Развиток на модерното сликарство во Македонија Особеностите на драматичната историја на македонскиот народ ги условија одликите на развитокот на сета негова национална култура. По блескавиот расцут на средновековната македонска ликовна уметност, настапи петвековното ропство под Отоманското Царство. Во тој мошне тежок историски период дојде до значително опаѓање на црковното ликовно творештво во Македонија. Тоа тогаш можеше да се развива само во стеснатите рамки на провинцијализираните форми на поствизантиската религиозна уметност. Меѓутоа, за разлика од некои други подрачја, во Македонија не постои последователен стилски развиток од ренесансата до импресионизмот и потоа. Така и некои варијанти на стилски ликовно неразвиен, провинцијализиран барок, и тоа прифатени посредно, преку Света Гора, се чувствуваат во македонската уметност дури во XIX век.

Зачетоци на профаното сликарство На почетокот на 80-тите години од 19 век, на повидок се значајни промени во религиозното сликарство – во сфаќањето на формата и ликовниот израз. Паралелно со одгледувањето на зографското сликарство во духот и стилот на традиционализмот, што одговара на вкусот на црковната и конзервативната средина, на интересот на самоуките зографи, почнува да се одгледува и еден нов процес кон преминување во нови форми, во прифаќање естетика на разубавување на облиците и профани детали. Ќе се случи, со појавата на Димитар Андонов Папрадишки и Ѓорѓи Зографски, наспоредно со одржувањето на традиционалните врски со светот на источноправославната уметност, да дојде до нови движења во црковното сликарство, до создавањето на една нова варијанта што би одговарала на разбирањата на младата интелигенција и ситната буржоазија, на граѓанската класа.

Димитар Андонов и Ѓорѓи Зографски, со остварените допири со значително поразвиените културни и уметнички средини во светот и на Балканот, се јавуваат во улога на решавачки фактори, што се залагаат за нови ликовно-естетски вредности во црковното сликарство. Иако осамени и без свои наследници, тие се ориентираат, во контекстот на општите движења во уметноста за послободно сфаќање на формата и бојата со крајно занемарување на традиционализмот, карактеристичен со неговите тврди и шематизирани облици. Ним, во првата деценија од XX в., со својата ликовна ориентација и гледишта за уметноста, ќе им се придружи Коста Вангелов. Со трасирањето нови патишта во црковното сликарство, со менување на сфаќањето за формата, доаѓа до нивните лични определби за сликање облици со профани елементи, проникнати со реалистички израз.

Зачетоци на профаното сликарство: галерија

Развиток во предвоениот период

Сепак , развитокот на македонското ликовното творештво во предвоениот период не може да се разгледува како едновременото творештво во другите ликовни средини. Така , тешко е групирањето на македонските сликари во поголеми стилски групи. Причината е нивниот мошне мал број и нивните изделени творечки насоки , иако тука постојат едновремено и доста тематско - стилски блискости. Уште во предвоеното македонско сликарство се јавија одделни стилски настојувања на македонските уметници што значеа обид за поврзување со националната средина, разбрана како земја, народ, култура и уметничка традиција. По ослободувањето се отворени многу институции од големо значење за македонската ликовна уметност. Во тој период, најчесто обработувана тематика во сликарството беше поврзана со Народноослободителната борба и Револуцијата.

Развиток во предвоениот период: галерија

Период на војната и НОБ Во текот на 1944 година, македонските уметници се вклучиле во работата на агитпроп на Главниот штаб на народноослободителната војска на Македонија. Обликуваните пропагандни материјали (печати, дрворези, плакати, декорации и костими за драмски приредби, илустрации за партизанскиот печат и слично), и покрај својот скромен обем и уметнички вредности, претставуваат автентично сведоштво и важен дел од уметноста на отпорот против фашизмот.

Период на војната и НОБ: галерија

По втората светска војна

Долго траеше нашето чувство на изделеност од европските уметнички текови на минатиот век: се темелеше на фактот дека во новите историски околности на изградбата на социјализмот (по 1945) во поранешна Југославија и Македонија, уметноста прво потпадна под диктатот на крајно прагматична политичка акција. Со неа уметноста се претвори во активен дејствен инструмент на сите државни политички, социјални и духовни проекти на владеечката политичка сила во тоа време: КПЈ. Нејзината прва повоена акциона програма неотповикливо и наложи на уметноста кај нас да учествува во прокламираните партиски цели: изградба на општеството на дезалиенирани човечки личности што ќе владеат со сите свои духовни моќи; кои (според Маркс) ќе бидат меѓу другото и производители на естетското. Стремежот кон таа идеална (хуманистичка, утопистичка?) иднина, се остваруваше во стварноста на дневната политичка практика така што сите творечки појави беа потчинети на догмата на социјалистичкиот реализам. Неговиот естетски редукционизам; исклучиво признавање како уметност соодветно на природата на социјалистичко - комунистичкиот проект само онаа што ги наследила врвните вредности на реалистичката уметност низ векови; таа што ќе биде меѓународна по содржина, а национална по форма, требаше уметноста да ја претвори во силен инструмент на политичката пропаганда. Да обработува теми што непосредно ќе дејствуваат на свеста на масите за да ги следат и остваруваат дневните, етапни задачи на "обновата и изградбата на земјата"; Југославија и Македонија како една од нејзините федерални единици, беше несомнено меѓу оние европски земји што претрпеа најужасни физички разурнувања и кои имаа најголеми човечки жртви во Втората светска војна.

