ФК Саутхемптон — англиски фудбалски клуб, од градот Саутхемптон, грофовијата Хемпшир, кој моментално се натпреварува во Чемпионшип, второто ниво на англискиот фудбал.

Клубот е основан во 1885 година, како црковен фудбалски клуб под името Сент Мерис, па оттаму го добиле и прекарот "светци" по кој се познати и денес. Во 1894 година, клубот се приклучил на Јужната лига под името Саутхемптон Сент Мерис, а по освојувањето на истата три години подоцна името на клубот било скратено на само Саутхемптон.

Саутхемптон го има освоено ФА купот еднаш во сезоната 1975-1976, а нивниот највисок лигашки завршеток на една сезона било второто место во Првата дивизија во сезоната 1983–1984. На 15 мај 2005 година, клубот испаднал од Премиер лигата завршувајќи ја низата од 27 сезони натпреварување во највисоката фудбалска лига во Англија. Сепак, во 2012 година по седум години пауза клубот повторно се вратил и таму се натпреварувал до сезоната 2022-2023, кога повторно испаднал во Чемпионшип, каде игра и денес.

Од 2001 година, својте домашни натпревари Саутхемптон ги игра на стадионот Сент Мерис, кој има капацитет од 32.384 седечки места. Претходно, речиси од почетокот на своето постоење, клубот играл на стадионот Дел, којшто во 2001 година бил целосно срушен. Најголемо ривалство Саутхемптон има со екипата на Портсмут поради близината на градовите. Натпреварите помеѓу овие два клуба се нарекуваат Дерби на Јужниот брег. Најчесто настапуваат во пругасти црвено-бели дресови и во црни шорцеви.

Историја

Основање и натпреварување во Јужната лига (1885-1920)

Саутхемптон бил основан во Црквата „Сент Мерис“, на 21 ноември 1885 година, од членовите на цркавата во англиската машка младинска асицијација.

ФК Сент Мерис, како што вообичаено биле нарекувани во локалниот печат, ги играле повеќето од своите први натпревари на Саутхемптон Комон каде натпреварите честопати биле прекинувани од пешаци кои го користеле своето право на шетање. Поважните натпревари, како што биле куп натпреварите, се играле на Каунти крикет граунд во Нортлендс Роуд или на Антелоп граунд во Сент Мерис Роуд.

Првично познат како ФК Сент Мерис, клубот го променил своето име во Саутхемптон Сент Мерис кога официјално се приклучил на Јужната лига во 1894 година.

За почетокот на нивната лигашка историја, „Светците“ обезбедиле неколку нови играчи со професионални договори, меѓу кои биле Чарлс Бејкер, Алф Литлхејлс и Лачи Томсон од Стоук и Фред Холандс од Милвол. По освојувањето на титулата во Јужната лига во сезоната 1896–1897, клубот станал друштво со ограничена одговорност и бил преименуван во ФК Саутхемптон.

Во следните години, Саутхемптон доминирал во Јужната лига освојувајќи ја три години по ред во период помеѓу 1897 и 1899 година и повторно во 1901, 1903 и 1904 година. Во тоа време (1898 година), тие се преселиле на новоизградениот стадион од 10.000 фунти наречен Дел, кој се наоѓал северозападно од центарот на градот. Иако тие ги минале следните 103 години таму, иднината била далеку од сигурна во тие рани денови и клубот морал прво да ги изнајми просториите пред да може да си дозволи да го купи стадионот на почетокот на 20 век. Клубот стигнал до првото од нивните четири финалиња во ФА Купот во 1900 година, каде биле поразени со 4-0 од Бери. Две години подоцна, клубот ја преживеал истата судбина откако повторно загубиле во финалето во 1902 година, овојпат од Шефилд Јунајтед со 2-1 по преигрување. Стигнувањето до тие финалиња му донеле на Саутхемптон популарност, дури и на меѓународно ниво: во 1909 година, претставник на Атлетик Билбао кој играл за придружниот тим Атлетико Мадрид купил 50 дресови на светците за време на патувањето во Англија, кои после биле поделени помеѓу двата тима. Така, токму Саутхемптон станал причината поради која боите на овие два славни шпански клуба станале црвено-бели, какви што се и денес.

