Пеењето е акт за производство на музички звуци со гласот, го проширува обичниот говор со употреба на тоналитет и ритам. Човек кој пее се вика пејач или вокалист. Пејачите изведуваат музика позната како песни, кои можат или да се отпеат а капела (без придружба) или придружени од музичари и инструменти, почнувајќи од еден инструменталист, па сè до комплетен симфониски оркестар. Може да се пее во група со други музичари, како на пример во хор со пејачи кои имаат различни вокални дијапазони, или во ансамбл со инструменталисти, како на пример во рок група или барокен ансамбл. Скоро секој кој може да зборува може и да пее,бидејќи во многу аспекти пеењето е форма на континуиран говор. Пеење може да биде неформално, само за забава, на пример, пеење под туш или караоке или тоа може да биде многу формално, како во случај, пеење за време на верски ритуали како што е мисата или професионално пеење кое обично се изведува на сцена или во студио. Професионалното пеење обично бара настава и редовна пракса. Професионалните пејачи обично ја градат својата кариера во еден специфичен музички жанр, како што се класичен или рок и во текот на нивната кариера земаат часови по пеење.

Човековиот глас

Во својот физички аспект, пеењето има добро дефинирана техника која зависи од употребата на белите дробови, кои служат за довод на воздух; од гркланот, кој има функција на вибратор; од градите и главата, кои имаат функција на засилувачи, како цевка во дувачки инструмент, и јазикот, кој заедно со непцето, забите и усните ги творат самогласките и согласките. Иако овие четири механизми функционираат самостојно, тие сепак се координирани во воспоставување на вокална техника и се направени за да комуницираат еден со друг. За време на пасивното дишењето, воздухот се вдишува со помош на дијафрагмата, а издишување се случува без никаков напор. Издишувањето може да биде помогнато од страна на стомачните, внатрешните меѓуребрени и долните карлични мускули. Вдишувањето е помогнато од надворешните меѓуребрени, скаленски мускули и стерноклеидомастоидниот мускул. Висината на звукот се менува со гласните жици. Артикулирање со затворена уста се нарекува потпевнување.

Звукот кај секој поединец е сосема уникатен, не само поради големината и формата на гласните жици, туку и поради големината и формата на остатокот од телото на поединецот. Луѓето имаат гласни жици кои можат да се олабават, затегнат, или да ја сменат дебелина, и преку кои здивот може да се пренесе со различен притисок. Обликот на градите и вратот, позицијата на јазикот, и затегнатоста на неповрзаните мускулите може да се промени. Која било од овие акции резултира со промена на висината, гласноста, бојата на самиот тон на продуцираниот звук. Звукот, исто така, одекнува во различни делови од телото, а големината на поединецот и коскената структура може да влијаат на звукот создаден од страна на поединецот.

Пејачите, исто така, можат да научат да го проектираат звукот на одреден начин, за да одекнува подобро во рамките на нивниот вокален тракт. Ова е познато како вокална резонанција. Големо влијание врз создавањето на звукот е функцијата на гркланот, со која луѓето можат да манипулираат на најразлични начини за да создадат различни звуци. Овие различни видови на ларингеалната функција се опишани како различни видови на вокални регистри. Примарниот метод за пејачите да го постигнат ова е употребата на вокалниот формант, кој на спектограмот покажал акустична резонанција за најосетливите делови од увото.

Вокална регистрација Вокална регистрација се однесува на системот на вокални регистри во човечкиот глас. Регистри во човечкиот глас се одредена серија на тонови, кои се создадени во истиот вибрационен модел на гласните жици и кои го поседуваат истиот квалитет. Регистрите потекнуваат од ларингеалната функција. Тие се јавуваат бидејќи гласните жици можат да создаваат неколку различни вибрациони модели. Секој од овие вибрациони модели се појавува во одреден дијапазон и произведува одредени карактеристични звуци. Терминот „регистар“ може да биде малку конфузен бидејќи опфаќа неколку аспекти на човечкиот глас. Терминот регистар може да се користи за следново:

Одреден дел од вокалниот дијапазон како што се горните, средните, или пониските регистри. Резонантна област, како што се главовиот глас или градниот глас. Процесот на фонација (фонација е процес на создавање на вокалните звуци со треперење на гласните жици, поттикнати од страна на резонанцијата на гласниот тракт) Одредена боја на тон Регион на гласот што е дефиниран или ограничен од страна на вокални паузи.

Во лингвистиката, регистар е јазик кој ги комбинира тонот и вокалната фонација во еден фонолошки систем. Во рамките на патологијата на говор, терминот вокален регистар има три составни елементи: одреден вибрационен модел на гласните жици, одредена серија на висини, како и одреден вид на звук. Логопедите идентификуваат четири вокални регистри врз основа на физиологијата на ларингеалната функција: слободен вокален регистар, модален регистар, фалсето регистар и флаголет. Ова гледиште е исто така, усвоено од страна на многу вокални педагози.

Вокална резонанција

Вокална резонанција е процесот со кој на основниот производ на фонацијата му е проширена бојата на тонот и / или појачана од воздушните шуплини низ кои минува. Разни термини поврзани со процесот на резонанција вклучуваат засилување, збогатување, проширување, подобрување, интензивирање и продолжување. Крајниот резултат на резонанцијата е од пејачот или звучникот да се добие подобар звук. Постојат седум области кои можат да бидат наведени како вокални резонатори. Во низа од најнискиот до највисокиот вокален резонатор во телото, овие области се градите, душникот, гркланот, голтникот, усната шуплина, носната шуплина и синусите.

