Моноспитовско Блато — големо мочуриште, кое се наоѓа десетина километри североисточно од градот Струмица, во долината на Водочница, притока на реката Струмица, сместено во источниот дел на Струмичката Котлина. Се претпоставува дека блатото е остаток од некогашното големо езеро кое настанало пред дваесет милиони години во време кога се формирало егејското копно, а подоцна истекло кон Егејското Море.
Блатото е последното мочуриште во Македонија и е вистинско засолниште за ендемски видови на флора и фауна, која е многу малку проучувана и во голем дел непозната. Најблиско село е Моноспитово, а неговата површина изнесува околу 400 хектари, иако официјално споменичната површина зафаќа површина од 8,51 км2.
Иако мочуриштето е прогласено за споменик на природата на Македонија од 1987 година, истото со години се соочува со деградација, узурпација и оштетувања.
Местоположба
Блатото се наоѓа на просечна надморска височина од околу 210 метри (најниска точка на 202 метри, а највисока на 240 метри), кое со својата богата флора и фауна е единствената блатно-мочуришна површина во Македонија. Тоа се наоѓа во плодната Струмичка Котлина под планината Беласица.
Опис
Повремено плавените водни станишта се нарекуваат блата, а оние кои се постојано плавени се мочуришта. Моноспитовското Блато во себе ги содржи овие две категории водни станишта. Околу блатата и мочуриштата на Моноспитовското Блато се наоѓаат влажни ливади или поплавни шуми кои пак делат граница со земјоделски површини на околните жители.
Во блатото се сретнуваат шест типови станишта: мочуриште, блато, влажни ливади, шуми, фрагменти од тресетишта со сфагнум и земјоделски површини.
Историја
Во минатото, блатото имало површина од околу 5 илјади хектари, а сега познатиот ѓол едвај се простира на 400 хектари. Опколен со повеќе видови дрвја, папрати, барска трска и безброј птици, овој споменик на природата потсетува на мала џунгла во која сè уште се кријат уникатни растенија и животни кои ги нема на други простори, не само во Македонија, туку и на Балканот.
До 1947 година, тоа било традиционално искористувано преку лов и риболов, напасување стока по ливадите, користење на рогозот и трската за покривање на куќите и плетење кошници. До 1963 година биле спроведувани интензивни мерки за исушување на Моноспитовското Блато. Периодот до 1990 година се карактеризира со постојано освојување на површини од мочуриштето од земјоделците и земјоделско-индустриските комбинати.
Според кажувањата на постарите жители, Блатото порано имало длабочина од околу 6 метри и со посебни чамци, наречени шајки, се патувало по него до селата Зубово, Банско и Муртино.
Биоразновидност
Моноспитовското Блато во минатото се одликувало со голема биоразновидност, но сепак за овој простор постојат мал број податоци, со исклучок на истражувањата на некои алги, виши растенија и растителни заедници. Заради тоа, не е лесно да се изврши споредба на некогашната состојба со биоразновидноста во однос на денешната, но јасно е видлива деградацијата која продолжува и денес.Описот на биоразновидноста прикажана во оваа публикација се заснова на моменталните нецелосни сознанија. Тие се однесуваат на разновидноста на стаништата, растителните заедници, флората, дијатомејските алги, некои безрбетници, рибите, водоземците, влекачите, птиците и цицачите.
Иако површините се драстично намалени, денес Моноспитовското Блато е природен музеј на отворено и во него сѐ уште егзистираат ретки видови растителен и животински свет. Најпознати се реликтните видови, како што е кралскиот папрат (осмунда регалис), кој со одлука на Општина Струмица од 1987 година е прогласен за заштитен вид, бидејќи го има само тука. Покрај него, Блатото изобилува со силикатни алги, ретки видови инсекти, барски птици и цицачи. Во Моноспитовското Блато се регистрирани вкупно 112 видови птици, меѓу кои најзначајни се црниот штрк и малиот орел кликач. Шумските заедници кои се среќаваат во и околу Блатото се одлично засилниште за голем дел од цицачите, па тука може да се најдат видри и лисици. Има 11 видови водоземци и 16 влекачи.
Блатото е дел и од Рамсарската конвенција за водни станишта.
Туризам
Општина Босилово во 2019 година изградила платформи, дрвени патеки и куќички за набљудување на птиците. За реализација на овој проект за ревитализација на блатото биле потрошени 166.000 евра од европските фондови преку програмата за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија. Целиот систем од патеки, колиби и набљудувачници бил сосема напуштен и уништен веќе во 2023 година.
Наводи
Надворешни врски
Последното мочуриште во Македонија - монографија за блатото Моноспитовско Блато - последното мочуриште во Македонија - Утрински Весник (4 април 2012) Моноспитовско Блато - Крале Марко Моноспитовско Блато - информации и фотографии - Запознај ја Македонија Моноспитовско Блато (Мојата инспирација)
Категорија:Моклишта во Македонија Категорија:Моноспитово Категорија:Струмичка Котлина