Банката на Англија (англиски: Bank of England) е централна банка на Обединетото Кралство. мини|Зградата на Банката на Англија Улогите и функциите на Банката на Англија, еволуирале и се менувале низ нејзината три вековна историја. Од нејзиното основање, таа била Банкар на Владата, а од доцниот XVIII век е позната како Банка на банките. Освен обезбедувањето банкарски услуги на нејзините клиенти, таа раководи со стабилноста на валутата и златните резерви на Велика Британија Наоѓајќи се во центарот на финансискиот систем на Обединетото Кралство, Банката на Англија има две битни цели: монетарна и финансиска стабилност. Банката има монопол врз печатењето банкноти во Англија и Велс, од раниот XX век, но дури од 1997 година има законска одговорност за одредување на официјалните каматни стапки во Велика Британија. Одлуките за каматните стапки го донесува Комитетот за монетарна политика, а овие одлуки таа ги имплементира преку операциите на финансискиот пазар.Официјално мрежно место на Банката на Англија. Банката на Англија е посветена на подигање на свеста на јавноста за разбирање на нејзините активности и одговорности. Таа издава голем број публикации за нејзините клучни работи, нудејќи многу образовни материјали. Исто така, таа им дава техничка помош и совети на другите централни банки, преку нејзиниот Центар за банкарски науки. Банката на Англија има и свој сопствен музеј на улицата Threadneedle, кој е отворен за јавноста со бесплатен влез.[http://www.bankofengland.co.uk/about/Pages/default.aspx Официјално мрежно место на Банката на Англија].
Историја
Од основањето до 19 век Банката на Англија е основана во 1694 година, со закон, како банка на владата и раководител со нејзините долгови.H. Roseveare (1991). Со револуцијата од 1688 година, католичкиот крал Џејмс II бил заменет со протестантскиот крал Вилијам од Оринџ, поради што Франција ѝ објавила војна на Англија. Тогаш, англиската влада имала итна потреба од пари за обновување на морнарицата. Биле предложени многу решенија, а најуспешното од нив било она на Вилијам Питерсон, кое предвидувало владата да земе заем од населението во износ од 1 200 000 фунти со каматна стапка од 8%, со тоа што потписниците на емисијата добиле право да бидат акционери во новата банка. Притоа, банката имала право да прима депозити, да издава банкноти, да дава кредити и да тргува со меници. Иако со тоа, новата банка го ризикувала својот целосен капитал позајмуваќи ѝ го на владата, емисијата станала мошне популарна и парите биле соберени за само 12 дена.Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bankof England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 975. Успешноста на оваа идеја била причина да се склучи Кралската повелба, запечатена на 27 јули 1694 година со кој Банката на Англија почнала да ја врши својата улога како банка на владата на Велика Британија. Притоа, банката била основана како приватна компанија, т.е. како акционерско друштво и била раководена од одбор на директори (Court), а еден од нив бил избран за гувернер со мандат од две години. Иако била приватна фирма, во повелбата стоело дека банката „треба да ги унапредува јавното добро и ползата на нашиот народ“. Банката на Англија почнала со работа неколку дена подоцна, со привремено седиште во местото Чипсајд (Cheapside). Нејзиниот персонал се состоел од 17 службеници и 2 портири. Во 1734 година, нејзината локација се преместила на улицата Треднидл (Threadneedle), каде што се наоѓа и ден-денес.
Банката раководела со сметките на владата и давала заеми, со цел да ги финансира расходите за време на војна и мир. Нејзиниот прв гувернер бил Сер Џон Хоублон. Во своите рани години, Банката на Англија била под доминација на владата и нејзините притосоци и барања за финансирање и ковање нови пари. Како дел од конвенционалното банкарство, таа примала депозити од населението во злато, со тоа што издавала потврди (notes) врз основа на тие депозити. Почетоците на книжните пари ги наоѓаме токму во овие признаници. Карактеристично за банкнотите е тоа што тие биле издавани и над износот на депонираното злато, со што се зголемувал паричниот опток, а тоа имало влијание врз поттикнувањето на побарувачката, производството итн. Бидејќи неконтролираното издавање на банкноти можело да има многу тешки последици за стопанството, емисијата ѝ била доверена на Банката на Англија.
Националниот долг пораснал рапидно за време на XVIII век од 12 милиони фунти во 1700 на 850 милиони до крајот на Наполеоновите војни. Тие војни фрлиле тежок товар врз финансиите на земјата и во 1797 година Банката на Англаија престанала да го исплаќа злато врз основа на издадените потврди. Овој период на суспензија на конвертибилноста на банкнотите во злато траел од 1797 до 1821 година. Со цел да компензира за недостатокот на метални пари, Банката за првпат издала банкноти со мали деноминации од 1 и 2 фунти. По оваа епизода, Банката на Анлгија го добила прекарот „Старицата од Треднидл стрит“, кој настанал по објавувањето на карикатурата на која бил прикажан премиерот Вилијам Пит како седи на ковчег полн со злато, а Банката на Англија како старица облечена во фустан од банкноти. Истовремено, во тој период дошло до голем пораст на фалсификувањето на банкнотите.Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bank of England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 973. Ова придонело за општ пораст на цените, којшто бил пропратен со остар пад по војните, кога повторно била вратена финансиската дисциплина. Сепак, дури и по воспоставувањето на златниот стандард, Банката на Англија се придржувала кон него само приближно. Под влијание на Хорсли Палмер, кој бил гувернер во периодот 1830-1834), банката ја одредувала својата каматна стапка на нивото кое го обезбедувало односот од 3:1 меѓу издадените пари и златното покритие.Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bank of England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 979.
