Верверици () — семејство цицачи од редот на глодачите. Во неа припаѓаат животни кои се различни по својот изглед и начин на живеење, обединети со нивното заедничко потекло и сличноста во анатомската градба.
Надворешен изглед
Должината на телото се движи од 6 (глувчева верверица) до 60 cm (мраморец или мрмот). По својот надворешен изглед, вервериците може да се поделат на 3 типа: верверици кои живеат на дрвја, верверици кои живеат на површината на земјата и летачки верверици, при што се смета дека заедничкиот предок бил најсроден со вервериците кои живеат на дрвја. Кај дрвенестите верверици, каде припаѓа обичната верверица, имаат долги бушави опашки, остри канџи и големи уши, понекогаш со прамен од влакна. Кај летачките верверици по страните од телото, меѓу прсните ковчиња и ковчињата на стапалото се наоѓа кожна мембрана, која им овозможува падобрански лет. Приземните верверици се одликуваат со покрупни тела и кратки силни предни екстремитети. Кај сите верверици задните екстремитети се подолги од предните, но не повеќе од 2 пати. Задните екстремитети се пет, а предните четири или петпрсни. IV прст на предните и задните екстремитети е најдолг. Крзното е густо и меко. Бојата е монотона или со линии и дамки, се движи од црна и бела до црвена или темножолта. Имаат 2 до 6 пара на млечни жлезди. Забите се 20-22 на број. Катниците се со корени, на секоја страна од горната вилица нив ги има 5 (кај еден вид 4), а на долната 4. Џвакачката површина на катниците е заоблена или заоблено-чешлеста. Предниот горен преткатник е секогаш помал од останатите; кај обичните верверици тој е во вид на тенко столпче, додека кај персиските верверици отсуствува.
Екологија
Распространувањето на вервериците е многу широко. Тие отсуствуваат во австралиската област, на Мадагаскар, во поларните области, во северозападна Африка (Сахара) и на југот на Јужна Америка (Патагонија, Чиле, поголем дел од Аргентина). Населуваат разновидни предели: од тропски дождовни шуми до арктичката тундра. На планините се среќаваат до долната граница на ледниците. Водат приземен начин на живот или на дрвјата. Активни се главно во текот на денот; летачките верверици најчесто во текот на ноќта. Се исхрануваат со различна растителна храна (семиња, јатки, печурки), поретко со инсекти и помали `рбетници. Приземните видови се исхрануваат главно со зеленило. Видовите во умерените области зиме складираат храна или запаѓаат во зимски сон. Живеат поединечно, понекогаш колонијално. Дрвенестите верверици по правило градат гнезда во самите дрвја, додека приземните живеат во дупки. За некои видови се карактеристични далечни миграции. Бременоста трае 22-45 дена. Женките донесуваат на свет од 1 до 15 голи и слепи младенчиња.
Вервериците и човекот
Вервериците се паметни животинки, во населените места тие се способни да се исхрануваат од птичјите хранилки, потоа копаат во потрага по семиња од растенијата и се населуваат во места какви што се поткровјата и мансардите. И покрај тоа што многу компании продаваат хранилки со заштита од верверици, многу малку од нив се во состојба да ги спречат.
Понекогаш вервериците се сметаат за штетници бидејќи можат да изгризаат сè што е можно; нивните заби се секогаш остри и постепено се обновуваат (кај глодачите забите растат постојано). Сопствениците на куќи кои се наоѓаат во области со голема популација на верверици мораат внимателно да ги затворат своите подруми и поткровја, бидејќи вервериците таму можат да изградат свои гнезда и да направат разновидни штети.
Верверицата може да се нахрани од човечка рака. Бидејќи се адаптирани да го кријат вишокот од храна, тие ќе доаѓаат сè додека им се нуди храна. Кога еден човек ја намамува верверицата за да ја нахрани, таа ќе се враќа кај него секој ден за нова порција. Вервериците кои живеат по парковите и градините одамна научиле дека човекот е извор на храна.
Вервериците можат да предизвикаат прекини во електроснабдувањето, причинувајќи краток спој на струјните кола со висок напон. Во САД, вервериците двапати во историјата биле причина за намалувањето на берзанскиот индекс на NASDAQ и предизвикале каскаден прекин на струјата во еден универзитет во Алабама.
