Руѓинце (познато и како Ругинце) — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Средорек, во околината на градот Куманово.

Потекло и значење на името

Името на селото прв пат е споменато како Ругинци во документи од век (1354 г.). Под слични варијанти се сретнува и во годините потоа. Доаѓа од старословенскиот збор „руга“ со значење плата на кој е додаден суфиксот -инци. Како второ значење се споменува личното име Руга.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Воздушен поглед на Горното Маало

Селото се наоѓа во крајниот југоисточен дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, непосредно до патот Куманово-Крива Паланка. Атарот се наоѓа на десната страна на Крива Река и истиот се допира со подрачјето на општините Кратово и Куманово. Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 550 до 680 метри.

Низ селото поминува државниот пат А2, од кој се двојат земјени патишта до селските маала.

Руѓинце се наоѓа лево и десно од патот Куманово-Крива Паланка. Лево од патот се наоѓа Горно Руѓинце, додека десно од патот е Долно Руѓинце. Околни села се Орах, Страцин, Пендак и Бељаковце. Водата за пиење доаѓала од бунари и извори. Некои извори се нарекуваат Ѓумче, Павлески Кладенец и Газдевски Кладенец.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Котлина, Руселије, Крс, Веља Страна, Медведица, Ечмиште, Лај Забел, Бојчина Падина, Свирчево, Вучки Дол, Дрзава, Кашла, Чуке, Градиште, Мало Свирчало, Баљевац, Дедевац, Брајковац, Голиќ, Калуѓерица, Бундева Страна, Рашњи Рид, Остра Чука, Долно и Горно Камено Поле, Говедарска Чука, Кремен, Макаревац, Скрт, Анѓеловска Чука и Нешинска Чука.

Селото е поделено на Горно и Долно Руѓинце. Во првиот дел има четири маала (Мишачко, Јовановско, Дедаци и Парутци), додека во вториот дел има тринаесет маала (Николевци, Милошевци, Паланчани, Брештанци, Калинци, Чичарејци, Шолевци, Мечкарци, Нешинци, Газдевци, Ивковци, Анѓеловци и Павловци).

Низ источниот дел на атарот, покрај неколку маала минува потокот Ругински Дол.

Историја

Подрачјето на селото е населено уште од железното време, за што сведочи наоѓалиштето Веља Страна.

На месноста Медведица, што е на самата атарска граница со соседното Орах, има остатоци од стара населба. Таму мештаните ископувале големи земјени ќупови. Покрај Медведица се наоѓа и Градиште, а истоимен локалитет има и кон соседното Бељаковце, но нема старини.

Во атарот на селото влегува и месноста Грамада, кое било старо селиште. Кај селиштето се наоѓа селската црква „Св. Петка“, која била срушена во отоманскиот период, па била обновена во 1921 година. Таму се наоѓаат и селските гробишта.

Во минатото, името Руѓинце го носеле две кумановски села, па затоа биле познати како Каурско Руѓинце со христијански Македонци и Турско Руѓинце со муслимански Албанци. Некои наведуваат дека Каурско Руѓинце го основале христијаните од Турско Руѓинце. Денес, селото Турско Руѓинце го носи името Руница.

Постои предание дека некогаш селото имало седум домаќинства и дека тие работеле на чифлигот на некој бег. Тие домаќинства биле Нешинци, Павлевци, Тасковци, Шаиновци, Чепишовци и Трајковци. Денес, постојат само Нешинци и Ивковци. Веројатно кон крајот на век, беговската земја била продадена, па на купената земја се доселувале и предците на другите денешни родови.

Мештаните имаат три селски слави, при што Петковден е црковна слава, додека Ѓурѓовден и Духовден се селски слави.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 17,5 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.142 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 291 хектар, а на пасиштата 256 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.

Население

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Руѓинце имало 520 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 126-127.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.

Од Руѓинце се иселил значителен број од населението и тоа преминало од средно во мало село, населено со македонско население. Во 1961 година, селото имало 692 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 124 жители.

Според пописот од 2002 година, во селото Руѓинце имало 75 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 35 жители, од кои 30 Македонци, 1 Србин и 4 лица без податоци.

Родови

Руѓинце е македонско село.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото: Горно Руѓинце: Додаци (6 к.), Мишаци (6 к.), Партуци (4 к.) и Јовановци (2 к.). Мишаци дошле од соседното Пендак, додека останатите родови исто дошле од негде, но не знаат. Во маалото на Јовановци во отоманскиот период биле сместени турските бегови. Во Горно Руѓинце има и православни Роми: Арсевски (3 к.), кои дошле од селото Коњух по продажбата на беговската земја. Долно Руѓинце: Староседелци: Нешинци (6 к.), Ивковци (6 к.) и Павловци (6 к.). Доселеници: Паланчанци (6 к.), доселени се од селото Радибуш кај Крива Паланка; Брештанци (6 к.), доселени се од селото Брешко; Калинци (5 к.), доселени се од селото Димонце; Чичарејци (1 к.), доселени се од селото Куклица кај Кратово; Анѓеловци (3 к.), доселени се од селото Орах; Николовци (4 к.), доселени се од некое околно село, козјачко; Милошовци (11 к.), Шолевци (1 к.), Мечкарци (2 к.) и Газдевци (5 к.), доселени се, но не знаат од каде.

Иселеништво

После Втората светска војна многу население се иселиле во разни градови од бивша Југославија.

Постари и понови иселеници имало и во Макреш (Младенови, 1 к.), Анѓеловци се иселиле некаде во Србија. А исчезнале и Глогинци.

Општествени установи

мини|300п|десно|Поранешното основно училиште

Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Руѓинце било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои биле малку изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Клечевце.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1962 било во некогашната општина Клечевце, а по распуштањето на Општина Клечевце во 1962 година било дел од Општина Старо Нагоричане.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Облавце, во која покрај селото Руѓинце се наоѓале и селата Војник, Дренок, Канарево, Макреш, Облавце, Орах и Стрезовце. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Орах, во која влегувале селата Орах и Руѓинце.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1153 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

Културни и природни знаменитости

мини|300п|десно|Воздушен поглед на главната селска црква „Св. Петка“

Археолошки наоѓалишта Веља Страна — населба од железно време; Градиште — утврдена населба од доцноантичко време; Големо Рамниште — населба од средниот век; и Медведица — населба од средниот век.

Цркви Црква „Св. Петка“ — главна селска црква.

Редовни настани

Слави Петковден — селска слава; Ѓурѓовден — селска слава; и Духовден — селска слава.

Галерија

Наводи

Поврзано Средорек Општина Старо Нагоричане Куманово

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане