Манговица — ниска и пространа планина во Источна Македонија, која се протега помеѓу Кумановската Котлина на север, Овче Поле на запад, долината на Брегалница на југ и долината на Злетовска Река со реката Белошница на исток.
Највисок врв е Асаница на надморска височина од 875 метри.
Географија и местоположба
Главното било има насока на протегање северсеверозапад-југјугоисток во должина од 22 километри и претежно е во височина од 600 до 700 метри, додека само на крајниот северозападен дел преминува 700 метри.
Врвови
Покрај највисокиот врв Асаница (875 м.), други позначајни врвови се Големо Брдо (776 м.), Струга (758 м.) и Челебиско Трло (731 м.).
Геолошки состав
Планината речиси целосно е оголена. Поради специфичниот геолошки состав претставен со вулканити (андезити, бречи, туфови) се јавуваат силни денудациски процеси. Во северозападниот дел се јавува и палеовулкански релјеф претставен со повеќе купи и разорени кратерски структури. Овој дел е и длабоко засечен со долината на Мавровица (или Орелска Река), а на неа и нејзините притоки има повеќе мали водопади.
Во областа, денудациските форми најмногу се застапени околу месноста (ридот) Гложје (655 м.), потоа кај врвовите Манговица (741 м.), Голем Осој (734 м.) и други. Некаде овие форми се јавуваат во поголеми групации, а често и како издвоени-поединечни форми.
Планината освен што е позната со своите специфични камени форми, интересно е и самото корито на планината со повеќе мали водопади и природни базени под нив, од кои еден е длабок околу 2 метри. Всушност целиот овој простор кој е ретко посетуван, делува примамливо за авантуристите кои можат да уживаат во глетките кон некогашните вулкани, длабоката речиси кањонеста долина на Мавровица и на одредени места уникатниот растителен и животински свет.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Планини во Македонија Категорија:Географија на Пробиштип Категорија:Географија на Свети Николе