Сајмон Смит Кузнец (; ; ; — ) — белоруско-американски економист, статистичар, демограф и економски историчар. ја добил Нобеловата награда за економија во 1971 година „за неговите емпириски засновани интерпретации на економскиот раст кои довеле до нов и продлабочен поглед во економската и општествената структура и процесот на развој“.

Кузнец го дал одлучувачкиот придонес за преминот на економијата во емпириска наука и создавање на квантитативната економска историја.Abramovitz M. Simon Kuznets (1901–1985) // The Journal of Economic History, March 1986, v.46, no.1, p. 246.

Животопис

Бил роден во еврејско трговско семејство во Пинск, денес во Белорусија. Во 1909 година, семејството на Кузнец се преселило во Ровне каде посетувал реална гимназија. Во 1915 година, воените услови го присилиле семејството да се пресели во Харков и Кузнец го продолжил неговото образование во второто јавно училиште, завршувајќи основно и средно училиште во 1915–1917. По завршувањето се запишал на Харковскиот универзитет. Таму започнал да студира економија и бил изложен на Шумпетеровата теорија на иновација и на економскиот циклус. Во 1918 година, Кузнец се запишал на Харковскиот трговски институт каде студирал економија, статистика, историја и математика под водство на професорите Фомин (политичка економија), Анциферов (статистика), Левицки (економска историја и економска мисла), Бернстајн (теорија на веројатност), Давац (математика) и други. Основните академски предавања на Институтот му помогнале да стекне „извонредност“ спремност во економијата, како и во историјата, демографијата, статистиката и природните науки. Според наставниот план на Институтот, развојот на националните економии морал да биде анализиран во поширок контекст на промени во поврзаните сфери и со вклученост на соодветни методи и емпириски податоци.

На преминот од 1920 во 1921 година, нормалната работа на Институтот била нарушена со настаните во Граѓанската војна и промените преземени од советските власти во областа на високото образование. Не постојат точни информации дали Кузнец ги продолжил неговите студии на Институтот, но е познато дека се приклучил на Одделот за труд на Централниот совет на синдикатите. Таму го објавил својот прв научен труд, „Паричните надници и платите на работниците во Харков во 1920 г.“; ја истражувал динамиката на различните видови надници во индустриите во Харков и разликата во приходот, што зависело од системот на плати.Кузнец С. Денежная заработная плата рабочих и служащих фабрично-заводской промышленности г. Харькова в 1920 г. // Материалы по статистике труда на Украние. Под ред. Зав. отд. труда И. Н. Дубинской. – Вып. 2. – Июль 1921 г. – С. 53–64. (Репринтная публикация Бизнес Информ. – № 9 – 10. – 2002 г.) Во 1922 година, семејството на Кузнец емигрирало во САД.

Потоа, Кузнец студирал на универзитетот Колумбија под водство на Весли Клер Мичел. Дипломирал во 1923 година, магистрирал во 1924 година и докторирал во 1926 година. Како негов магистерски труд, го одбранил есејот „Економскиот систем на доктор Шумпетер, презентиран и анализиран“, напишан во Харков. Од 1925 до 1926 година, Кузнец ги изучувал економските ценовни шаблони како истражувач при Советот за истражување на општествените науки. Оваа работа довело до неговата книга „Секуларни движења во производството и цените“, одбранета како докторски труд и објавена во 1930 година.

Во 1927 година станал член на истражувачкиот кадар на Националното биро за економско истражување (NBER), каде работел до 1961 година. Од 1931 до 1936 година, Кузнец бил вонреден професор на Универзитетот Пенсилванија, а редовен професор станал во 1936 година и останал на универзитетот да предава до 1954 година. Во 1954 година, Кузнец се преселил на универзитетот Џон Хопкинс, каде бил професор по политичка економија до 1960 година. Од 1961 година до неговото пензионирање во 1970 година, Кузнец предавал на Харвард.

Освен тоа, Кузнец соработувал со бројни истражувачки организации и владини агенции. Во периодот 1931–1934, по налог на Мичел, Кузнец ја предводел работата во NBER за американскиот национален доход, давајќи ги првите официјални проценки за американскиот национален доход. Во 1936 година, Кузнец бил предводник во основањето на конференцијата за истражување на приходот и богатството, која ги собрала владините службеници и академските економисти, сплотени во развојот на американскиот национален доход и производ, а во 1947 година помогнал да се основал меѓународниот дел, Меѓународната асоцијација за истражување на приходот и богатството.

Во текот на Втората светска војна, во периодот 1942-1944, Кузнец бил директор на Бирото за планирање и статистика, оддел за воено производство. Зел учество во работата поврзана со проценката на капацитетот за воено производство и негово проширување. Истражувачите го користеле националниот доход заедно со суров облик на линеарното програмирање да го измерат потенцијалот за зголемено производство и изворите од кои тоа би дошло и да ги одредат материјалите кои ги сврзуваат ограничувањата при проширување.Simon S. Kuznets 1901–1985: A Biographical Memoir by Robert W. Fogel // Biographical Memoirs, vol. 79. – Published 2001 By The National Academy Press Washington, D.C., p. 213.

По војната работел како советник за владите на Кина, Јапонија, Индија, Кореја, Тајван и Израел при основањето на нивните национални системи за економски информации. Кузнец соработувал со развојниот центар на Универзитетот Јејл, Советот за истражување на општествените науки (SSRC).

Кузнец бил избран за претседател на Американската економска асоцијација (1954), претседател на Американската статистичка асоцијација (1949), почесен член на Асоцијацијата на економска историја, Кралското статистичко друштво на Англија и член на Економетриското друштво, Меѓународниот статистички институт, Американското филозофско друштво, Кралската шведска академија, член на Британската академија. Го добил медалот Франсис Вокер (1977).

Сајмон Кузнец умрел на 8 јули 1985 година на возраст од 84 години.

Во 2013 година, Харковскиот национален економски универзитет, каде студирал во периодот 1918-1921, бил именуван по него.

Работа и влијание на економијата

Неговото име е поврзувано со основањето на современата економија како емпириска дисциплина, развојот на статистичките методи на истражување и појавата на квантитативната економска историја. На Кузнец му се даваат заслуги за промовирањето на економетријата и ова се смета како забрзување на т.н. „кејнзијанска револуција“.

Погледите и научната методологија на Кузнец биле под влијание на методолошката поставеност добиена во Харков и целосно споделувана од Мичел за статистичка индуктивна изградба на хипотези во економијата и неговото емпириско тестирање. Кузнец имал длабок скептицизам за спекулативните замисли. Истовремено, Кузнец сакал да ја анализира економијата како поврзаност и во поширок контекст на историската ситуација, демографските, социјалните процеси што било својствено за професорите од Харков на почетокот на век. Кузнец бил под влијание на работата на водечки теоретичари како Јозеф Шумпетер (кој ја истражувал врската помеѓу технолошкиот развој и економскиот циклус), Артур Сесил Пигу (кој ги открил околностите под кои пазарите не успевале да ја максимизираат економската благосостојба) и Вилфредо Парето (кој предлагал закон за распределување на доходот помеѓу домаќинствата).Simon S. Kuznets 1901–1985: A Biographical Memoir by Robert W. Fogel // Biographical Memoirs, vol. 79. – Published 2001 By The National Academy Press Washington, D.C., p. 209. Кузнец бил одблизу запознаен со економијата на Русија и на Украина во почетокот на век. Во 1920-тите ги испитал и превел трудови, на малку познатите на Запад, Кондратиев, Слуцки, Первушин, Вајнстајн.

Историска серија на економската динамика и Кузнецовите циклуси

Прв поголем истражувачки проект во кој Кузнец бил вклучен бил студијата на долгата серија на економската динамика во САД спроведена во средината на 1920-тите години. Собраните податоци покривале период од 1865 до 1925 година, а за некои показатели се враќале до 1770 година. Применувајќи ја анализата на временските низи според Гомперц и логистичката крива, Кузнец нашол дека одликите на кривите со разумна точност ги опишуваат мнозинството економски процеси. Додавајќи криви на трендот на податоците и анализирајќи ги временските низи, споредувајќи ги теоретските и емпириските нивоа, му дозволило да идентификува среднорочни кругови на економска активност, кои траеле 15-25 години и имале посредна улога помеѓу „долгите бранови“ на Кондратиев и кратките економски циклуси. Сакајќи да ја одреди природата на овие кругови, Кузнец го анализирал движењето на населението, резултатите на градежништвото, капиталот, податоците за националниот доход и други променливи. Овие движења станале познати помеѓу економистите и економските историчари како „Кузнецови циклуси“, а понекогаш како „долги осцилации“ во стапката на растот на економијата (по трудот на Мозес Абрамовиц [1912-1999].M.Abramovitz, "The nature and significance of Kuznets cycles," Economic Development and Cultural Change, v.6, no. 3 (април 1961), pp. 225-248; "The passing of the Kuznets cycle," Economica, N.S., v. 35, no. 140 (ноември 1968), pp. 349-367.

Сметки на националниот доход

Во 1931 година, по налог на Мичел, Кузнец зел учество во работата на Националното биро за економско истражување за сметките на американскиот национален доход. Во 1934 година била дадена проценката на националниот доход на САД за периодот 1929–1932; понатаму, била проширена до 1919–1938, и потоа, до 1869 година. Иако Кузнец не бил првиот економист кој се обидел со ова, неговата работа била толку опсежна и педантна, со што поставила стандарди во полето.

Кузнец имал успех при решавање на бројни проблеми почнувајќи од недостигот на извори на информации и пристрасни проценки, до развој на теоретски концепт за национален доход. Кузнец достигнал висока прецизност во пресметките. Неговата работа ни дозволува да ја анализираме структурата на националниот доход и изнесува детална студија со бројки за специфични проблеми на националната економија. Подобрените методи за пресметка на националниот доход и поврзаните индикатори станале класични и создале основа на современиот систем на националните сметки. Анализирајќи ја распределбата на приходот помеѓу различните општествени групи, Кузнец изнел хипотеза дека во државите, кои се наоѓале во почеток на економскиот развој, првин се зголемувала нееднаквоста во доходот, но како што националната економија растела, нееднаквоста се намалувала. Оваа претпоставка ја создала основата на т.н. „Кузнецова крива“.

Кузнец му помогнал на американското министерство за трговија да го стандардизира мерењето на бруто општествениот производ. Меѓутоа, не ја одобрил неговата употреба како општ индикатор за благосостојба, пишувајќи дека „благосостојбата на земјата одвај и да може да биде измерена преку пресметка на националниот доход“.Simon Kuznets, 1934. "National Income, 1929–1932". 73rd US Congress, 2d session, Senate document no. 124, page 7.

Истражувајќи го создавањето на националниот доход, Кузнец ги изучувал соодносите помеѓу производството и приходот, потрошувачката и штедењето, итн. По анализирање на долгорочните податоци за економските услови на 20 земји, Кузнец ги открил долгорочните трендови во односите капитал/производство, делењето на нето-капиталот, нето-инвестициите. Собраните и систематизираните податоци му дозволиле да изведе емпириско тестирање на бројни постоечки хипотези. Особено, на претпоставките на кејнзијанската теорија.