Конкуренцијата во биологијата, екологијата и социологијата е натпревар меѓу организми, животни или луѓе (поединци или групи) за територија, за живеалиште, за ресурси и материјални добра, за углед, за почит, за награди, за статус во групата или општеството или за моќ. Оттука, поимот „конкуренција“ означува нешто што е спротивно од соработка. Таа настанува секогаш кога најмалку две страни тежнеат кон една цел која не може да се дели или која е посакувана само поединечно, а не заеднички и со соработка. Конкуренцијата настанува по природен пат помеѓу живите организми кои имаат соживот во иста животна средина. На пример, животните се натпреваруваат меѓу себе за пристап до вода, храна, партнери или други биолошки ресурси. Луѓето најчесто се натпреваруваат меѓу себе заради храна и партнери, иако кога овие потреби се задоволени, конкуренцијата произлегува од потрагата по богатство, углед и слава. Конкуренцијата е, исто така, важно начело во пазарната економија и бизнисот често се поврзува со конкуренцијата, бидејќи повеќето компании се во натпревар со најмалку една друга компанија за истата група потрошувачи.
Последици Конкуренцијата може да има и добри и штетни влијанија. Многу билолози од полето на еволуцијата, ја гледаат конкуренцијата меѓу исти и различни видови како водечка сила на адаптацијата, и на крај и на самата еволуција. Меѓутоа, некои биолози, од кои најпознат е Ричард Докинс (анг. Richard Dawkins), претпочитаат да ја сметаат еволуцијата како конкуренција помеѓу гени-поединки, кои мислат на благосостојбата на организмот само доколку таа благосостојба ги потпомогне нивните себични нагони за размножување. Некои приврзаници на идеологијата на социјален дарвинизам тврдат дека конкуренцијата исто така служи и како механизам за одредување на политички, економски и еколошки најсоодветната група. Со сигурност, конкуренцијата може да послужи како форма на рекреација или предизвик под услов да е на пријателска база. Од друга страна, конкуренцијата може да доведе до повреда на организмите кои се вклучени, како и искористување на важни ресурси и енергија. Кај човековиот род, конкуренцијата може да биде штетна во многу погледи, не само во изгубени животи во војна, физички повреди и оштетени психолошки состојби, туку и во последиците врз здравјето од секојдневниот општествен живот предизвикани од стрес на работно место, долго работно време, мобинг на работно место и лоши работни услови, што го намалува „животното задоволство“, дури и кога таква конкуренција ќе резултира во финансиска добивка за работодавците.
Економија и бизнис Речникот Merriam Webster ја дефинира конкуренцијата во бизнисот како „обидот на две или повеќе страни кои дејствуваат независно, да го овозможат бизнисот на третата страна со понудување на најпогодни услови“. Адам Смит (англиски: Adam Smith) во делото „Богатството на народите“ (1776 година) ја опишал конкуренцијата како распределување продуктивни ресурси на нивните највисоко вреднувани употреби и поттикнување ефикасност. Микроекономската теорија заклучува дека ниту еден систем на распределување на ресурси не е поефикасен од совршената конкуренција. Конкуренцијата, според теоријата, придонесува претпријатијата да развијат нови производи, услуги и технологии, кои би му пружиле на потрошувачите поширок избор и подобри производи. Поширокиот избор вообичаено придонесува до пониски цени на производите, во споредба со цената во случај кога би немало конкуренција (монопол) или кога би имало ограничена конкуренција (олигопол). Покрај сето тоа, конкуренцијата може да води кон залудно вложување труд и зголемени трошоци (и цени) во некои околности. На пример, силната конкуренција за малиот број на добри работни позиции во сферата на музиката и глумата води многу амбициозни музичари и глумци значајно да вложуваат во подготвување, што е притоа ненадоместливо, затоа што само дел од нив стануваат успешни. Критичарите тврдат дека конкуренцијата може да биде и дестабилизирачка, особено конкуренцијата меѓу одредени финансиски институции. Исто така, се тврди дека целите насочени кон конкуренцијата се контрапродуктивни за зголемување на приходите и профитабилноста, бидејќи тие ги ограничуваат можностите за стратегии на претпријатијата, како и нивната способност да понудат иновативни одговори на промените на пазарот. Покрај тоа, конкуренцијата доведува до голема веројатност за појава на „војна на цените“.
Конкуренцијата во бизнисот Во бизнисот постојат три видови конкуренција: Формата која има најограничена употреба е директната конкуренција (наречена исто така и конкуренција по категорија или бренд конкуренција), каде што производите коишто ја вршат истата функција се натпреваруваат помеѓу себе. На пример, еден бренд на комбиња се натпреварува со неколку други брендови на истиот производ. Постојат случаи каде две конкурентски компании се натпреваруваат на баш на овој начин. Едната компанија воведува нови производи во својот асортиман, што доведува до воведување на истите видови производи и од страна на другата компанија. Втората форма е „конкуренција на супститути“ или индиректна конкуренција, каде што се натпреваруваат производи коишто се скоро па еднакви едни со други. На пример, путерот се натпреварува со маргаринот, мајонезот со други разни сосови и намази. Најшироко распостранетата форма на конкуренција е вообичаено наречена „буџетска конкуренција“. Во оваа категорија е вклучено се она на што потрошувачот би сакал да ги потроши своите расположливите финансиски средства. На пример, семејство кое располага со дваесет илјади долари може да одбере да ја потроши сумата на многу различни производи, кои можат да се гледаат како конкуренти едни на други за потрошувачката на семејството. Оваа форма на конкуренција во некои наврати е опишана и како „конкуренција на добивка“. Освен тоа, компаниите се натпреваруваат и за инвестирање на финансиските пазари (капитал во акции или долг) со цел да се создаде потребниот капитал за нивно дејствување. Знаејќи ги ризиците, еден инвеститор по обичај ќе има предвид и други можности за инвестирање и нема да се фокусира само на компании кои се натпреваруваат за производот (директните конкуренти). Проширувањето на обемот на инвестирање за да се вклучат и индиректните конкуренти води кон поширока група на слични компании кои се натпреваруваат посреднички. Конкуренцијата може да се сретне и во друг вид, различен на оној меѓу две или повеќе компании. На пример, писатели од областа на бизнисот понекогаш упатуваат на внатрешна конкуренција. Овој вид е конкуренција во рамките на компаниите. Поимот за првпат е претставен од Алфред Слоан (англиски: Alfred Sloan) во General Motors во 1920 година. Слоан промислено создал точки во работниот процес кои се совпаѓаат меѓу оддели на компанијата, за да секој оддел се натпреварува еден со друг. На пример, одделот на Chevrolet ќе се натпреварува со одделот на Pontiac за одредени сегменти од пазарот. Конкурентските брендови од истата компанија одобриле да некои делови бидат направени од еден оддел и да бидат користени од други оддели, на пример, делови направени од одделот на Chevrolet да се користат и од одделот на Pontiac. Во 1931 година, и Procter & Gamble започнале промислен систем на конкуренција меѓу самите брендови во рамките на компанијата. Компанијата се состоела од различни брендови, секој од нив со свои предвидени ресурси, вклучувајќи и посветена група на вработени кои се борат за брендот. Секој бренд менаџер се сметал за одговорен и бил соодветно награден за успехот или неуспехот на самиот бренд. Ова е познато како „конкуренција во рамките на брендот“. Оттука, најголем дел од компаниите придонесуваат за конкуренција меѓу вработените како поединци. Пример за овај случај е натпревар меѓу продажни агенти. Продажните агенти со највисоко остварен процент на продажба (или најдоброто подобрување во продажбата) за одреден период, се наградени од страна на работодавецот. Шалев (англиски: Shalev) и Асбџорнсен (англиски: Asbjornsen) откриле дека и крајниот резултат од обратните аукции е најтесно поврзан со конкуренцијата. Специјализираната литература во голема мера го поддржала значењето на конкуренцијата како основа за успех на обратната аукција. Нивните заклучоци го поддржуваат тоа тврдење, дека конкуренцијата е силно поврзана со успехот на обратната аукција, како и со бројот на наддавачи.
Мерење на конкуренцијата Постојат повеќе на чини на мерење на степенот на конкуренција во економијата. Еден од нив е показателот на Panzar и Rosse (т.н. H-статистика), заснован врз односот меѓу приходите на фирмата и излезните трошоци. Во совршена конкуренција, Н-статистиката е еднаква на еден, бидејќи секое зголемување на влезните трошоци треба да доведат до соодветно зголемување на вкупните приходи. Кога вредноста на H-статистиката се движи помеѓу 0 и 1, тогаш постои конкурентски пазар со многу производители и многу потрошувачи при што ниту еден бизнис нема целосна контрола над пазарната цена. Спротивно на тоа, H-статистиката ќе биде негативна ако фирмата функционира како монопол.R. G. Gelos, J. Roldos, „Consolidation and market structure in emerging market banking system“, Emerging Market Review, Vol. 5 No. 1, 2004, 39-59.
Ограничување на конкуренцијата Бизнис-конкуренцијата и економската конкуренција во најголем дел земји честопати е ограничена или забранета. Во голем број случаи конкуренцијата подлежи на законски рестрикции. На пример, конкуренцијата може да биде законски забранета, како во случајот на државен монопол или монопол со државно овластување. Државата може да воспостави тарифи, субвенции и други заштитни мерки со цел да ја спречи или намали конкуренцијата. Во зависност од односната економска политика, чистата конкуренција во поголема или помала мера е регулирана од конкурентската политика и Законот за заштита од конкуренција. Друг составен дел на овие активности е процесот на разоткривање, со случаи на високи државни регулативи кои водат кон започнување на помал број конкурентски бизниси.
Конкурентност на економиите Светскиот економски форум изработува и објавува индекс на глобалната конкурентност, која ја оценува конкурентноста на секоја национална економија во светот. Индексот се пресметува врз основа на бодување во 12 категории, поделени во четири групи:Зоран Јовановски, „Која земја каде е на светската ранг список на конкурентноста?“, Економија и бизнис, година 20, број 244, ноември 2018, стр. 20. Поттикнувачки амбиент, со следниве категории: институции, инфраструктура, информатичка и комуникациска технологија и макроекономска стабилност. Човечки капитал, со следниве категории: здравје и вештини. Пазари, со категориите: пазар на производи, пазар на работна сила, финансиски ситем и големина на пазарот. Екосистем за иновации, со категориите: бизнис динамизам и способност за иновации. Во рамките на секоја категорија се доделуваат бодови за повеќе одлики на економијата. На пример, столбот наречен „институции“ содржи 20 елементи, како: трошоци предизвикани од организиран криминал, број на терористички настани, независност на судството, корупција, слобода на медиумите, заштита на сопственичките права, регулативата на конфликтот на интереси, итн.
Според извештајот за 2018-2019, САД имаат најконкурентна економија, со 85,6 индексни бодови (од можните 100), а потоа следуваат: Сингапур со 83,5 бода, Германија со 82,8 бода, Швајцарија со 82,6 бода, Јапонија со 82,5 бода, Холандија со 82,4 бода, Хонгконг со 82,3 бода, Обединетото Кралство со 82 бода, Шведска со 81,7 бода и Данска со 80,6 бода. Според овој извештај, Македонија се наоѓала на 84. место во светот, со 56,6 бода.Зоран Јовановски, „Економијата на САД најконкурентна во светот, македонската економија на 84. место“, Економија и бизнис, година 20, број 244, ноември 2018, стр. 10.
Заштита на конкуренцијата