Кредитен ризик (англиски: Credit risk, Default risk) — веројатност дека должникот нема навреме да ги извршува своите обврски, т.е. да ги отплаќа основниот долг и каматата според договорените услови.

Поим за кредитен ризик Кредитниот ризик ја претставува потенцијалната загуба што ќе ја претрпи банката во случај нејзиниот должник да не ги исполни своите договрни обврски, т.е. да не ги врати позајмениот износ и каматата во договорениот износ и во договорениот рок.Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 14-15.Van Gestel, T., Baesens, B., Credit risk management: basic concepts: financial risk components, rating analysis, models, economic and regulatory capital. Oxford: Oxford University Press, 2009. НБРМ го дефинира ризикот како ризик од загуба за банката, поради неможноста нејзиниот клиент да ги намирува своите обврски кон неа, во договорениот износ и/или договорените рокови. Притоа, на овој ризик не се изложени само кредитите кои ги одобрува банката, тој и голем број други активности, вклучувајќи ги и вонбилансните позиции. Така, изложеноста на кредитен ризик вклучува: кредити и депозити, финансиски лизинг, извршени плаќања врз основа на дадени гаранции, акредитиви, авали и други вонбилансни позиции, камати, провизии и надомести, побарувања од Република Македонија и Народна Банка на Република Македонија, откупени побарувања (факторинг и форфетинг), вложувања во хартии од вредност и други финансиски инструменти коишто се чуваат до достасување, вложувања во хартии од вредност и други финансиски инструменти расположливи за продажба и други билансни побарувања коишто ја изложуваат банката на кредитен ризик, вонбилансни позиции врз основа на неискористени неотповикливи рамковни кредити, неискористени неотповикливи кредити врз основа на дозволени пречекорувања, кредитни картички и друг вид потенцијална кредитна изложеност, неизвршени преземени неотповикливи обврски за откуп на побарувања (факторинг и форфетинг), издадени непокриени гаранции, отворени непокриени акредитиви, дадени авали, дадени акцепти, издадени непокриени чинидбени гаранции и други вонбилансни позиции коишто претставуваат потенцијална обврска за банката.НБРМ, „Одлука за управување со кредитниот ризик“, Службен весник на Република Македонија, бр. 50/2013. Остварувањето на кредитниот ризик честопати е проследено и со нефинансиски ризици, чии ефекти се манифестираат како: економски загуби за банката (деловен ризик) и нарушување на нејзиниот углед (репутациски ризик).Vidučić, Lj. (2008), Financijski menadžment, VI. Izdanje, RRiF plus, Zagreb, стр. 67.

Кредитниот ризик се состои од: ризик пред плаќањето (pre-settlement risk) и ризик при плаќањето (settlement risk). Првиот се однесува на потенцијалната загуба поради банкрот на должникот за времето додека трае трансакцијата. Овој ризик може да постои долг период, често и повеќе години, почнувајќи од времето кога е склучен договорот до наплата исплатата на долгот. Вториот ризик се однесува на ризикот кога наплатата или размената на финансиските текови да не се прави директно од должникот на банката која врши кредитирање, туку преку банки-посредници кои, исто така, може да не ги исполнат обврските за време на моментот на извршување на наплатата на кредитот. Овој ризик постои од моментот кога должникот прави исплата соодветно на своите обврски до моментот кога банката која го врши кредитирањето не ги добие средствата.

Кредитниот ризик има три димензии: ризик од неплаќање (default risk), ризик на изложеност (exposure risk), ризик на надоместување на кредитот (recovery risk):J. Bessis, Risk Management in Banking, John Wiley & Sons, 1999, p. 81. Ризикот од неплаќање на кредитот настанува кога должникот целосно или делумно не ги извршува своите договорени кредитни обврски и кога пазарната вредност на кредитот падне под вредноста по која тој бил одобрен. Ризикот на кредитната изложеност е генериран од неизвесноста на банката, колкав износ на кредити ќе одобри во иднина земено во целина и/или по поединечен клиент/поединечен стопански сектор. Оваа димензија на ризикот е изразена во услови кога има отворени кредитни линии, револвинг кредити или се работи за кредитни деривати, па големината на ризикот ќе зависи од обемот на кредитна изложеност на коминтентите во дадениот момент или од движењата на пазарот, а не од активностите на банката. Ризикот на надоместување на кредитот е условен од причината за неговото невраќање, односно од финансиската состојба на коминтентот да го отплаќа кредитот, од видот на колатералот со кој кредитот бил обезбеден, како и неговата реална состојба и пазарна вредност. Дури ако кредитот не се отплаќа навремено или воопшто не се отплаќа, а тој е обезбеден со лесно впаричлив колатерал тогаш велиме дека ризикот на надоместување на кредитот е мал, а загубата е незначителна.

Една слична поделба наведува три фактори на кредитниот ризик: ризик од неплаќање (default risk), ризик на изложеност (exposure risk), ризик од загуба (loss risk). Default risk (Probability of default, PD) ја претставува веројатноста да се случи настан кој води до неисплаќање на обврската (default). Веројатноста се движи во вредностите од 0 до 1. Постојат повеќе дефиниции за тоа што претставува default, но најчесто се смета дека default настанува доколку не се изврши плаќање најмалку за три месеци. Ако се случи default, загубите кои ги претрпува банката зависат од „загубата во случај на default“ (loss given default, LGD) и изложеноста при ненаплата (Exposure at default, EAD) Доколку нема ненаплата, ризикот при загуба (Loss given default, LGD) изнесува нула. Во случаи во кои загубата е еднаква на целосната изложена сума, ризикот при загуба изнесува 100%. Во некои случаи, ризикот при загуба може да изнесува и повеќе од 100%, на пример, поради судски трошоци и речиси целосна ненаплатливост. Ризикот при загуба се мери на ниво на поединечен кредит. Овој ризик најчесто има вредност од 0 до 100% и е претставен или континуирано или дискретно (со оценки за загубата). Производот на ризикот од неплаќање и ризикот во случај на загуба ја претставува очекуваната загуба на кредитот (Expected loss, EL), т.е. EL = PD x LGD Изложеноста за време на ненаплата (Exposure at default, EAD) може да биде непозната однапред, кај некои финансиски производи (обврзниците или кредитите), износот на загубата е фиксен, додека кај кредитните картички загубата варира во зависност од потребите за ликвидност на должникот кој има договорено одреден кредитен лимит со банката.

Според друга поделба, постојат два основни вида кредитен ризик:Hennie van Greunin and Sonja Brajovic Bratanovic (2009), Analyzing Banking Risk (third edition). Washington D.C.: The World Bank.Hennie van Greunin, Bratanovic Brajovic (2006), Analiza i upravljanje bankarskim rizicima. Zagreb: Мате. Кредитен ризик инкорпориран во стандардните банкарски операции (ризик при кредитирање на поединци или физички лица, ризик при кредитирање на правни лица (корпоративен ризик), ризик при краткорочно кредитирање, и ризик при финансирање на инвестиции). Специфични кредитни ризици (ризик што произлегува при извршување на вонбилансни операции, ризик на хартии од вредност, и државен или ризик на земјата).

Причини за појава на кредитниот ризик Кредитниот ризик е тесно поврзан со информациите што банката ги поседува за клиентите. Со кредитната анализа, банката треба да ја оцени кредитната способност на барателите на кредити, врз основа на расположливите информации за нивното работење, како и за проектите за кои се бара финансирање. Меѓутоа, банката нема целосни информации за нејзините клиенти, туку при оцената на кредитната способност, банката во голема мера се потпира врз информациите што ги доставуваат самите клиенти. Притоа, банката и нејзините клиенти се наоѓаат во нерамноправна положба, т.е. тие знаат повеќе за ризиците на кои се изложени отколку што знае банката. Одовде, асиметричните информации (asymetric information) се основниот извор на кредитниот ризик.

Бидејќи банката одлучува врз основа на нецелосни информации, таа не може на секој поединечен должник да му одреди каматна стапка соодветна на неговото ниво на ризичност. Затоа, клиентите што се ангажирани во поризични проекти се заинтересирани да ја платат каматната стапка на кредитот, бидејќи таа е пониска од онаа што банката би ја пресметала кога би имала точни информации за ризичноста на проектот. Тоа значи дека асиметричните информации ги поттикнуваат поризичните клиенти да се финансираат со кредити, т.е. поради асиметричните информации, банката е наклонета да ги избира поризичните клиенти – проблем којшто е познат како погрешен избор (adverse selection).

Во продолжение, откако е одобрен кредитот, асиметричните информации предизвикуваат уште еден дополнителен проблем, а тоа е моралниот хазард (moral hazard): должникот може да го искористи кредитот за преземање поризични активности, со надеж дека ќе оствари повисок принос. Меѓутоа, ваквото однесување на должникот ја зголемува веројатноста од невраќање на кредитот, особено во случаите кога банката не може да ги контролира неговите активности.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 105.

Голем број фактори влијаат врз можноста на корисникот на кредитот да ги намири своите обврски кон банката, а тие се групирани во две групи, и тоа:U. Ćurčić, Bankarski portfolio menadzment strategijsko upravljanje bankom, bilansom I portfolio rizicima banke. Novi Sad: Feljton, 2002, стр. 230. Егзогени или надворешни фактори (состојбата во економијата, државната регулатива, природната средина и сл.). Ендогени или интерни фактори (клучна улога има стручноста и способноста на кредитниот аналитичар).

Кредитниот ризик, всушност, претставува функција на егзогените (систематски) и ендогените (несистематски) фактори. Егзогените фактори можат да влијаат врз појавата на кредитниот ризик на поединечни пазари. Ако економската активност расте, корисниците на кредитите ќе ги враќаат земените кредити затоа што полесно ќе остваруваат профит, и тогаш кредитните загуби би биле помали, и обратно во случај на пад на економската активност. Ендогените (интерни) фактори, кои може да ги контролира банката, се изразуваат преку однесувањето на менаџментот на банката во поглед на управувањето со кредитниот ризик.

Показатели за оценување на изложеноста на банката на кредитен ризик Најчесто употребувани показатели на изложеноста на банката на кредитен ризик се:Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 63. Стапката на крeдитите (loan ratio), којашто се пресметува како однос меѓу нето-кредитите и вкупните средства на банката. Стапката на резервациите за можните загуби на кредитите (provision for loss ratio), која се добива како однос меѓу резервациите за можните загуби на кредитите и вкупните кредити на банката. Односот меѓу нефункционалните кредити и вкупните кредити на банката. Односот меѓу нето-отписите на кредитите и вкупните кредити на банката. Односот меѓу резервата за можните загуби и нефункционалните кредити.