Малотино — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Воздушен поглед на селото

Селото се наоѓа во крајниот северен дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, во ридско-планинската област Козјачија, чиј атар се допира со државната гранична линија со Србија. Селото е планинско и раштркано, чии маала се издигаат на надморска височина од 600 до 840 метри, а од градот Куманово е оддалечено 36 километри.

До селото води локален земјен пат, кој се двои од регионалниот пат 2244 по селото Жегљане.

Куќите на ова село се наоѓаат десно од реката Бистрица, лева притока на Пчиња. Се протегаат на голем простор на присојната падина на планината Козјак. Околни села се Рамно на исток, Враготурце на запад и Кокино на југ. Водата за пиење доаѓа од бунари и извори. Некои извори во селото и околу него се нарекуваат: Вирови, Тагачин Кладенец, Аливерци, Два Кладенци и Чешма.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Орлов Камен (1.088 м.), Татин Дол, Самарак, Кашкало, Тагачин, Вукин Дол, Река, Лисички Рид, Говедарица, Бузалаци, Церак, Мирчин Камен, Вирови, Средњи Камен, Китка, Карпа, Ометине, Радева Чука, Дрењи Вир, Маслинке, Грашиште и Црква.

Малотино има разбиен тип. Постојат осум маала во селото: Дералско (7 к.), Горно (5 к.), Лецинска (4 к.), Џикарска (3 к.), Додинско (3 к.), Долно (10 к.), Деда Анско (2 к.) и Циганско (1 к.).Бројот на куќите е според состојба во 1971 година како што е прикажан во книгата Кумановска област на Јован Трифуноски. Во најголем дел, во маалата живеат роднински поврзани домаќинства.

Историја

Во Малотино се сретнуваат остатоци од различни епохи. Постојат гробишта, кои не биле на денешните жители и ги има на месностите Чукарки и Дренски Дол. Овие гробови од страна на жителите се нарекувани „римски“.

Народната традиција наведува дека на денешното село во турско време било „пустелија“. На целиот атар преовладувала дабова шума. Подоцна дошле денешните родови и почнале да ја сечат шумата, за да направат простор за нивните куќи, ниви и пасишта. Основачите на денешното Малотино дошле од разни страни, но не знае потеклото на сите доселеници. Единствено е познато потеклото на родот Деда Анци или Тренчевци кои дошле од Бабуна во Велешко.

Во текот на основањето, селото имало 6-7 куќи, крај коритото на Бистрица во месноста Маслинке. Но, таму еднаш се појавила чума, поради што мештаните побегнале во планината и живееле на месностите Грашиште и Средни Камен. Потоа и таму се појавила болеста, поради што се спуштиле пониско и ги основале денешните маала.

Во селото не постои црква, додека селските гробишта се наоѓаат во Додинско Маало.

Во 1936 година, реката Бистрица срушила неколку воденици на реката.

Во селото има споменик на НОБ за основањето на Козјачкиот партизански одред, како и за загинатите првоборци.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 10,4 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 528 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 260 хектари, а на шумите 192 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.

Во минатото, на реката Бистрица имало 13 воденици.

Население

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Малотино имало 440 жители.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 216.

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Малотино имало 544 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 128-129.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.

Малотино во 1961 година имало 317 жители, од кои 313 биле Македонци, тројца Срби и еден Албанец, а во 1994 година селото преминало во мала населба со 64 жители, од кои 58 биле Македонци и шест жители Срби.

Според пописот од 2002 година, во селото Малотино имало 37 жители, од кои 33 Македонци и 4 Срби.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 10 жители, од кои 5 Македонци, 2 Срби и 3 лица без податоци.

Родови

Малотино е македонско село.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото: Деда Анци или Тренчинци (2 к.), едни од основачите на селото, дојдени од Бабуна, Велешко, живеат во посебно маало; Додинци (5 к.), едни од основачите на селото, не знаат од каде дошле, живеат во посебно маало; Џикарци или Грци (3 к.), едни од основачите на селото, не знаат од каде дошле, живеат во посебно маало; Лецини (4 к.), едни од основачите на селото, не знаат од каде дошле, живеат во посебно маало; Беговци (4 к.), Петковски (4 к.) и Станојковски или Дураци (1 к.), сместени во маалото Дералци, првиот и вториот сој не знаат од каде се доселени, додека третиот род е доселен од селото Дурачка Река, Кривопаланечко; Горномаалци (5 к.), не знаат од каде дошле и Долномаалци (10 к.), и тие не знаат од каде дошле.

Православните РомиВо книгата на авторот се наречени „Цигани“ или Ѓорѓовци имале 1 домаќинство, крај Бистрица од десната страна. Ромите се стари жители на селото, но според последните државни пописи, во селото повеќе нема ниеден жител од ромска националност.

Иселеништво

Особено иселување на жителите од селото започнало по Втората светска војна во кумановските села, но и во градот Куманово.

Поединечни се знае за следниве иселени родови: Крстичковци (5 к.), Симоноски (3 к.), Дураци (1 к.) и Костинци (1 к.), живеат во Лопате; Козјачани живеат во Љубодраг; Малотинци (4 к.), живеат во Горно Коњари; Добре (1 к.), Добре (1 к.) и Јордан (1 к.), живеат во Долно Коњари; Беговци (3 к.) и Петкови (2 к.), живеат во Степанце; Малотинчани (3 к.), живеат во Сушево и ромските иселеници Петкови (1 к.) и Јаќимови (1 к.) отишле во Алгуња.

Општествени установи

мини|300п|десно|Руините од поранешното училиште во кое бил сместен домот

Поранешно основно училиште, кое било претворено во планинарски дом „Малотино“, кој изгорел во шумски пожар во 2011 година

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Малотино било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Жегљане, во која покрај селото Малотино се наоѓале и селата Враготурце, Врачевце, Драгоманце, Карловце, Коинце, Кокино, М’гленце, Пелинце, Пузајка и Степанце. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Малотино, во која влегувале селата М’гленце и Малотино.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1172 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на планинарскио дом.

Културни и природни знаменитости

Параклиси Параклис „Св. Ѓорѓи“ — мал параклис во селото.

Реки Бистрица — река низ селото, лева притока на Пчиња.

Редовни настани

Слави Ѓурѓовден — главна селска слава

Личности

Родени во или по потекло од Малотино Перунка Георгиевска — учесник во НОВ на Македонија; Мара Ангелова Ивановска — учесник во НОВ на Македонија; Рисимка Саздова Илиевска — учесник во НОВ на Македонија; Цвета Ефремова Јовановска — учесник во НОВ на Македонија; и Димче Јовчев Величковски-Еребица (1907 — 1941) — учесник во НОВ на Македонија, столар, комунистички деец и првоборец.

Галерија

Наводи

Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане