мини|268п|Стоковна куќа и дел од Плоштадот на солидарноста мини|268п|Палатата на кралот Никола мини|268п|Спортска сала Тополица мини|268п|Дел од градските ѕидини на стариот град мини|268п|Барски аквадукт
Бар (, , , , , ) — крајбрежен град на Јадранското Море во Црна Гора со население од 40.000 жители (според пописот во 2011 година). Градот претставува административно седиште на истоимената општина и главно пристаниште во Црна Гора.
Име
Бар се наоѓа спроти Бари во Јадранот,па оттаму и името "Антивари". Името Бар, пак, е скратената верзија.Adrian Room, Placenames of the World: Origins and Meanings of the Names for 6,600 Countries, Cities, Territories, Natural Features and Historic Sites, 2d edition, 2005. ISBN 0786422483
Генерални информации
Тука се наоѓаат најстарите пишани документи и најзначајните дела од средновековната црногорска литература и историја. Градов бил седиштето на најстарата верска установа во Црна Гора, Барската архиепископија. Се смета дека Старата маслинка во Мировица е стара над 2 000 години, што ја вбројува меѓу најстарите маслинови дрва во Европа.
Бар привлекува голем број туристи. Со во просек 270 сончеви денови годишно, Бар е еден од најсончевите градови на Средоземјето.
Стари Бар
Урнатините на Стари Бар се еден од најголемите затврдени археолошки наоѓалишта во светот. Над Стари Бар се издигнува планината Румија. Градот не бил населуван континуирано, па затоа опстојуваат многу стари градби. Барскиот акведукт бил изграден во периодот помеѓу XVI и XVII век.
Заштитник на Бар Св. Ѓорѓи бил средновековен заштитник на Бар. Во XII век била изградена голема катедрала која му била посветена нему.
Културни и историски споменици
Барскиот триконхос е еден од најстарите споменици во оваа област и најстариот христијански верски објект во Црна Гора. Тој датира од VI век, а неговите останки се наоѓаат во центарот на градот. Токму тука, во втората половина на XII век, бил напишан „Ljetopis popa Dukljanina“ („Летописот на дукљанскиот поп“), коe е најзначајното средновековно литературно и историско дело од овој регион. На само неколку колометри од центарот на градот, на полуостровот Ратац, кој се наоѓа помеѓу Бар и Сутоморе, има остатоци од манастирскиот комплекс „Ратачка Богородица“ (Bogorodica Ratačka) кој бил дел од Бенедиктскиот ред, а за кој се верува дека бил изграден во IX век. Близу малиот поморски град Сутоморе се наоѓа делумно зачуваната тврдина Нехај, што и Венецијаните и Отоманците ја користеле. Како затврден венецијански град, Нехај за првпат бил документиран во XVI век под името Fortezza dei Spizi. Во општина Бар има и убави цркви и манастири издигнати за време на Балшиќката фамилија (XIV-XV век) на островите во Скадарско Езеро, како на пример: Бешка, Морачник, Старчево, и др.
Бар е еден од малкуте градови кој може да се гордее со неколку цркви што претставуваат редок верски и социјален феномен. Имено, овие цркви се користеле за двете христијански вероисповеди што опстојуваат во регионов - православната и католочката веросиповед.
Од сите културни и историски споменици во Бар, најмногу внимание привлекува Палатата на крал Никола, која потекнува од XIX век. Таа била изградена во 1885 година на самиот морски брег и била подарок од кралот Никола за својата ќерка принцезата Зорка и за неговиот зет принцот Петар Караѓорѓевиќ. Палатата била составена од голема палата, од мала палата, од капела, од стражарница и од зимска градина. Во 1910 година ѝ била доградена пространа сала за балови. Во состав на палатата има и парк со многу различни видови средоземна вегетација, меѓу кои и плутов даб. Пред палатата имало дрвен столб кој служел како котва за закотвување бродови и јахти. Во периодот помеѓу 1866 - 1916 година кралот Никола поседувал десет јахти. Една од нив, „Сибила“, тој ја купил од романописецот Жил Верн, додека пак последната јахта што ја купил, наречена „Румија“, во 1915 година австроунгарската морнарица ја потонала во областа на денешното пристаниште. Тука се наоѓа и голема цветна градина направена од не’рѓосувачка челична структура со интересен облик која била подарок од италијанскиот крал Емануеле, а која е претворена во ресторан наречен „Knjaževa bašta“ („Кнезова бавча“). Денес, освен што во комплексот згради на палатата се наоѓа „Zavičajni muzej grada Bara“ („Музеј на татковината на градот Бар“), тој се користи и за фестивали (концерти, изложби и литературни настани).