Граден глас и главов глас Граден глас и главов глас се термини кои се користат во рамките на вокалната музика. Употребата на овие термини варира во рамките на вокалните педагошки кругови и во моментов никој од музичките професионалци нема дадено доследно мислење во однос на овие термини. Градниот глас може да се користи во однос на одреден дел од вокалниот дијапазон или тип на вокален регистар, вокална резонантна област, или специфична вокална боја на тон. Главовиот глас може да се користи во однос на одреден дел од вокалниот дијапазон или тип на вокален регистар.

Историја и развој Првото споменување на поимите граден и главов глас е околу 13-от век, кога се одделени од "грлениот глас" (гради, грло, глава - во тоа време веројатно е дека за висок глас се сметал фалсето регистарот) од страна на писателите Јоханес де Гарландиа и Џером од Моравија. Поимите подоцна се усвоени во бел канто, методот за пеење во италијанската опера, каде градниот глас e идентификуван како најнизок и главовиот глас за највисок од трите вокални регистри: граден, грклан и главов регистар. Овој пристап сè уште се изучува од страна на некои вокални педагози и денес. Друг популарен пристап моментално кој се заснова на бел канто моделот е да се поделат и машките и женските гласови во трите регистри. Машките гласовите се поделени во: граден регистар, главов регистар и фалсето регистар и женските гласови во: граден регистар, среден регистар и главов регистар. Таквите педагози учат дека главовиот регистар е вокална техника која се користи во пеењето за да се опише резонанцијата почувствувана во главата на пејачот.

Сепак, познавањето на човечката психологија е проширено во текот на изминатите две стотини години, а така расте и разбирањето на физичкиот процес на пеење и вокална продукција. Како резултат на тоа, многу вокални педагози, како Ралф Апелман на Универзитетот во Индијана и Вилијам Венард на Универзитетот во Јужна Калифорнија, ги редефинирале, или дури и се откажале од употребата на термините граден глас и главов глас. Особено, употребата на поимите главов регистар и граден регистар станале контроверзни бидејќи вокалната регистрација се почесто се гледа како производ на ларингеалната функција која не е поврзана со физиологијата на градите, белите дробови и главата. Поради оваа причина, многу вокални педагози тврдат дека е бесмислено да се зборува за регистри создадени во градите или главата. Тие тврдат дека вибрационите сензации што се чувствуваваат во овие области се резонантни појави и треба да бидат опишани со поими поврзани со вокалната резонанција, а не со регистрите. Овие вокални педагози ги претпочитаат поимите граден глас и главов глас пред поимот регистар. Ова гледиште верува дека проблемите коишто луѓето ги идентификуваат како проблеми со регистрите се навистина проблеми на резонантно приспособување.Ова гледиште исто така се усогласува со ставовите на другите научни области кои ја изучуваат вокалната регистрација, вклучувајќи: говорната патологија, фонетика и лингвистика. Иако и двете методи сè уште се во употреба, актуелната вокална педагошка практика има тенденција да ги усвои поновите научни погледи. Исто така, некои вокални педагози земаат идеи од двете гледни точки.

Современата употреба на терминот граден глас често се однесува на специфичен вид на вокален колорит или вокална боја на тон. Во класичното пеење, неговата употреба е целосно ограничена на долниот дел од модалниот регистар или нормален глас. Во рамките на други форми на пеење, градниот глас често се користи во модалниот регистар. Бојата на тон од градите може да додаде прекрасен спектар на звуци на вокалната палета на пејачот. Меѓутоа, употребата на премногу силен граден глас во високите регистри во обид да се добијат подобри критики, може да доведе до форсирање во градите. Форсирањето како последица може да доведе до вокална деградација.

Класификација на гласовите Во европската класична музика и опера, гласовите се третират како музички инструменти. Композиторите кои пишуваат вокална музика мора да имаат разбирање за вештините, талентот, и вокалните особини на пејачот. Класификација на гласовите е процес преку кој човечките гласови се проценуваат и се поделени во видови. Овие квалитети вклучуваат, но не се ограничени од: вокален дијапазон, вокална тежина, вокална теситура, вокална боја на звук, и вокални точки на транзиција, како што се паузи и кревања во гласот. Други фактори се физичките одлики, говорно ниво, научно тестирање и вокална регистрација. Науката, и покрај класификацијата на гласот развиена во рамките на Европската класична музика, била бавна во адаптирањето на помодерни форми на пеење. Класификацијата на гласот често се користи во рамките на операта за да ги поврзи можните улоги со потенцијалните гласови. Во моментов има неколку различни системи во употреба во рамките на класичната музика меѓу кои: германскиот Фах систем и системот на хорска музика. Ниту еден систем не е универзално применет или прифатен.

Меѓутоа, повеќето системи на класична музика познаваат седум различни, главни вокални категории. Женските обично се поделени во три групи: сопран, мецосопран и алт. Машките обично се поделени во четири групи: контратенор, тенор, баритон и бас. За гласовите на децата во пред пубертетска возраст, се применува поимот сопран. Во рамките на секоја од овие главни категории, постојат неколку под-категории, кои разликуваат специфични вокални квалитети, како колоратура и вокална тежина поради кои се разликуваат гласовите.