thumb|Корица на првото издание на „Ревизор“ од 1836 година. мини|десно|Марка по повод 200 години од раѓањето на Н. В. Гогољ (2009) мини|десно|Поштенска марка со ликот на Гогољ и ликовите од „Ревизор“ во позадина Ревизор (руски: Ревизоръ) е сатирична драма од рускиот драматург Николај Василевич Гогољ. Првобитно, драмата била објавена во 1836 година, но коригираната верзија излегла во 1842 година. Дејството е засновано на една анегдота помеѓу Гогољ и Пушкин, а во неа се исмеваат човековата алчност, неукост, како и политичката корупција во Руската Империја од тоа време.Статија во Утрински весник

Постанокот на драмата Гогољ ја завршил работата на „Ревизор“ многу брзо. Во писмото од 7 октомври 1835 година, тој го замолил Пушкин да му даде сиже за комедија, пишувајќи му дека комедијата во пет чина ќе биде готова „додека да трепнеш“.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXVIII. Пушкин му раскажал на Гогољ за еден случај во градот Устјужни, во Новгородската губернија, каде еден господин ги ограбил граѓаните, претставувајќи се како службеник од министерството. Всушност, слична работа му се случила и на самиот Пушкин: Во 1833 година, кога патувал по Оренбуршката губернија, собирајќи материјал за востанието на Пугачов, нижегородскиот губернатор помислил за него дека е таен ревизор и веднаш го известил оренбуршкиот губернатор кој му бил близок познаник на Пушкин. Токму поради овие настани што му ги раскажал на Гогољ, Пушкин себеси се нарекувал кум на драмата „Ревизор“. Исто така, утврдено е дека при пишувањето на драмата Гогољ ја користел и комедијата „Гостинот од престолнината“ на руско-украинскиот писател Г. Ф. Квитка-Основјаненко.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXXIX. Есента 1835 година, Гогољ почнал да работи на „Ревизор“, првата редакција била готова во декември, а делото било завршено пролетта 1836 година, иако Гогољ продолжил да прави некои поправки сè до премиерата која се одржала на 19 април 1836 година. Во почетокот на 1836 година, Гогољ ја читал комедијата во домот на поетот Жуковски, каде присуствувал и Пушкин. Впечатокот кај присутните бил блескав; Пушкин за сето време „се превиткувал од смеа“, иако во еден миг, целиот трогнат, рекол: „Боже, колку е жална оваа наша Русија!“.Вељко Радовић, „Смешне згоде у Потемкиновом селу“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 7. Останувајќи доследен на својот став дека пиесата мора да биде играна на сцената, Гогољ направил чекори за изведба на „Ревизор“. Меѓутоа, цензурата не дозволила изведување на комедијата и благодарејќи само на заземањето на Жуковски, кој успеал да издејствува читање пред царот, таа била ставена на репертоарот.

Премиерната изведба на „Ревизор“ се одржала на 1 мај (19 април по стар стил) 1836 година, во Александрискиот театар во Петербург, каде што Гогољ неколку години пред тоа сакал да се вработи како глумец. На премиерната изведба присуствувал и царот Николај I, кој го овозможил поставувањето на претставата наспроти противењето на неговите советници. На премиерата, царот се забавувал и рекол: „Ова е претстава! Секој го доби своето, а јас најмногу“.Вељко Радовић, „Смешне згоде у Потемкиновом селу“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 7-8. Публиката била шокирана: едни остро го напаѓале авторот, а други, главно помладите, воодоошевено го фалеле. Во реакционерниот печат се појавиле жестоки повици и обвинувања дека без потреба и без цел ги прикажувал „опачините на животот“. Гогољ преживувал тешки моменти, речиси душевна траума. Неговото слабо здравје не можело да го издржи тоа и по советот на лекарите, решил да замине во странство, каде по половина година тешко го потресила веста за трагичната смрт на Пушкин, без чиј совет, според неговите зборови, „ништо не преземал, ништо не пишувал“.

Ликови мини|250px|десно|Ликовите од „Ревизор“ Во драмата се појавуваат следниве ликови:Николај В. Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 20-23. Антон Антонович Сквозник–Дмухановски - градоначалник на населеното место, подмитлив државен службеник кој се преправа дека е чесен. Цртите на неговото лице се груби и брзо преминува од страв во радост и од потчинетост во гордост. Ана Андреевна - сопруга на градоначалникот, провинциска кокета и егоистична дама, воспитана од романите и албумите. Таа е љубопитна и суетна и ја има власта над својот сопруг, но само кога станува збор за ситни нешта. Марија Антоновна - ќерка на градоначалникот, милениче на нејзината мајка. Иван Александрович Хлестаков - чиновник од Петроград, на возраст од 23 години, „вит, сув и малку приглуп“, еден од оние луѓе „кои во канцелариите ги нарекуваат празноглавци“. Тој зборува и делува без никакво размислување и не е во состојба да го задржи вниманието врз ниту една мисла. Говорот му е испрекинат, а зборовите му излегуваат неочекувано. Осип - слуга на Хлестаков, кој имал навика да го кара неговиот господар во себеси. Тој е попаметен од својто господар, но не сака многу да зборува, туку го лаже молчејќи. Лука Лукич Хлопов - училиштен надзорник, за кој Хлестаков имал мислење дека „мириса на црн лук“. Неговата жена. Амос Фјодорович Лјапкин–Тјапкин - обласниот судија, кој „во животот прочитал пет-шест книги и затоа бил слободоумен“. Обожава да кажува досетки и им придавал големо значење на сопствените зборови. Артемиј Филипович Земљаника - управникот на болницата, лукав и голем лицемер. Иван Кузмич Шпекин - управник на поштата, наивен и простодушен човек кој постојано ги чита туѓите писма. Петар Иванович Бопчински и Петар Иванович Допчински - градски спахии, кои ја започнале целата збрка околу лажниот ревизор. Тие се мали по раст и многу љубопитни, зборуваат брзо и често прават разни гестови. Христијан Иванович Хибнер - градскиот лекар кој не разбирал ниту еден збор на руски. Фјодор Андреевич Љуљуков, Иван Лазаревич Растаковски и Степан Иванович Коропкин - угледни чиновници во пензија. Степан Илич Уховертов - полициски писар. Свистунов, Пуговицин и Дјержиморда - полицајци Абдулин - трговец Феврона Петровна Пошлепкина - жена на браварот, која градоначалникот наредил да ја камшикуваат. Мишка - слуга на градоначалникот Повремено се појавуваат и подофицерската жена, кафеанскиот момок, гостите во кафеаната, трговците и граѓаните како молители.