Старата маслинка во Мировица е природен заштитен знак на Бар. Се верува дека е постара од 2 000 години и со тоа претставува едно од најстарите маслинови дрва во светот. Во 1957 година е ставена под државна заштита. Со Старата маслинка во Мировица се поврзуваат голем број легенди и традиции. Во една од нив се вели дека едно време, оние фамилии кои имале расправија, доаѓале во местово за да се помират под ова маслиново дрво. Оттука и местото го добило своето име Мировица.
Легенди
Легендата за Владимир и Косара Братството Андровиќ го чува крстот на Владимир и смета дека тој е нивната најзначајна реликвија. Секоја година, на денот на Светото Тројство, крстот се носи на врвот на планината Румија, на местото на кое, според традицијата, се наоѓала црквата. Се верува дека луѓето што учествуваат во поворката би требало со себе да земат по еден камен бидејќи според приказната, откако ќе се соберат доволно камени, црквата сама ќе си се изгради повторно. Луѓето што учествуваат во поворката се верници од сите три вероисповеди. По уривањето на црквата „Св. Марија“ во Краина, братството Андровиќ го нашло крстот и со векови го чува. Крстот, висок 45 cm, широк 38 cm и дебел 2,5 cm, бил направен од дрво и позлатен со златен лист однадвор. Само најстарите двајца членови од семејството знаат каде се чува крстот. Приказната за крстот е поврзана со војводата од Дукља, Владимир (980г. - 1016г.), чиј имот бил во Краина (Острос). Во војната со македонскиот цар во 997 година, војводата Владимир бил заробен и однесен во занданата во Преспа. Самоиловата ќерка, Теодора-Косара се вљубила во убавиот војвода од Дукља. За неа тој бил „посладок од мед и од саќе“, па му рекла на татко си дека ако не се омажи за Владимир ќе се удави во езерото. Набрзо тие се венчале и живееле во дворец недалеку од манастирот „Пречиста Краинска“ на Скадарското Езеро. По смртта на цар Самоил, Владислав го наследил престолот и набрзо го поканил војводата Владимир да го посети во Преспа. Како знак дека нема да го повредат, тој му испратил златен крст. Знаејќи колку е вешт Владислав, војводата Владимир го замолил да му прати дрвен крст, зашто „Спасителот бил распнат на таков крст“. Владислав испратил тројца калуѓери со дрвен крст, но штом Владимир пристигнал во Преспа, тој бил убиен пред вратата на црквата. Во моментот на неговото убиство, во рацете држел дрвен крст кој со него бил закопан во Преспа. Косара, сопругата на Владимир, го однела неговото мртво тело во манастирот „Пречиста Краинска“. Таа се замонашила, а по нејзина желба ја закопале до војводата. Војводата Владимир бил прогласен за светец.
Легендата за самовилите, за самовилските парички и за Самовилската Пештера Легендата за самовилите, за самовилските парички и за Самовилската Пештера е поврзана со наоѓалиштето Асприца кој се наоѓа во падините на Суторман - планината што се издигнува над градот Бар и која изобилува со камен, со вода и со дрвја. Самовилите живееле околу планините, но нивното вистинско живеалиште била една непристапна пештера што се наоѓала во карпата под еден од врвовите на Суторман, Лонац (1 004 m), и која пештера по самовилите била наречена Самовилска Пештера. Според фолклорот, досега само Иво Драгишиќ од Лимљани успеал да влезе во пештерата (во XIX век). Според приказната што им ја раскажал на своите потомци, откако со јажиња, прицврстени за стеблата на дрвјата, се спуштил во пештерата, во првиот дел од неа видел округла маса за јадење изделкана од камен, камени послужавници и прибор за јадење. Во вториот дел од пештерата не можел да влезе, ниту пак тоа му било дозволено, затоа што самовилите го предупредиле дека доколку го направи тоа, целото село ќе биде проколнато. Според легендата и според народните приказни што се раскажувале од генерација до генерација, убави и вредни самовили со задоволство им помагале на сакатите, на осамените и на сите несреќни луѓе така што преку ноќ им ја завршувале работата што тие не успеале да ја завршат или не знаеле како. Самовилите ги советувале луѓето, ги прекорувале и ги тешеле, ги варделе многубројните извори и бунари на Суторман, им се одмаздувале и ги предупредувале оние што биле нечесни и неискрени. Биле пријатели со овчарите и често им помагале. Се вели дека еднаш, млади селани виделе една самовила кога се враќала од кај еден човек што живеел сам и кому му помагала во готвењето. Токму од оваа причина самовилите, кои според традицијата дење не смеат да бидат видени од луѓето и меѓу луѓето, одлучиле да заминат од оваа област и од нивната пештера. Самовилата која била видена рекла: „ Се колнам во 365-те извори на Суторман дека тука повеќе нема место за нас!“ Сепак, тие не сакале луѓето што живееле во оваа област да ги паметат по зло, туку само по добро. Напуштајќи ја планината, наоколу фрлале самовилски парички, подарувајќи му среќа во животот секому што ќе помине по тој пат и ќе најде барем една самовилска паричка. Не е лесно да се забележат и да се најдат самовилски парички, ниту пак е лесно да се најде среќа во животот. Покрај необичното и незаборавно искуство, покрај предизвикот да се пронајде самовилска паричка и да се доживее исклучително патување до историјата на легендата, областа каде што се наоѓаат самовилските парички и Самовилската Пештера е многу привлечна и богата со бројни рекички, со лековити извори и со чист воздух збогатен со зачуваните дабови и букови шуми на планината Суторман.
Историја
Археолошките ископини од стариот Неолит потврдуваат дека Бар бил населен дури и во предисторијата. Насекаде во општина Бар можат да се најдат материјални остатоци од илириските времиња. Се претпоставува дека во VI век Бар бил спомнат како реконструираниот римски замок Антипаргал, а името Антибариум за првпат било наведено во X век.
Најверојатно градов за првпат паднал во рацете на владетелите на Доклеа веќе во IX век, иако тоа сè уште не е точно утврдено бидејќи словенското влијание тука преовладувало долго време пред тоа да се случи. Се чини дека многу владетели на Доклеа престојувале во Бар, како на пример: Михајло, првиот крал на Доклеа чија кралска титула била потврдена во Бар, и Бодин, кој ја основал Барската архиепископија. По падот на Доклеа, седиштето на архиепископијата било преместено во Бар. Во тој период Доклеа водела жестоки битки против своите соседи, Византиското Царство и Самоиловото „Македонско Царство со седиште првин во Преспа ,а потоа во Охрид“, а седиштето на најпознатиот владетел на Доклеа, принц Владимир, се наоѓало во Краина, близу Бар. За да ја ослободи Доклеа од византискиот притисок, синот на Воислав, принцот Михајло, во 1077 година од Рим ја побарал и ја добил кралската круна, па според историчарите, тој датум го означува официјалниот почеток на одделувањето на Доклеа од Византија. Потоа, по молба на синот на Михајло, Бодин, во 1089 година, папата ја основал Барската архиепископија.
Византиското Царство повторно владеела во Бар во периодот од 1166 година до 1183 година кога Стефан Немања направил продор кој ги урнал градовите на Јадранскиот брег, вклучувајќи го и „славниот град Бар“, и ја припоил Зета кон својата држава – Рашка.