Нивните димензии беа резултат најмногу на безмилосните репресалии на фашистичкиот окупатор (германскиот, бугарскиот, унгарскиот, италјанскиот) предизвикан со силниот и многувиден отпор против него: раководен пред сè од Комунистичката Партија, тој беше полн со воени и други епизоди на висок морал, храброст, патриотизам. Но се одвиваше во исто време и своевидна социјалистичка револуција, како жестока и бескомпромисна пресметка и со соработниците на окупаторот и со "класниот непријател"; пред сè со предвоената буржоазија и со капиталистичките економски и социјални структури.

Епските моменти; херојските или така величани епизоди и личности од четиригодишната народноолободителна војна; дејностите и напорите за обнова на земјата и нејзиното целосно изградување (стопанско, политичко, социјално, образовно), беа основните и наложителни теми за ликовната и другите уметности. За Македонците сите овие историски пресврти имаа и една специфична вредност: барем во еден дел на македонската етничка територија (Вардарска Македонија) беше остварена и полна национална слобода; слободна употреба и развој на македонскиот јазик и на сите други творечки дејности. Оттука, македонските уметници ги чувствуваа оние настани и како свој патриотски и творечки поттик. Но во тие први повоени години секако не настана ниту едно дело што мотивскиот ангажман го здружи и со ангажман за вистинска нова и модерна ликовна обработка.

Затоа особено до 1948 година уметничкото творештво беше и кај нас под силно влијание на советската уметност. Потоа дојде до јавно интернационализирано исклучување на Комунистичката партија на Југославија на чело со Јосип Броз Тито, а поради "предавството" на социјалистичките цели и "ревизионизам" од сите видови, од заедницата на "братските" комунистички партии (1948). Ова презеде и разновидни форми на репресалии против Југославија, целосно вклопени во општата ситуација на Студената војна. Така и западниот демократски свет постепено и со претпазливост ги надминуваше своите резерви спрема земјата - отпадник од блокот на "реалниот социјализам". Напоредно со тоа во југословенско-македонската стварност започна динамичен процес на преобразба на ситуацијата о која се развиваше по 1950/1952 година ликовната уметност. Постепената прагматична либеризација на сите сфери на животот, овозможи во Македонија непрекинато да се развива слободата на формално - стилското искажување, без оглед на мотивот. Таа творечка атмосфера ја искажаа низа цртежи и слики на Никола Мартиновски, дионизиски бликот на уметниковите модерни ликовни искази за сите лични пориви и колективни тревоги. Така и наметнатите теми: дури и во монументалната уметност во шестата деценија станаа голем предизвик и во нив да се искаже слободно одбраниот модерен израз. И до денес трае тогаш започнатиот процес на постојано превреднување на историските настани: глорификацијата често е заменета со сурова ревизија на нивните резултати, драмата на поединецот во вителот на историјата, субјективните патила и емоции станаа предизвик на уметничкото толкување; митот и легендата, проткајување на реалното и фантастичното, модел за ликовното на нов начин да живее со минатото и сегашноста. Тао го открива крајно редуцираниот, евокативен недреалистички или симболичен состав на сликите на Спасе Куновски ("Логор 1960"), на Петар Мазев ("Погреб" и "Војна"), на Богољуб Ивковиќ ("Нашата револуција" 1961)... Додека Кирил Ефремов негува надреално-фантастичен свет во кој се мешаат елементи на новата фигурација и симболичното изразување („Интегрална слика“).

Така таа наша специфичност денес се покажува сосема поинаква секаде во Европа; значи и надвор од земјите на "источниот блок" каде имаше силни комунистички партии *во Франција, Англија, Италија) тие долго беа "построени" под целосна команда и послушност на Советската комунистичка партија. Тоа важеше и за сите прашања врзани за уметноста. Оттука, сета нивна идеолошко - партиска апаратура; од филозофско - естетската мисла и уметничката критика до весниците и специјализираните списанија за литература и уметност, бескомпромисно ги следеа и постулатите на социјалистичкиот реализам. Тие им беа зададени и на сите уметници членови на дадена партија, од најзначајните творци до аматерите и дилетантите. Нивите околности на повоениот период овозможија, во рамките на една млада национална култура, да се создадат услови за динамичен развиток на македонската ликовна уметност. Припадниците на повоената генерација од Македонија се школуваа во Белград, Загреб и Љубљана. Тоа во македонскиот ликовен живот внесе една посебна разновидност, вкрстување и развиток на различни влијанија, правци, стилски ориентации. Како и предвоената, дел од првата повоена генерација која ги заврши своите студии околу 1950 година беше опфатена со системот на идејно - естетски принципи кои воопшто го карактеризираа првиот повоен период во Југословенската уметност. Генерацијата од повоениот период ги прифати и подоцнежните настојувања: почитување на творечката слобода, стремежот, внатрешната револуционерна суштина на едно време, неговите духовни и историски хоризонти да се вообличат со современи ликовни средства.

Оваа тенденција е многу посилно изразена кај уметниците кои влегоа во ликовниот живот во Македонија во времето од 1952 до 1954 год. во моментот кога и во ова подрачје е создаден амбиент што можел да прифати некои нови естетски разбирања и настојувања.