Еден од најчестите производи со кој се исхрануваат вервериците се оревите и кикириките. Но, скорешните истражувања на научниците покажаа дека ензимот трипсин, кој е присутен во оревите, ја спречува апсорпцијата на белковините во цревото. Доктор Џејмс Кисветер од Источновашингтонскиот универзитет советува да им се даваат печени ореви и кикирики на вервериците. Но други научници велат кикириките во било која форма, како и семињата од сончоглед, се неполезни за вервериците бидејќи се сиромашни со хранливи состојки, како резултат на што кај верверицата може да се јави метаболичка болест на коските.http://home.wi.rr.com/frettchen/BACKYARD%20SQUIRREL%20FEEDING%20TIPS.htm , http://www.squirreltales.org/#Section-H
Систематика десно|мини|250п|Златномантиеста стоболка (Spermophilus lateralis) десно|мини|250п|Алпски мрмот, Marmota marmota. Денешните верверици се поделени во 5 потсемејства, со околу 50 родови и близу 280 видови. Најстариот фосил од верверица, Hesperopetes, датира од доцниот еоцен (пред околу 40—35 милиони години) и е сличен на денешните летачки верверици.Emry, R.J. and Korth, W.W. 2007. A new genus of squirrel (Rodentia, Sciuridae) from the mid-Cenozoic of North America. Journal of Vertebrate Paleontology 27(3):693–698.
Основен и incertae sedis таксон Sciuridae (сите фосилни) Getuloxerus Hesperopetes Kherem Oligosciurus Plesiosciurus Prospermophilus Sciurion Similisciurus Sinotamias Vulcanisciurus потсем. Cedromurinae (фосилна) потсем. Ratufinae – источни џиновски верверици (1 род, 4 видови) потсем. Sciurillinae – неотропска пигмејска верверица (монотипна) потсем. Sciurinae племе Sciurini – верверици кои живеат на дрвја (5 родови, околу 38 видови) племе Pteromyini – вистински летачки верверици (15 родови, околу 45 видови) потсем. Callosciurinae – азиски орнатни верверици племе Callosciurini (13 родови, близу 60 видови) племе Funambulini палмини верверици (1 род, 5 видови) потсем Xerinae – приземни верверици племе Xerini – бодликави верверици (3 родови, 6 видови) племе Protoxerini (6 родови, околу 50 видови) племе Marmotini – приземни верверици, мрмоти, бурундуки, прериски кучиња итн. (6 родови, околу 90 видови).
Верверицата како тема во уметноста и во популарната култура „Верверичка“ — песна на македонската поетеса Христина Аслимоска од 2003 година.Христина Аслимоска, Бисерни зборови. Охрид: Летра, 2003, стр. 44. „Ловецот и верверичката“ — басна на американскиот писател Емброуз Бирс.Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 19. „Верверичина приспивна песна“ — песна за деца на хрватскиот поет Григор Витез.Григор Витез, Песни. Мисла, Македонска книга, Култура, Наша книга и Детска радост, Скопје, 1990, стр. 25. „Верверичката и црвот“ — расказ за деца на македонскиот писател Киро Донев од 2013 година.Киро Донев, Приказни од куќичката на дрво. Скопје: Македоника литера, 2013, стр. 79-80. „Верверица“ — песна на словенечкиот поет Отон Жупанчич.Отон Жупанчич, „Цицибан“ (второ издание), „Кочо Рацин“, Скопје, 1959, стр. 66. „Верверица Опашица“ — песна на македонскиот писател Славко Јаневски.Славко Јаневски, Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми. Скопје: Темплум, 2014, стр. 16-19. „Верверичка“ — песна на македонскиот поет Васил Куноски.Васил Куноски, Песни. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 74. „Двајцата стари пријатели“ — расказ на македонскиот писател Ванчо Николески.Ванчо Николески, Чудотворен кавал, Мисла, Наша книга, Детска радост, Култура, Македонска книга, Скопје, 1993, стр. 38-42. „Лоша математика“ — песна на македонскиот писател Видое Подгорец.Видое Подгорец, И сончогледите спијат. Скопје: Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла, Наша книга, 1990, стр. 68.
Наводи
Категорија:Глодачи