората половина на век по нападите на Албанците од соседното Муталово и од другите села во Прешевско, Алгуња станало збиено село. На овој начин мештаните полесно се бранеле. По 1912 година, кога престанува опасноста од Албанците, Алгуња повторно има разбиен тип.

Во 1912 година, покрај Срби имало и четири муслиманско-албански домаќинства, чии старешини биле Мехмед, браќата Раим и Назиф и Сејдија. Мехмед се доселил во 1878 година како мухаџир од околината на Врање, а останатите нешто подоцна од села во Прешевско. Првите три албански куќи биле во маалото Село, додека четвртата била месноста Сејдино Присоје. Албанците ја присвоиле земјата од христијаните, а посебно опасни биле браќата Раим и Назиф. Раим и неговиот син Љатив биле оженети со христијанки, а Љатив подоцна станал и качак и имал дружина со Албанци од Прешевско.

При ослободувањето од турската власт во 1912 година, албанските куќи биле запалени и мештаните биле избркани. Нивната земја ја купиле српски доселеници. Земјата на Сејдија во денешното Сејдинско Маало ја купиле доселеници од Коќуре во Горна Пчиња, а земјата на другите Албанци во Татариновац ја купиле доселеници од Старци и Спанчевци во Врањската Котлина.

Во селото има голема училишна зграда изградена по Првата светска војна, во која учат и деца од некогашните села Муталово (маало на Челопек) и Петровци (маало на Сушево). Учениците на издвоените маала Сејдинце и Татариновац порано учеле во селото Славујевац (во Србија).

Селска слава е Спасовден, кога мештаните имаат собир во средишниот дел, а на денот на Свети Никола Летен се собираат кај крстот во месноста Пудашница. Селските гробишта се на Селиште каде има остатоци од срушена црква „Св. Ѓорѓи“. Се споменува и дека во средниот век постоела и црквата „Св. Никола“.

Стопанство

Атарот е со средна големина и зафаќа простор од 15,2 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 697 хектари, на пасиштата отпаѓаат 642 хектари, а на шумите 104 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Алгуња живееле 256 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 217.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Алгуња имало 240 Македонци, патријаршисти.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 126-127.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.

Од оваа населба се иселил значителен дел од населението, така што тоа преминало од средно по големина, во мало село. Во 1961 година Алгуња броело 755 жители, од кои 597 биле Срби, а 158 Македонци. Во 1994 година бројот се намалил на 288 жители, од кои 191 биле Срби, а 96 жители Македонци.

Според пописот од 2002 година, селото броело 237 жители, од кои 88 Македонци и 149 Срби.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 300 жители, од кои 85 Македонци, 4 Албанци, 3 Роми, 136 Срби, 3 останати и 69 лица без податоци.

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Алгуња:

Година Македонци Албанци Турци Роми Срби Вкупно1948———————725195359071285930—787196115800—5970—75519711700004800—6501981710023790—4521991670002095—2811994960001911—2882002880001491—237202185403136369300 * Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години Родови

Алгуња е православно (македонско-српско) село.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1972 година, родови во селото по маала се: Маало Село: Бутковци (10 к.), Стошиќи (8 к.) и Робаци (5 к.), потекнуваат од ист предок кој бил основач на денешното село. Во родот Стошиќи се знае следното родословие: Илија (жив, 80 години во 1972 г.)-Димко-Стоше-Ѓеле, понатака не ги знаат предците; Моравци (1 к.) и Митковиќи (1 к.), доселени се од некое село кај Прешево; Николинци (11 к.), Нешковиќи (10 к.) и Филиповиќи (9 к.), доселени се, но не знаат од каде; Димковиќи (3 к.), доселени се пред 1912 година од некое село кај Прешево; Арсиќи (1 к.), доселени се од селото Рамно и Младеновиќи (1 к.), доселени се од селото Лопардинце кај Бујановац. Маало Татариновац: Апостоловиќи и Величковиќи (14 к.), доселени се во 1925 година од селото Старац кај Бујановац; Китановиќи, Петковиќи и Јоциќи (4 к.), исто така се доселени од селото Старац во 1925 година; Николиќи (2 к.), доселени се од селото Спанчевац кај Бујановац. Маало Сејдинци: Димитријевиќи, Митиќи и Станојевиќи (20 к.), доселени се во 1925 година од селото Кочура кај Врање. Маало Гулиновац: Карафилци (4 к.), доселени се од соседното село Оравница кое сега не постои; Саздини (2 к.), доселени се од селото Пелинце; Трајановци (2 к.) и Стојменовци (1 к.), доселени се од селото Кленике кај Бујановац; Петковци (1 к.) и Јаќимовци (1 к.), доселени се од селото Малотино.

Иселеништво

Рани иселеници од Алгуња се Поп Ристинци (2 к.), кои заминале во селото Жужељици во Врањска Котлина. Родовите Каленчарци и Кајсторовци се иселиле во селото Кокино. Основачите на овие два рода се доселиле од Алгуња, тие се постари иселеници. Марушани се иселени во Карабичане. После Втората светска војна имало иселување во Белград, Пожаревац, Смедерево (во Србија), Скопје и Куманово.

Општествени установи

мини|300п|десно|Поглед на основното училиште

Подрачното основно училиште „Светозар Марковиќ“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Светозар Марковиќ“ - Старо Нагоричане

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Алгуња било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Старо Нагоричане, во која покрај селото Алгуња се наоѓале и селата Никуљане, Старо Нагоричане, Стрновац и Челопек. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Челопек, во која влегувале селата Алгуња, Гулоновац и Челопек.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1183 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Манастирче - света градба од средниот век; и Селиште — населба (викус) од римското време.

Цркви Црква „Св. Недела“ — нова црква во маалото Гулиновац; и Црква „Св. Петка“ — нова црква во маалото Гулиновац.

Во селото се споменуваат и црквите „Св. Ѓорѓи“ на месноста Селиште, како и средновековната црква „Св. Никола“.

Редовни настани

Слави Спасовден — селска слава

Галерија

Наводи

Поврзано Средорек Општина Старо Нагоричане Куманово

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане