мини|Режисерот Ласло Немеш Шауловиот син () – унгарски филм од 2015 година во режија на Ласло Немеш, кој е соавтор на сценариото, заедно со Клара Ројер. Дејството се одвива во концентрациониот логор Аушвиц за време на Втората светска војна и следи ден и половина во животот на Шаул Ауслендер (кого го игра Геза Рериг), унгарски член на сондеркомандо.

Филмот премиерно бил прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2015 година, каде ja освоил Големата награда (Гран при). Филмот добил Оскар за најдобар странски филм во 2016 година. Тој е деветтиот унгарски филм номиниран за оваа награда, прв по „Ханусен“ од Иштван Сабо во 1988 година. Тој е втор унгарски филм што добил „Оскар“ по „Мефисто“ на Сабо во 1981 година. Тој исто така го освоил „Златниот глобус“ за најдобар филм на странски јазик во 2016 година, и станал првиот унгарски филм што ја освоил оваа награда.

Синопсис Саул Ауслендер (го игра Рериг) е Евреин, затворен во концентрациониот логор Аушвиц. Тој е член на посебната група затвореници (Sonderkommando) чија задача е да ги погребат телата на затворениците погубени во гасните комори. Откако е погубена една група затвореници, тој забележува едно момче за кое мисли дека е неговиот син и посакува да го закопа според еврејските обичаи. За таа цел, лекарот-Евреин го крие телото на момчето и подоцна му го предава на Саул, а тој упорно се обидува да пронајде рабин кој би го извршил обредот. Во меѓувреме, затворениците организираат бунт против нацистите, но Саул не сака да учествува во тоа, зашто е преокупиран со закопот. Откако пристигнува нова група затвореници, тој најпосле наоѓа рабин кого го спасува од стрелањето. Припадниците на специјалната група затвореници дознаваат дека утредента треба да бидат стрелани и го почнуваат бунтот при што некои од нив, меѓу кои се Саул и рабинот успеваат да побегнат во шумата. Додека се обидува да ја преплива реката, Саул не може да го издржи товарот што го носи и водата го однесува телото на мртвото момче. Потоа, бегалците одмораат во една шумска колиба, а Саул забележува едно дете. Тогаш пристигнува нацистичката потера...IMDb, Son of Saul (2015) (пристапено на 16 мај 2019)

Идеја Немеш идејата за филмот ја добил читајќи ја книгата „Свитоците од Аушвиц“, своевидна колекција на сведочења на членовите на сондеркомандо, која ја открил додека работел како асистент на Бела Тар на филмот „Човекот од Лондон“ во 2005 година. Немеш и Ројер поминале неколку години истражувајќи ја оваа тема и пишувајќи сценарио со помош на познати историчари за холокаустот. Продуцентот имал доста проблеми да најде финансиски средства за снимање заради неконвенционалниот пристап на тематиката и заради неговото продуцентско неискуство. Режисерот главната улога му ја доделил на унгарскиот поет Геза Рериг, иако тој не глумел на филм уште од осумдесеттите години на минатиот век.

Снимање Филмот е снимен во Будимпешта за 28 дена, на филмска лента од 35 милиметри.

Награди Филмот премиерно бил прикажан на Канскиот фестивал, каде ја освоил Големата награда (Гран при). Наишол на одличен прием кај филмските критичари. Исто така, филмот освоил Оскар за најдобар странски филм во 2016 година, како и Златен глобус за најдобар странски филм истата година. На разни фестивали, филмот освоил вкупно 61 награда и имал уште 58 номинации.IMDb, Son of Saul (2015) Awards (пристапено на 16 мај 2019)

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Унгарски филмови Категорија:Добитници на Оскар за странски филм Категорија:Историски филмови Категорија:Филмови за Втората светска војна Категорија:Филмови на унгарски јазик Категорија:Филмови од 2015 година Категорија:Филмови на Ласло Немеш Категорија:Филмови за холокаустот