Висок Рид — археолошко наоѓалиште во битолското историско село Букри. Претставува населба од бакарно, бронзено и раноантичко време. Се наоѓа на околу 600 м од јужната страна на селото, на десниот брег на Црна Река, каде има тумба со пречник во основата од 70 м и височина од 3 м. Поголем дел од источната половина на тумбата е оштетен со ерозија од реката. Во 1980 година е извршено сондажно ископување при што во културниот слој се утврдени две фази на живеење, како и неколку нивни интерни потфази, проследени со многубројни фрагменти од керамички садови и орудија од камен, кремен и коска. Постарата е енеолитска, а помладата од бронзеното време. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Битола.Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
Во најновите истражувања откриени се културни слоеви од раната антика и се смета дека тука се наоѓа древниот македонски град Линк, кој бил родното место на Евридика, мајката на големиот војсководец Филип II Македонски, а односно баба на Александар Македонски. Овој град постоел од 6 до 2 век пред нашата ера. Во 1954 година археологот Олга Дурацу од Битола ископала грнчарија од црно и црвено фигурално сликарство од 5 и 6 век пред нашата ера. Тука е пронајдена и ваза бел лекит, која му припаѓала на народот од Атина. Овие наоди денес се чуваат во битолскиот Завод и музеј. Според бугарскиот археолог Васил Лахтов, за време на Првата светска војна, поточно во 1917 година, криејќи се по рововите, војници пронашле археолошки надои кои потоа биле однесени надвор од земјава, а до денес не се знае точно каде.
Поврзано Прогон — некропола од железно време; Букришки Вис — некропола од железно време; Букри; Список на археолошки наоѓалишта во Битолско;
Наводи
Надворешни врски ВО ПОТРАГА ПО ДРЕВНИОТ МАКЕДОНСКИ ГРАД ЛИНК -БАБАТА НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ПОЧИВА ВО ЏУНГЛА ОД ТРЕВИ - Дневник (24.07.2012)
Категорија:Букри