Оле Гунар Солшер (роден на 26 февруари 1973, во Кристијансунд) — норвешки фудбалски тренер и поранешен фудбалер, напаѓач.

Пред доаѓањето во Англија, Солшер играл само за два клуба во Норвешка: Клаусенген и Молде. Тој му се приклучил на Манчестер Јунајтед во 1996 година, за сума од 1,5 милиони £. Солшер играл за клубот 366 пати во кој постигнал 126 гола во текот на еден успешен период за клубот и бил наречен "убиец со детско лице" од страна на медиумите. Исто така тој се здобил и со прекарот "Златна резерва", заради неговата способност да влегува од клупата за резерви и да постигнува многу важни и клучни голови. Сепак, моментот по кој Солшер засекогаш ќе остане запаметен во светот на фудбалот се случил кога тој го постигна победеносниот гол за Јунајтед во последната минута од судиското продолжение во финалето на Лигата на шампионите 1999 година, со кој го однел неговиот тим до титулата европски клупски првак совладувајќи го Баерн Минхен со 2-1 во најлудото финале на шампионската лига досега. Оваа сезона за Солшер и неговите соиграчи завршила со Требл (или Тројна Круна), откако црвените ѓаволи триумфирале претходно и во Премиер лигата и ФА Купот.

Во 2007 година, Солшер го најавил своето пензионирање од фудбалот, откако не успеал да се опорави од сериозна повреда на коленото. Сепак, тој останал дел од Манчестер Јунајтед откако ја преземал тренерската улога, во помладите категории на клубот. Во 2008 година, Солшер станал менаџер на резервите на Манчестер Јунајтед, пред да се врати во својата родна земја во 2011 година за да го води својот поранешен клуб, Молде, кого го доведе до нивниот прв шампионски трофеј во лигата во историјата на клубот во 2011 година, а веднаш потоа и до вториот во 2012 година. По краток престој на клупата на Кардиф Сити во 2014, во кој тој не успеал да го спаси клубот од испаѓање од Премиер лигата, Солшер се вратил во Молде во 2015 година. Кон крајот на 2018 година, Солшер бил нзаначен за привремен тренер на Манчестер Јунајтед по отпутањето на Жозе Мурињо.

Тој, исто така, врши надзор на академијата за обука на млади фудбалери во неговиот роден град Кристијансунд, и е покровител на Manchester United Supporters' Trust.

Животопис Солшер е роден во Кристијансунд, Мере и Румсдал, како син на Ејвинд шампион во борење во грчко-римски стил, и Брита Солшер. На возраст од седум години Солшер му се приклучил на локалниот фудбалски клуб Клаусенген кој се натпреварувал во Третата дивизија на Норвешка. Некаде помеѓу 8 и 10 години, Солшер ги следел стапките на неговиот татко и тренирал борење во грчко-римски стил, но се откажал. Помеѓу 1992 и 1993, Солшер поминал една година во норвешката армија.

Тој е оженет со својата сопруга Сиље, со која имаат три деца Ноа, Карна и Елија.

Клупска кариера Клаусенген Солшер дебитирал за Клаусенген на возраст од 17 години во 1990. Солшер импресионирал на Ота купот кога како 17-годишник постигнал седумнаесет гола во шест натпревари. На 21 мај 1993, Клаусенген се сретнал со Молде во Купот на Норвешка, а Солшер го постигнал единствениот гол за својот тим во поразот со 6-1. Клаусенген изборил промоција во Втората дивизија на Норвешка во 1993, освјувајќи ја Третата дивизија со предност од 12 бода.

Во својата последна сезона во Клаусенген, 1994, Солшер постигнал 31 од 47-те гола на Клаусененген во Втората дивизија, помагајќи му на клубот да заврши на средината на табелата освојувајќи го 6-тото место. Во петте сезони поминати во Клаусенген, Солшер има повеќе од еден гол за клубот во просек, постигнувајќи 115 гола во 109 натпревари.

Молде

По крајот на сезоната 1994, тој бил купен од Оге Харејде, тренерот на норвешкиот прволигаш, Молде, за сума од 200.000 норвешки круни. На 22 април 1995, Солшер го направил своето деби за Молде против Бран, постигнувајќи два гола во победата со 6–0. Во својот втор натпревар на 29 април, Солшер постигнал хет-трик помагајќи му на Молде да го победи Викинг со 5–4. На 14 мај, тој одново бил двоен стрелец во победата со 2–1 над Хам-Кам. Два дена подоцна, постигнал уште еден хет-трик во победата над Хед со 7–2. На 30 јули, Солшер постигнал гол од пенал во победата со 4–1 над Стриндхајм.

На 10 август, Солшер дебитирал во европските натпреварувања, во квалификациите за Купот на победниците на куповите, против белорускиот Динамо Минск. Молде губел на полувремето, меѓутоа Солшер успеал да изедначи во 85-тата минута. Тој исто така постигнал гол и во реваншот во кој Молде победил со 2–1 (3–2 вкупен резултат) и се пласирал во главниот жреб за Купот на победниците на куповите. На ждрепката Молде бил извлечен како противник на францускиот Париз Сен Жермен, а Солшер постигнал гол во првиот натпревар на 14 септември, кога неговиот тим загубил со 3-2 на Стадион Молде. Тој играл и во реваншот на 28 септември кога Молде бил надигран и поразен со 3–0. Молде ја завршил сезоната на 2-рото место во норвешкото првенство, со 15 бода зад шампионот Розенборг. Во неговата прва сезона во Молде, тој постигнал 20 гола во 26 натпревари во лигата. Солшер оформил одлично партнерство во нападот, со Арилд Ставрум и Оле Бјорн Сундгот – што доведува до тоа да ги нарекуваат "The Three S's" (трите С), поради првата буква во нивните презимиња.

Втората сезона во Молде, Солшер ја започнал со пораз од Розенборг со 2–0. Сепак, веќе во следниот негов натпревар на 21 април 1996 против Мос, тој постигнал хет-трик во победата со 8–0, и додал уште два во победата со 3-0 над Тромсо на 19 мај. Одличната форма на Солшер, довела до тоа тој да привлече интерес од германскиот Хамбургер и италијанскиот . Потоа тренерот на Молде, Оге Харејде, ја одредил цената на Солшер со што го направил играчот достапен за трансфер во Евертон и поранешниот клуб на Харејде Манчестер Сити ако им биде испалатена сума од 1.2 милиони фунти. Сепак, ниту Евертон ниту Сити во тој момент не биле подготвени да ризикуваат со купувањето на младиот норвежанец, а и интересот на Хамбургер и Каљари опаднал кога и Манчестер Јунајтед се вклучил во трката и испатил понуда вредна 1.5 милиони фунти за време на Европското првенство 1996, која од Молде подоцна била прифатена. Својот последен настап за Молде, Солшер го направил на 21 јули 1996 во победата со 5–1 над Старт, постигнувајќи го четвртиот гол во 85-тата минута, пред да го фрли неговиот дрес на трибините при прославата на голот и да добие огромен аплауз кога бил заменет. Вкупно за Молде Солшер постигнал 41 гол во 54 натпревари во сите натпреварувања.

Манчестер Јунајтед Раните години во Манчестер Јунајтед Солшер му се приклучил на Јунајтед на 29 јули 1996 година, и бил нешто како изненадување за навивачите бидејќи во тоа време бил речиси непознат надвор од неговата татковина и во времето кога Јунајтед сè уште се обидувале да го доведат напаѓачот на Блекбурн Роверс и англиската репрезентација, Алан Ширер, кој потоа му се приклучил на Њукасл Јунајтед за светски рекорден трансфер од 15.000.000 £. Како единствен напаѓач кој пристигнал на Олд Трафорд таа година, според очекувањата тој требало да биде резервна опција за Ерик Кантона и Енди Кол со само повремени појавувања во почетниот тим. Но, по неколку недели од неговото доаѓање било јасно дека тој ќе биде клучен дел од првиот тим, а не како што порано се претпоставувало, а исто така тој се покажал како една од најголемите и најповолните зделки во Премиер лигата во таа сезона.

Солшер го добил дресот со број 20, број со кој тој ќе настапува и во остатокот од неговата кариера во Манчестер Јунајтед. Шест минути по влегувањето во игра, тој го постигнал својот прв гол за Јунајтед во неговиот деби за клубот против Блекбурн Роверс. Тој постигнал 18 голови во Премиер лигата за Јунајтед во својата дебитантска сезона, помагајќи му на клубот да ја освои титулата во последните кола од сезоната. Веднаш потоа, Британските медиуми го нарекле Солшер "Убиец со детско лице", алудирајќи на неговиот младешки изглед и неговиот смртоносен завршен удар пред голот.

Тој можеби најдобро ќе биде запаметен како "златна-резерва", откако заработил големи признанија за одличната работа која ја вршел со влегувањето од клупата во натпреварите и големиот број на постигнати голови, имено како резерва. Сер Алекс Фергусон забележал дека Солшер има цака, додека седи на клупата да проучува како тече играта, без да го тргне погледот од акцијата. Размислувајќи за овој аспект на неговата кариера во подоцнежните години, Солшер изјавил: "Морав да мислам за себе, како можам да му направам најмногу штета на противникот ако влезам во игра? Ја студирав играта, но никогаш не ги анализирав противничките напаѓачи [...], туку обрнував внимание на грешките на одбранбените играчи и на крајните дефанзивци за да знам во која зона имам најголеми шанси.

Сезоната 1998-1999; Освојување на тројна круна Сезоната 1998-1999 започнала лошо за Солшер и за Манчестер Јунајтед, откако тие доживеале дебакл во Черити Шилд натпреварот каде биле поразени со 3-0 од Арсенал. Оле се појавил во игра во 53-тата минута како замена за Ники Бат кога резултатот бил 1-0 за Арсенал. Својот прв погодок во сезоната тој го постигнал на 9 септември 1998, кога тој и Двајт Јорк реализирале по два гола во победата над Чарлтон Атлетик со 4-1 на Олд Трафорд. До крајот на есенскиот дел од сезоната тој постигнал уште 3 првенствени гола, два во Лига купот и еден во Лигата на шампионите.

На 24 јануари 1999, тој го постигнал победничкиот погодок за Јунајтед во последната минута од натпреварот против Ливерпул, со кој го спасил неговиот тим од преигрување на Енфилд и го испратил во 5-тата рунда од ФА Купот. Подоцна Јунајтед и го освоил овој турнир. Еден од највпечатливите подвизи во кариерата, Солшер направил на 6 февруари истата година кога влегувајќи од клупата за резерви во 72-рата минута успеал да постигне четири гола во последните 12 минути во победата на Јунајтед со неверојатни 8-1 над Нотингем Форест. Крајот на фудбалската сезона 1998-1999 бил одбележан со финалето на Лигата на шампионите, кое било едно од највозбудливите во историјата на ова натпреварување. Манчестер Јунајтед бил во негатива против Баерн Минхен до почетокот на судиското продолжение во кое на сцена настапиле резервните напаѓачи на Фергусон. Најпрво Теди Шерингам го израмнил резултатот во 91-вата минута, а две минути подоцна токму Солшер, реагирал фантастично по ударот со глава на еден од неговите соиграчи за да направи целосен пресврт и да му ја донесе на својот тим втората титула европски првак. Солшер ја завршил сезоната со вкупно 18 постигнати голови (во сите турнири) и со значаен придонес за освоениот Требл.

Стартер и капитен Солшер уште еднаш постигнал четири гола на еден натпревар, овојпат против Евертон во победата од 5-1 во сезоната 1999-2000.

По неколку сезони во кој влегувал од клупата како супер-замена, Солшер добил шанса да биде стартер во сезоната 2001-2002, во тандем со холандскиот напаѓач Руд ван Нистелрој. Тој ја искористил можноста со карактеристична иницијативност за него, принудувајќи ги Енди Кол и Двајт Јорк да седат на клупата.

Од сезоната 2002-2003, кога и Енди Кол и Двајт Јорк го напуштиле Олд Трафорд, Солшер ги имал само Диего Форлан и ван Нистелрој како конкуренти за место во почетната постава. Сепак, упорноста на Фергусон да игра со Пол Сколс зад единствениот напаѓач, Ван Нистелрој ги ограничиле можностите за место во почетниот состав на Солшер.

Сепак, нешто подоцна кога Дејвид Бекам заработил повреда, Фергусон решил да го искористи Солшер како десно крило. Во истовреме додека се докажува како добар нафрлувач на топката, норвежанецот исто така постигнувал и голови, постигнувајќи вкупно 16 гола во сезоната. Тој бил стартер и во важните натпревари на тимот, како што бил оној против Арсенал во лигата и против Реал Мадрид во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Тој, исто така, бил и капитен на тимот во голем број на натпревари.

Во овој период Солшер играл и за Норвешка на Светското првенство 1998 и Европското 2000.

Сезоните во кој се соочува со повреди