Враготурце — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа на крајниот северен дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, од левата страна на реката Пчиња, а нејзиниот атар се издига до сртот на планината Козјак, каде што се допира со државната гранична линија со Србија. Куќите во селото се наоѓаат на надморска височина од 510 до 640 метри, а од градот Куманово е оддалечено 32 километри.
До селото води локален земјен пат, кој се двои од регионалниот пат 1207 кај селото Пелинце.
Селото се наоѓа на југозападната падина на планината Козјак, во непосредна близина на македонско-српската граница. Околни села се Малотино на исток, Пелинце на запад, Жегљане на југоисток и Карловце на југозапад. Водата за пиење доаѓа од бунари и извори. Попознати се два извори: Милковац и Жежиште.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Бистрица, Зли Дол, Крушчики, Раздолке, Танке Чукарке, Пресечено, Преслап, Кирин Дол, Јован, Црно Крушче, Котли Дол, Китка, Љатифски Рид, Поле, Крива Колиба, Градиште и Јурлевица.
Селото има разбиен тип, поделено на повеќе издвоени маала. Во секое маало живее еден род и по нивните имиња се наречени.
Историја
Селото се смета за едно од постарите во Кумановско, што се огледува во старите родови, за кои никој не знае од каде се доселени. Стари родови се Павловци, Танасковци, Петровци и други.
На атарот на селото има различни остатоци на старини. Градиште е голем рид над селото, каде во периодот од 1878 до 1912 година била сместена турската војска. Меѓутоа, топографското име укажува дека таму имало стара тврдина. Остатоци на старини се познаваат на простор што зафаќа еден хектар.
Југозападно од селото се местата Селиште и Лозјиште. На Селиште има еден извор. На тоа место еднаш имало судир помеѓу групите џамалари (шетаат помеѓу Божиќ и Василица) и суровари (шетаат на денот на Василица).
Кон соседното Пелинце се наоѓаат селските гробишта, каде постои срушената црква „Св. Илија“. Нејзините ѕидови биле од камен со малтер. Во таа црква, Турците убиле многу црковни ученици.
Селската слава на селото е Спасовден, што се одржува кај селскиот крст.
Пред крајот на турската власт, мештаните страдале од борбите помеѓу турската војска и српските четници. Во Втората светска војна, селото пак било напаѓано од т.н. „контраши“.
Стопанство
Атарот на селото не е многу голем и зафаќа простор од 5,5 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 226 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 168,2 хектари, а на шумите 140,4 хектари.
Селото, во основа, има полјоделска функција.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Враготурце живееле 214 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 216.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Враготурце имало 268 жители, од кои 240 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија, 16 патријаршисти и 12 Роми.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 128-129.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.
Враготурце е мало село со намалување на бројот на населението. Така, во 1961 година селото броело 174 жители, а во 1994 година 68 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година, селото броело 55 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 27 жители, од кои 21 Македонец и 6 лица без податоци.
Родови
Враготурце е македонско село.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото: Стари родови со непознато потекло: Павловци (8 к.), Танасковци (5 к.), Петровци (3 к.), Величковци (2 к.), Даринци (1 к.) и Ѓеринци (1 к.). Танасковци едно време живееле во долината на Бистрица и избегале во селото Старац кај манастирот Прохор Пчински, за потоа да дојдат во денешното маало. Доселени родови: Кметовци (5 к.), потекнуваат од предокот Стојан, кој се доселил од некое село во Ќустендилско, Бугарија. Тој во старото место убил некој човек, па пребегнал во Враготурце, тогаш селото имало само 3-4 куќи, во турско време овој род бил многу богат, држел околу 200 овци; Мачиштанци (2 к.), порано живееле на местото викано Мачиште, и по тоа го добиле името, тоа место припаѓа на манастирот Прохор Пчински, по местото каде живееле и го добиле името и Стајинци (1 к.), доселени се однекаде, тие се најмал род.
Иселеништво
Од селото немало многу иселеници до 1970-тите и се знаело само за три домаќинства кои отишле во Куманово, како и за две семејства кои заминале во Љубодраг (Козјачани).
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Враготурце било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Жегљане, во која покрај селото Враготурце се наоѓале и селата Врачевце, Драгоманце, Жегљане, Карловце, Коинце, Кокино, Малотино, М’гленце, Пелинце, Пузаљка и Степанце. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Пелинце, во која влегувале селата Враготурце и Пелинце.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1177 според Државната изборна комисија.
Културни и природни знаменитости
Цркви Кај селските гробишта се наоѓала некогашната црква „Св. Илија“, на патот за Пелинце.
Редовни настани
Слави Спасовден — селска слава
Наводи
Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане