Ташмаруништа — село во областа Струшко Поле, во Општина Струга, во околината на градот Струга.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Поглед на селото
Селото се наоѓа речиси во средишниот дел на Струшкото Поле, во средишниот дел на Општина Струга, таму каде што започнува да се заезерува реката Црн Дрим во езерото Глобочица. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 800 метри. Од градот Струга селото е оддалечено околу 14 километри.
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1201.
Селото се наоѓа на почетокот на клисурата на Црн Дрим, од десната страна. Куќите на селото се наоѓаат на допир на блага падина на југозапад и гребенот Голем Рид (1.332 м.) на североисток. Околни села се Добовјани, Лабуништа и други. Во минатото, мештаните се служеле со вода за пиење од една чешма, а на атарот на селото има повеќе извори (Стари Боровец, Љаљи-Ореши, Брод и Св. Мартинија.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Загони, Краста, Гнојишта, Горно и Долно Поле, Извори, Млака, Главје, Млечник, Пенчео Гумно, Церов Дол, Бунар, Робови Дупки, Горец, Ушине, Дукварен, Стари Боровец, Просиште, Умиште, Кеска, Брод, Св. Мартинија, Св. Димитрија и Св. Аранѓел.
Селото има збиен тип, поделено на помали маала наречени по родовите: Уруми, Тоски, Вали Кадри и други.
Историја
мини|300п|десно|Сретселото
Општото предание ни кажува дека Ташмаруништа е старо село и изобилува со старини. На северозапад се издигнува возвишението Градиште, каде постоела тврдина од која се контролирал сообраќајот низ клисурата. Други старини се во самото село или покрај него, како што се Св. Аранѓел, Св. Димитрија и Св. Мартинија.
Св. Аранѓел се наоѓа на рамно место пониско од селото. Таму се наоѓа селската црква „Св. Архангел Михаил“ со стари дабови. Црквата потекнува од 1860 година. Св. Димитрија пак се наоѓа покрај селското училиште. Таму имало стар храм, кој бил обновен како црква „Св. Димитриј“ во 1970-тите.
Св. Мартинија е манастир покрај патот кој води за соседното муслиманско село Добовјани. Традицијата наведува дека таму најпрвин постоел познат стар храм. Меѓутоа, Турците го срушиле до темел. Каменот од ѕидовите на манастирот муслиманските Албанци од Добовјани го искористиле за изградба на своите куќи. Нов храм бил изграден во 1923 година и има народен собир на Св. Мартинија и на третиот ден на Велигден.
Ташмаруништа било погодено од повеќе епидемии. Од една епидемија, како што се верува, изумреле сите жители. Потоа, се собрале од сите страни предците на денешните селски родови.
На месноста Стари Боровец што е оддалечено 2 километри северно од Ташмаруништа имало некогаш село покрај Црн Дрим. Тоа село било христијанско, но бидејќи не можеле да живеат од Турците и напаѓачите од Дебар се решиле да отидат на повисоко земјиште лево од реката и го основале денешното село Боровец. Селиштето денес е потопено од вештачкото езеро Глобочица, а претходно таму имало црквичка и гробови. Околу нив мештаните од Ташмаруништа имале ниви.
Далеку од Ташмаруништа кон селото Глобочица се наоѓа местото Дедено, каде исто така имало словенско-христијанско село. Кај него имало и едно манастирче. Иселеници од Дедено има во Струга и Битола.
Во Ташмаруништа се зачувани сеќавањата на Илинденското востание во 1903 година. Во селото имало добра востаничка организација. Од селото се истакнувал Ристо Тасески со некои други мештани. Во 1903 година бил убиен турски „миљазим“ по што започнале борци и селото било запалено, освен три куќи и селската црква. Некое време селаните се повлекле во соседната планинска област Малесија. Во судирот биле убиени околу 25 востаници и 7-8 други селани. Потоа, селото било обновено. Ташмаруништа било активно и за време на Втората светска војна, кога 13 негови мештани загинале во борбите.
Во селото постои споменик на НОБ, како и загинатите во Илинденското востание.
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 9,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 616 хектари, на пасиштата отпаѓаат 223 хектари, а на обработливото земјиште 77 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Работат услужни објекти во селото.
Жителите се занимавале со земјоделство, сточарство и печалба. По изградбата на езерото Глобочица и потопувањето на најубавото земјиште се јавило големо иселување.
Во 2011 година, Електрани на Македонија разработила проект да гради хидроцентрала на езерото Глобочица. Пумпно-реверзибилната хидроцентрала Ташмаруништа, чија инсталирана моќност треба да биде вкупно 225 мегавати, ЕЛЕМ планирала да ја користи за балансирање на енергијата. Се проценува дека оваа електрана годишно би произведувала 231 гигават-часови електрична енергија, со можност итно да обезбеди струја во следните 20 часа од вклучувањето.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Ташмаруништа живееле 470 жители, од кои 400 Македонци и 70 Албанци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 253.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Ташмаруништа се води како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 48 куќи.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ташмаруништа имало 400 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 162-163.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.
Селото е населено со македонско население, но со намалување на бројот на населението. Така, селото во 1961 година броело 588, а во 1994 година 210 жители.
Според пописот од 2002 година, селото броело 210 жители, од кои 209 Македонци и 1 останат.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 173 жители, од кои 166 Македонци, 1 останат и 6 лица без податоци.
Родови
Ташмаруништа е македонско село.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1977 година, родови во селото: Доселеници: Магаревчани или Крстановци (10 к.), доселени се од селото Магарево, Битолско. Од овој род потекнувал Ставре Крстаноски, селски учител од пред крајот на турското владеење; Великарди (3 к.), доселени се од некое место во Црна Гора; Тоски (7 к.), доселени се од некое место во јужна Албанија; Уруми (5 к.), доселени се од некое место во денешна Грција; Огњановци (5 к.), доселени се, но не знаат од каде; Сулевци (2 к.) и Зенговци (2 к.), потекнуваат од муслимански Роми, кои се женеле за две православни сестри (Македонки).
Според истражувањата на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле: Староседелци: Петревци (9 к.), Трајчевци (6 к.) и Огненовци (9 к.). Доселеници: Костовци (11 к.), по преданието се Црногорци. Пред повеќе од 260 избегале од Црна Гора поради крв, најпрво во Матија во Албанија. Па од таму 50 години потоа се доселиле во Ташмаруништа; Уруми или Столевци или Марковци (15 к.), доселени се после претходниот род од некое место во Грција; Тоски или Јаковчевци (5 к.), доселени се пред околу 200 години од околината на Корча во јужна Албанија, по кое и го добиле името Тоски; Чупевци (1 к.), доселени се од селото Глобочица, каде припаѓале на родот Мечкаровци.
Иселеништво
Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до крајот на 1940-тите: од Петревци иселеници има во: Јабука кај Банат, Војводина (едно семејство од 1946 година); од Огненовци има во: Романија (едно семејство од 1905 година), Качарево во Војводина (две семејства од 1946 година) и во Белград (две семејства од 1928 година); од Костовци има во: Романија (едно семејство од 1923 година), Белград (едно семејство од 1928 година), Зрењанин (едно семејство од 1938 година) и во Јабука во Војводина (едно семејство од 1946 година); од Столевци или Марковци има во: Банат во Војводина (едно семејство од 1929 година), Суботица (едно семејство од 1908 година), Крајова во Романија (едно семејство од 1913 година), Вишни (како домазет од 1920 година), и во Гудурица во Војводина (едно семејство од 1946 година); од Јаковчевци има во: Тракија во Бугарија (едно семејство од 1918 година), Белград (едно семејство од 1937 година), Јабука кај Војводина (две семејства од 1946 година) и во Гудурица во Војводина (едно семејство од 1946 година) и од Чупевци има во: Вевчани (како домазет од 1904 година) и во Зрењанин (едно семејство од 1946 година).
Поголеми иселувања се случиле по Втората светска војна, кога неколку семејства биле колонизирани во Јабука кај Панчево. Подоцна се иселиле 45 домаќинства, најмногу во Белград, Струга, Охрид и Скопје. Има иселеници (15 к.) во струшкото село Мислешево, како и во селото Мороишта (4 к.).
Општествени установи
Поранешно основно училиште Карневалско друштво „Св. Василија“
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Ташмаруништа било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Лабуништа.
Во периодот од 1957 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Во периодот од 1955 до 1957 година, селото припаѓало на некогашната општина Велешта.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Велешта, во која покрај селото Ташмаруништа, се наоѓале и селата Велешта, Враништа, Горно Татеши, Добовјани, Долна Белица, Долно Татеши и Тоска. Во периодот 1950-1952 година, селото Ташмаруништа било дел од некогашната општина Велешта, во која влегувале селата Велешта, Добовјани и Ташмаруништа.
Избирачко место
Во селото постои избирачко место бр. 1912 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Главје — средновековна населба и топилница; Градиште — утврдена населба од римско време; Млака — сакрален објет и некропола од доцноантичко време; На Чука — сакрален објект од доцнохристијанско време; Св. Димитриј — сакрален објект од доцноантичко време; и Св. Мартиниј — сакрален објект од доцноантичко време.
Цркви Црква „Св. Архангел Михаил“ — главна селска црква; Црква „Св. Димитриј“ — помала селска црква, осветена на 20 октомври 1996 година; Црква „Св. Мина“ (негде запишувана и како Свети Мартиниј) — помала селска црква, осветена на 31 август 2003 година, покрај која се наоѓа и ранохристијанска базилика; Црква „Св. Недела“ — помала селска црква, осветена на 14 септември 2003 година; и Црква „Св. Харалампиј“ — помала селска црква, камен-темелник осветен и поставен на 24 мај 2007 година.
Параклиси Параклис „Св. Петка“ — параклис, осветен на 24 август 2003 година.
Споменици Споменик за паднатите борци во Илинденското востание и НОБ
Личности
Родени во или по потекло од Ташмаруништа Ристо Тасев (?-1903) — војвода на селската чета во Ташмаруништа на ВМОРО, загинува на 4 август за време на Илинденското востание, заедно со својот брат Наум во бој со турската војска;Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 164. Цветко Тасев (?-1906) — македонски револуционер од ВМОРО; Иван Василоски — македонски револуционер од ВМОРО; Глигур Тасев Крстаноски — македонски револуционер од ВМОРО; Андрија Наумоски — македонски револуционер од ВМОРО; Симун Несторовски — македонски револуционер од ВМОРО; Богдан Петрески — македонски револуционер од ВМОРО; Петко Столески — македонски револуционер од ВМОРО; Спасе Стрезов Трајкоски — македонски револуционер од ВМОРО; Климо Цветаноски — македонски револуционер од ВМОРО; и Русанда Петреска Климеска (р.1919) — учесник во НОВ на Македонија.
Починати во Ташмаруништа Пантелеј Томовски (1872-1936) — македонски револуционер.
Култура и спорт
Во селото постои ФК Ташмаруништа.
Галерија
Поврзано Општина Струга Струшко Поле