Приклучување во Фудбалската лига (1920-1940) По Првата светска војна, кога тимот повеќепати се распаѓал поради повиците на играчите од војската, Саутхемптон се придружил во новоформираната Трета дивизија на фудбалската лига во 1920 година, која една година подоцна пак била поделена на два дела, Јужна и Северна лига. Сезоната 1921-1922 завршила со триумф со светците во Јужната лига, кој им донел промоција и го означил почетокот на 31-годишниот престој во Втората дивизија.

Сезоната 1922-1923 била уникатна „Еднаква сезона“ - 14 победи, 14 нерешени, 14 порази за 42 бода, или по просек еден бод по натпревар. Головите за и против исто така биле изедначени, a тимот ја завршил сезоната во средината на табелата.

Во 1925 и 1927, Саутхемптон стигал до полуфиналето во ФА Купот, каде регистрирале нови два порази со 2-0 од Шефилд Јунајтед и 2-1 од Арсенал.

Накратко, за време на Втората светска војна, Саутхемптон бил принуден своите домашни натпревари да ги игра на Фратон Парк, теренот на нивниот локален ривал Портсмут, откако бомба паднала на стадионот Дел во ноември 1940 година, оставајќи 5 метарска дупка која предизвикала поплава.

Поствоени години (1940-1966) Промоцијата била промашена во сезоната 1947–48 кога тимот завршил на третата позиција, истото се повторило и следната сезона (иако имале осум бода предност со уште осум неодиграни натпревари) додека во сезоната 1949–50 им била одбиена промоцијата за гол разлика од 0,06 голови, препуштајќи им го второто место на Шефилд Јунајтед. Во сезоните 1948–49 и 1949–50, Чарли Вејман постигнал вкупно 56 голови. Подоцна релегацијата во сезоната 1952-53 ги вратила Светците во третата лига (Југ).

Тимот играл во третата лига сè до 1960 година кога Дерек Ривс постигнал 39 од 106-те шампионски голови. На 27 април 1963 година пред 68 илјадна публика на стадионот Вила Парк Саутхемптон изгубил со резултат 1-0 од Манчестер Јунајтед во полуфиналето од ФА Купот.

Промоција во Првата дивизија и победата во купот (1966-1977) Фудбалскиот сон за Дивизијата 1 бил за првпат исполнет во 1966 кога на чело со Тим Бејтс тимот завршил како второпласиран. Најмногу постигнати голови во таа сезона имал Мартин Чиверс. Тој постигнал 30 од вкупно 85-те клупски лигашки голови. Оваа промоција за Саутхемптон претставува голем и важен дел од клупската историја.

Следната сезона по неговото пристигање, Рон Дејвис постигнал 43 голови во неговата прва сезона како нов играч. Клубот таа сезона постигнал 74, а примил 92 голови. Саутхемптон се натпреварувал во елитата осум години, со највисок пласман од седмо место (во сезоната 1968-69 и повторно во 1970-71).

Во декември 1973 година, по долго поминато време во клубот Тед Бејтс бил заменет со Лаури Мекменеми. Кој не успеал да го спречи Саутхемптон да биде жртва на новиот систем во кој 3 екипи отпаѓаат од лигата во 1974 (заедно со Манчестер Јунајтед и Норич Сити).

Под тренерската капа на Лаури Мекменеми, Саутхемптон се обновил во втората дивизија, потпишувајќи ги Питер Озгуд, Џим Мекелиог, Џим Стил и Питер Родригес (капитен). Според многумина најдобриот момент во историјата на клубот (се до денес) се случил во 1976 година, кога во финалето на ФА Купот одиграно на стариот стадион Вембли, Саутхемптон го победил Манчестер Јунајтед со резултат 1:0. Единствениот гол на натпреварот го постигнал Боби Стоукс. Саутхемптон со освојувањето на ФА Купот во 1976 година ја прекинале серијата од порази во финалињата на ФА Купот (1900 и 1902 година).

Следната сезона, тимот се натпреварувал повторно во Европа во Купот на Победници, каде што стигнале до третата фаза каде што изгубиле од Андерлехт со резултат 2:3.

Враќање во Првата дивизија (1977-1992) Во сезоната 1977–78, под капитенската трака на Алан Бал, Саутхемптон завршиле на второто место во Втората дивизија (зад Болтон Вондерерс) и повторно се вратиле во елитата. Следната сезона повторно играле на Вембли во Купот на Лигата каде што по иако добро одиграниот натпревар тие изгубиле од Нотингем Форест со резултат 3-2.

Во 1980, Мекменеми направил мошне добар потег, доведувајќи го „Европскиот фудбалер на годината“, Кевин Киган. Иако кариерата на Киган во Саутхемптон траела само две години, во тој период Саутхемптон имал доста силен тим сочинувајќи го Алан Бел, којшто бил добар стрелец, Тед Мекдагал, (кој сè уште го држи рекордот за најмногу постигнати голови во еден натпревар во ФА Купот, 9 за Борнмут против Маргејт, натпревар кој завршил со резултат 11-0 и победа на Борнмут). Напаѓачкиот колега на Мекдагал во Борнмут и Норвич, Фил Боер, Мик Шенон и Чарли Џорџ во сезоната 1980–81 заедно постигнале 76 голови, искачувајќи го тимот на дотогаш највисокото шесто место на табелата. Следната сезона, Кевин Киган помогнал во тоа клубот да заврши на врвот на Првата дивизија барем на некое време. Саутхемптон бил на врвот на лигата повеќе од 2 месеци, заземајќи го првото место на 30 јануари 1982 и останувајќи таму сè до 3 април 1982 година. Но на разочарувачкиот крај на сезоната, во кој Киган имал повреда на грбот, Саутхемптон победил на само 2 натпревари од последните 9, со тоа завршувајќи на седмото место. Киган постигнал 26 од вкупните 72 гола на Саутхемптон таа сезона.

Прогресот на Саутхемптон бил во нагорна линија под раководството на Мекменеми, а тимот сочинуван од Питер Шилтон, Ник Холмс, Дејвид Армстронг, најдобриот стрелец Стив Моран и Дани Валас го достигнал највисокиот пласман во историјата на клубот, второ место, во сезоната 1983–84 (само 3 бода зад шампионот Ливерпул), како и достигнувајќи го полуфиналето во ФА Купот каде што биле поразени од страна на Евертон со резултат 1-0 на стадионот Хајбури.

Лаури Мекменеми го напуштил клубот на крајот од сезоната 1984-85 и бил заменет од страна на Крис Никол, кој бил отпуштен по шест години неуспевајќи да го задржи клубот со елитен статус. Никол бил заменет од Ијан Бренфут, кој сè до крајот на сезоната 1990-91 бил асистент менаџер на Стив Копел во Кристал Палас. Во овој период најважен играч во почетните единаесет на Саутхемптон бил родениот во Герзни, Матју Ле Тисије, којшто играл на позицијата офанзивен играч од средниот ред/напаѓач, и бил еден од најомилените играчи во поновата историја на светците. Ле Тисије бил избран за Најдобар млад играч на годината во 1990. Настапувал и за англиската репрезентацијата во осум натпревари. Се пензионирал во 2002 на 33 годишна возраст.

Саутхемптон во Премиер лигата (1992-2005) Саутхемптон биле основачки членови на англиската Премиер лигата во сезоната 1992-93, каде што пред основањето на оваа лига се натпреварувале во елитата уште од 1978 година.

Ијан Бренфут бил отпуштен во јануари 1994 поради слабите резултати на Саутхемптон и можноста за испаѓање. Бил заменет со тренерот на Екситер Сити, Алан Бол. Бол успеал да го задржи тимот во Премиер лигата во сезоната 1994-95 завршувајќи на солидното 10-то место, каде што најдобар учинок имал Матју Ли Тисје. Но во време кога се почести биле гласините дека Бол немал доволно поддршка од одборот на директори на клубот, Манчестер Сити ја искористил ситуацијата и потпишал договор со Бол. Како нов тренер на Саутхемптон бил назначен Дејвид Мерингтон во сезоната 1995-96. Саутхемптон завршил на 17-то место со 38 освоени бодови, избегнувајќи испаѓање во втората лига поради подобрата гол-разлика. Двете издвоени победи за време на последните недели од сезоната во Премиер лигата играле голема улога во тоа што Саутхемптон, а не Манчестер Сити го зачувале премиерлигашкиот статус. Првата важна победа била издвоена со резултат 3-1 над Манчестер Јунајтед, за потоа да го победат тимот на Болтон Вондерерс со резултат 1-0 на гости. Мерингтон бил отпуштен неколку дена по завршувањето на сезоната и бил заменет со поранешниот тренер на Ливерпул и Ренџерс, Греам Сунес.