Роман I Лакапин (, ~ 870 - 15 јуни 948) — византиски цар од 920 г. до 944 г. Тој бил Ерменец кој станал византиски поморски командант (друнгарија), кој подоцна му станал дедо (тест) на малотетниот цар Константин VII Порфирогенит, па станал негов совладетел, за потоа да си се постави за постар (прв) цар на Царството сè до неговото исфрлање од престолот од страна на неговите синови на 16 декември 944 г.
Социјален статус и активности пред да стане цар Потекло и воена функција Роман Лакапин бил син на обичниот стратиот - Теофилакт Абастакт, кој и сам ја започнал кариерата како војник на темата Арменијака. Тој бил на чело на византиската морнарица, односно бил друнгарија на царската флота. Во тоа време Бугарија на чело со царот Симеон ја нападнал Византија која била водена од регентството под водство на царицата Зоја, мајка на Константин VII Порфирогенит.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 319.
Роман Лакапин како регент на Константин VII Ако регентството на патријархот Никола Мистик паднало поради тоа што било премногу попустливо спрема Симеоновите барања (неговата ќерка да се омажи со Константин VII Порфирогенит), истовремено владата на царицата Зоја морала да падне затоа што нејзиниот непопустлив став бил во очигледна несогласност со нејзините сили и способности. Тешката положба во која западнало Царството барала јака и енергична влада. Единствен човек кој и бил дораснат на ситуацијата бил друнгаријата Роман Лакапин. Тој успеал да ги надитри сите свои аристократски соперници и да ја земе власта во свои раце. Со голема вештина Роман постепено ја отстранил царицата Зоја и нејзините помагачи и се зацврстил на власта. Младиот цар се оженил во мај 919 г., со Елена, ќерка на новиот регент. Како царев дедо, Роман Лакапин ја добил титулата василеопатор. Но наскоро тој се искачил уште повисоко: на 24 септември 920 г. неговиот зет го крунисал за цезар, а на 17 декември истата година за цар-совладетел. Така Роман го постигнал тоа што на Симеон не му пошло од рака: му станал дедо и совладетел на младиот легитимен цар, па според тоа и господар на Византиското царство.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 320-321.
Внатрешна политика Роман I и своите синови Роман Лакапин ја зацврстил и ја обезбедил својата власт над Византиското царство. Тој долго не се задоволил со позицијата на совладетел на својот млад зет. Наскоро односот меѓу нив и официјално се променил: Роман I станал врховен господар, а Константин VII ја зазел положбата на совладетел на својот дедо. За цареви совладетели биле крунисани и синовите на Роман Лакапин: Христофор на 20 мај 921 г., а Стефан и Константин на 25 декември 924 г. Притоа и Христофор добил повисок ранг од Константин Порфирогенит, заземајќи ја положбата на втор цар и престолонаследник на својот татко, додека претставникот на легитимната Македонска династија морал да се задоволи со декоративната улога на трет цар. Така Роман Лакапин покрај Македонската династија создал своја споствена династија и и обезбедил предимство. Тројца негови синови носеле царска титула, а на четвртиот, Теофилакт, му била преодредена духовна кариера: уште како дете тој му бил синкел на патријархот Никола Мистик, а наскоро и самиот станал патријарх. Владетелскиот систем на Роман Лакапин многу личел на системот што во свое време го создал Василиј I. Но, за разлика од Василиј I, Роман не го отстранил претставникот на легитимната династија по насилен пат, туку го врзал за своето семејство со роднински врски, а потоа постепено, речиси незабележливо го потиснал во позадина.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 327-328.
Зближување со високите кругови Вешт политичар и дипломат, Роман I бил олицетворение на мудра државничка умереност. Полн со енергија и цврста волја, тој ги спроведувал своите планови со ладнокрва истрајност, не навалувајќи но и никогаш не напуштајќи ги своите крајни цели. Покрај тоа имал и една од најважните владетелски доблести: способноста добро да ги избере своите соработници. Во личноста на протовестиаријата, подоцна паракимоменот Теофан, тој нашол вонреден министер, а во Јован Куркуас, кого во 923 г. го поставил за доместик на Схола, блескав војсководец. Кога дојденец со непознато потекло, Роман Лакапин не можел да биде по волјата на византиското благородништво. Меѓутоа, со омажувањето на своите помлади ќерки, свеските на царот Константин Порфирогенит, за претставници на старите аристократски семејства, тој стапил во роднински врски со најистакнатите семејства, како што биле Аргири и Мусели.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 328.
Односот со патријаршијата и папството Црквата му била верна: патријархот Никола Мистик бил негов верен соработник, поврзан си пријателство и со заеднички интереси. Приврзаниците на покојниот Евтимиј (умрел во 917 г.) повеќе не играле некоја значајна улога, а римската црква, која минувала низ една од најматните епохи на својата историја, му се потчинувала на моќниот цар без поговор. Уште пред Романовото официјално крунисување за цар на Цариградскиот собор во 920 г., во присутство на папски легати, било донесено решение во врска со браковите на Лав VI, со кои четвртиот брак се забранувал, а третиот се осудувал и се допуштал во извесни околности. Оваа одлука му пружила големо морално задоволување на патријархот Никола Мистик, а на Роман му донела двојна добивка, бидејќи му задала тежок удар на угледот на Македонската династија, а нему му ја припишала улогата на обединител на црквата. По долги, немили расправии, византиската црква изгледала обединета повторно, и Никола Мистик можел во „Томот на обединувањето“ да го извести христијанскиот свет за својот триумф. Меѓу духовната и световната власт во наредните години владеела слога и соработка која потсетувала на идеалната слика од „Епанагогата“ (дело на Василиј I). Државниот поглавар го поддржувал и патријарховиот морален авторитет, а патријархот во време на борбите против Симеон настапувал како најверен царев помагач и советодавец.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 328-329.
Меѓутоа, на црковните услови во Византија им недостигала стабилност, дотолку повеќе што положбата на црквата во значителна мерка зависела од личноста на нејзиниот раководител, а за изборот на патријархот фактички решавала царевата волја. По смртта на Никола Мистик (925 г.), односите меѓу државата и црквата во основа се измениле, и од неодамнешниот висок углед на византиската црква не останала ниту трага. По два кратки и безначајни понтификати, патријаршискиот престол долго време бил празен, а потоа царот за патријарх го довел својот шестнаесетгодишен син Теофилакт. Неговото ракоположување го извршиле во 933 г. папските легати, што царот за таа цел ги викнал во Цариград. Младиот патријарх бил слеп извршител на татковата волја.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 329.
Закони и други акти Државничката големина на Роман I Лакапин најмногу јасно се огледала во законските мерки што ги презел заради одржување на малиот земјопосед. Економско-социјалниот систем на византиската држава, заснован на земјосопствеништвото на селаните и војниците, дошоло во криза по наглото јакнење на феудалната велепоседничка аристократија. Земјата од селаните и војниците брзо преминувала во рацете на "моќни луѓе", а нивните сопственици, "сиромасите" се претворале во парици на властелинските и манастирските поседи. Роман Лакапин прва ја увидел опасноста што ја криел во себе овој процес и јасно ја формулирал неговата суштина со овие зборови: „Малиот посед донесува многу корист со тоа што плаќа државни даноци и врши воена служба; тоа сè ќе пропадне, ако бројот на малите сопственици се намали“. За да се зачува системот кој во вековните борби ја покажал својата сила, за да се одржува финансиската и воената моќ на византиската држава, Романовата влада се обидела да им застане на патот на опаѓањето на поседите на војниците и на селаните и на нивното преминување во рацете на властелата. Така меѓу централната власт и феудалната аристократија започнала борба кој била пресудна за целиот натамошен развој на Византиското царство.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 329-330.
Најпрвин Роман Лакапин, во април 922 г., ја објавил новелата со која го востановил правото на предимство на соседот при купувањето на селските имоти. Ова право, т.н. „протимисис“, укинато во времето на Лав VI, во Романовата новела нашло свој класичен израз. При оттуѓувањето на селските имоти преку продажба или закуп, пет категории купувачи односно закупци имале право на предимство: роднини-сопоседници; други сопоседници; поседници на имоти кои се наоѓале со имотот во продажба во меѓуземјишна сопственост; соседите кои заеднички ги плаќале даноците; другите соседи. Дури ако овие пет категории купувачи ја одбиле понудата, земјата можела да им се продаде на други лица.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 330-331.
Меѓутоа оваа одредба, и покрај својата строгост, не го постигнала очекуваното дејство. По необично долгата и силна зима во 927/28 г. Царството било погодено со тешка неродност, со глад и помор. Тоа го искористиле големосопствениците, купувајќи од изгладнетото население земја по најниски цени. Со овие околности била предизвикана новелата на Роман I од септември 934 г. Со најголемо огорчување царот мавал по себичност на големосопствениците кои се покажале "понемилосрди и од гладот и од поморот". Сепак, царот не нааредил безусловно да се вратат сите продадени поседи, како што тоа можело да се очекува со строго применување на законот од 922 г. Повторно се прогласувале за неважечки сите подароци, сите наследства и на тоа слични погодувања. Се анулирале и купувањата на оние имоти за кои е платено помалку од половина на "правичната" цена. Меѓутоа, во случај на "нормално" купување, враќањето на откупениот посед било условено со враќање на платената цена во рок од три години. Во иднина на властелите повторно им се забранувало секакво купување селански поседи со закана дека купената земја ќе им се одзеде без било како надомест и дека ќе плаќаат казна. На крајот царот изразил уверување дека со силата на законот ќе ги совлада сите внатрешни непријатели како што со силата на оружјето ги победил надворешните противници.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 331-332.
Надворешна политика Судирот со Симеон I