Банката на Англија во 19 век
Со законот од 1844 година (The Bank Charter Act), банката добила монопол во печатењето банкноти, но со одредбата дека износот на издадените банкноти треба да биде ограничен на вредноста на златните резерви плус фидуцијарна емисија од 14 милиони фунти. Бидејќи периодот на рестрицијата бил свеж во сеќавањата на граѓаните, на Банката на Англија ѝ било забрането да издава нови потврди кои не биле пропратени со ново зголемување на златните резерви. Со цел да го направи статусот на валутата појасен, ѝ било на наложено да изработи посебен биланс на состојба за активностите поврзани си издавањето потврди. Притоа биле формирани две одделенија: одделение за издавање пари (issue department) и банкарско одделение (banking department). Првото одделение служло за издавање банкноти покриени со злато, додека второто служело з аизвршување на вообичаените банкарски активности.Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 206. Оваа поделба меѓу емисијата банкноти и банкарските операции во сметките на банките продолжува да се користи до денес. Приходите од емисијата на банкнотите се префрлаат во Министерството за Финансиии.
Меѓутоа, ограничувањето на износот на издадените пари набргу се покажало како премногу рестриктивно: банкарската криза од 1847 предизвикала голема побарувачка за банкноти и за злато, па Банката на Англија била принудена привремено да го суспендира важењето на законот од 1844 година. Подоцна, законското ограничување на издавањето пари било суспендирано и за време на кризите од 1857 и 1866 година.
За време на XIX век дошло до формирање на големи акционерски депозитни банки, со што се појавиле серии на здружувања и спојувања. Банката на Англија одлучила да не се натпреварува директно со овие акционерски друштва, туку да ја развие својата улога како централна банка и чувар на златните резерви и обезбедувач на ликвидност. Таа го утврдила својот концепт како краен позајмувач – крајна резерва на банкарскиот систем. Кога финансиска криза во една банка се заканува дека ќе се прошири низ целиот банкарски систем, таа ќе мобилизира сопствени ресурси со цел да им позајми на банките кога никој друг не може. Исто така таа била одговорна да ги постави каматните стапки на ниво, кое било проценото дека е праведното.
Банката на Англија во 20 век Периодот по Првата светска војна бил исполнет со големи нарушувања во меѓународниот финансиски систем, со што Банката на Англија била изложена на големи предизвици. Овој период бил обележан со обидот да се задржи златниот стандард според паритетот од пред Првата светска војна. Тоа било направено во 1925 година, но по цена на големо негативно влијание врз британската економија, така што златниот стандард бил целосно напуштен во 1931 година. Тогаш, златните резерви и девизи биле трансферирани во Министерството за Финансии (иако сè уште биле раководени од Банката на Англија). Во овој период, Банката на Англија постојано била во судир со министерството за финансии и со неговите советници (меѓу кои и Џон Мајнард Кејнз) кој го опишал гувернерот Монтегју Норман со зборовите: „секогаш апсолутно шармантен, секогаш апсолутно погрешен“.Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bankof England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 973 и 975. Оттгаш, единственото ограничување во издавањето книжни пари било да се добие решение од Парламентот, со кое се одобрува зголемување на фидуцијарната основа.
Во периодот меѓу двете светски војни со банката раководел Монтегју Норман, гувернер со најдолг мандат во историјата на Банката на Англија (од 1920 до 1944). Исто така, значаен настан во историјата на Банката на Англија е уривањето на нејзината зграда (проектирана од Џон Соунс) во 1920-тите години кое Николаус Певснер го нарекол „најголемото архитектонско злосторство во Лондон во 20 век“.Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bankof England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 973.
Низ нејзината историја, Банката на Англија била позната како јавна институција, која работи за националните интереси. Иако поголемиот дел од нејзиниот животен век била раководена во приватна сопственост, нејзините активности биле детерминирани од владината легислатива и односите со неа. Со национализацијата во 1946 година, Банката на Англија станала сопственост на Владата, а не на приватните акционери. На тој начин, клучните одлуки за водењето на монетарната политика биле во рацете на министерството за финансии, а Банката на Англија претежно се грижела за состојбата во билансот на плаќањата и за обемот на кредитите, применувајќи мерки за контрола на порастот на кредитите и морално убедување.Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bank of England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 979-980.
Периодот по Втората светска војна бил обележен со постојано напредок во разбирањето на вистинската улога на монетарната политика во економијата. Така, во 1959 година бил објавен познатиот „Радклифов извештај“ (Radcliffe Report) кој ја негирал пресудната улога на контролата на парите, а во 1980-тите монетарната политика станала главен инструмент во управувањето со агрегатната побарувачка. Притоа, во текот на 1970-тите и 1980-тите, Банката на Англија била во потрага по делотворно номинално сидро при шро најпрвин таа улога ја играле монетарните агрегати, потоа фиксниот девизен курс, а во 1992 година таа преминала кон таргетирање на инфлацијата.Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bankof England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 974.