Сите јунаци во драмата се корумпирани. Градоначалникот, Сквозник-Дмухановски, го смета митото за нешто на кое тој има речиси законско право, т.е. митото е утврден ред и кој не се сложува со него, тој е бунтовник, а таквите луѓе ги нарекува „волтеријанци“. Граѓаните се жалат од него, зашто како што вели еден трговец, „Никој не памети таков управник... Штом го видиш, мораш во дуќанот сè да скриеш...“ Меѓутоа, не само управникот на полицијата, туку и останатите службеници земаат мито, но во тоа постои хиерархија во која се знае кој колку може да земе. На пример, управникот на градот го предупредува надлежниот на квартот со зборовите: „Внимавај, не земаш според чинот!“ Но, во драмата се прикажани и другите негативни појави во општеството: така, жената и ќерката на управникот на полицијата мислат само на облеката, управникот на поштата Шпекин ги отвора писмата поради својата љубопитност, а Допчински и Бопчински немаат друга работа, освен да прават сплетки и да оговараат по градот. Главниот јунак Хлестаков претставува пандан на привинциските службеници - тој е типичен претставник на мрзливите, лекомислени и површни службеници од престолнината. Според зборовите на Гогољ, „секој, барем на една минута... станува Хлестаков...“Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLI-XLII. Токму поради тоа што сите ликови во комедијата се негативни, големиот критичар Висарион Белински рекол: „Во Ревизор, единственото чесно лице е - смеата.“ И навистина, во драмата нема ниту еден позитивен карактер, ниту наговестување на некаква подобра страна на човековата природа. Оттука, во драмата, глупоста не е ниту казнета, зашто сите, без исклучок, се глупави.Вељко Радовић, „Смешне згоде у Потемкиновом селу“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 11.

Всушност, во „Ревизор“ нема главен јунак во онаа смисла која е формулирана во западноевропската драматургија во која постои централен лик околу кој е организирано дејствието во драмата. Напротив, во „Ревизор“, главниот јунак е еден колектив на помалку-повеќе издиференцирани ликови кои се манифестираат низ односот кон „ревизорот“. Притоа, Хлестаков никако не е централниот лик во драмата, туку тој постанува таков сосема случајно, поради туѓата стихијна глупост. Понатаму, тој само придонесува другите ликови силно да се манифестираат во својата соголеност. За Хлестаков, Гогољ рекол: „Но, силата на сеопштиот страв направи од него комично лице.“ Сите други ликови се однесуваат кон „ревизорот“ во согласност со очекувањето да извлечат сопствена корист. Притоа, сите ликови во драмата се разоткриваат без срам и ја покажуваат својата простачка природа без никакви идеали, освен материјалната корист. Тие кутри луѓе не знаат за никакво почитување, па ни за самопочитување.Вељко Радовић, „Смешне згоде у Потемкиновом селу“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 12-13.

Една од најубавите страни на оваа комедија е тоа што Гогољ успеал да ја избегне карикатуралната упростеност на ликовите во општата состојба која е повеќе од карикатурална. Впрочем, самиот тој напишал: „Најмногу треба да се внимава да не се западне во карикатура. Ништо не смее да биде претерано или тривијално, па дури ниту во најневажните улоги.“ Иако ликовите во делото се приближуваат до гротескното, тие никогаш не се лишени од одредени реалистични мотивации и оправдувања. И токму таа реалистичност го спасува „Ревизор“ од едностраноста, схематичноста и морализмот. Така, наспроти фактот дека сите ликови се негативни, сепак, тоа не делува еднострано, зашто тие се препознатливи и ги носат општите и посебните одлики на типот.Вељко Радовић, „Смешне згоде у Потемкиновом селу“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 16.

Содржина Дејството во драмата „Ревизор“ се одвива во 19 век (во царска Русија), во еден провинциски град, недалеку од Санкт Петербург. Заплетот започнува со веста за доаѓањето на ревизор од престолнината. Во круговите на градската администрација настанува општа паника. Сето тоа е резлутат на нивното долгогодишно неработење, корпуција и непотизам. Некои од нив се обидуваат да ги прикријат неправилностите во нивната работа, а други пак да извлечат корист од доѓањето на ревизорот. Едни имаат за цел да си ја задржат позицијата, а други пак да напредуваат во службата за сметка на полтронство и набедување. Во таа паника ја прифатиле гласината за лажниот ревизор. Тука настануваат комичните моменти. Тие го гоштеваат и му угодуваат на измамникот со цел да го придобијат на своја страна и да извлечат некоја корист. Градоначалникот е толку алчен што е подготвен и да ја омажи својата ќерка за лажниот ревизор, надевајќи се дека така ќе напредува во службата и ќе се вработи во Санкт Петербург, што е сон на секој малограѓанин.

Драмата се состои од пет чина: