Ристо Василев Кочев, познат како Ристоман Попчевски или Атентаторот од Попчево (1870, Попчево - 8 јули 1904, Гевгелија) — македонски револуционер, деец на Струмичкиот револуционерен округ и извршувач на атентатот кај градот Гевгелија (1904).
Биографија Ристоман Василев-Попчевски потекнувал од селото Попчево во струмичкиот регион. Роден бил во семејство кое својата егзистенција ја обезбедувало преку земјоделство, сточарство и трговија. Покрај другите дејности, се занимавал и со набавка и продажба на прехранбени производи што ги носел од Солун во Струмичко. Според достапните податоци, при своите трговски патувања тајно пренесувал оружје и муниција за потребите на Организацијата. По раст бил висок и со силна физичка конституција.
Во брак бил со Параскева, позната и како Парашка, која исто така била од Попчево. Семејството имало четири деца: Кољо, Томе, Ванѓа и Софка. За време на една жетва, Софка била грабната од некои зулумќари-османлиии и одведена во непознат правец, по што се изгубила секоја трага за неа и нејзината понатамошна судбина останала непозната.
Револуционерна дејност Како револуционер се одликувал со голема смелост, морална храброст и лојалност спрема идеалите на македонското националослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во секое време бил подготвен на саможртва како чин на најсвета должност, кон којашто се стремелe македонските револуцинерени дејци од тој период. Во 1904 година, по налог на Струмичкиот окружен револуционерен комитет на Македонската револуционерна организација (МРО) добил специјална задача за подметнување експлозивна направа на мостот на реката Вардар на железничката линија Скопје – Солун. Одлуката на Окружниот комитет била во согласност со решенијата на струмичките и на солунските делегати донесени на Окружниот конгрес одржан во 1904 година на планината Огражден. Ваквите акции првенствено биле насочени против политичките и економските интереси на големите сили како и реакција против индолентниот однос покажан од страна на османлиските власти при спроведувањето на реформите во постилинденска Македонија. Ристоман Попчевски темелно се подготвувал за извршување на поставената задача. За таа цел, повеќепати го следел движењето на товарниот воз Солун − Скопје и прецизно определил кога го минува мостот на реката Вардар.
лево|мини|Ристоман Попчевски обесен на железничката станица во Гевгелија На 4 јуни 1904 година, темпираната експлозивна направа ја предал на станицата во Удово, адресирана како пакет до Солун. Меѓутоа, поради промена на тарифата, возот задоцнил неколку минути, така што експлозивната направа наместо на мостот експлодирала на станицата во Гевгелија. По овој настан, во којшто немало човечки жртви, османлиската полиција веднаш уапсила повеќемина лица од Струмица, меѓу кои биле и учителите Петар Хаџи Јорданов и Иван Чонтев, потоа членот на окружниот комитет Доне Лазаров како и Ристоман Попчевски, за кого што Организацијата веќе имала изготвено план за заминување од Македонија. Храбриот Ристоман категорично ја одбил таквата можност со образложение дека целосно е подготвен да ја споделува сопствената судбина со судбината на народот. Во тој драматичен миг не помогнале ни молбите на неговата сопруга. И покрај тоа што биле подложени на жестоки измачувања, уапсените лица одбиле да признаат дека учествувале во акцијата подготвувана од Струмичкиот окружен револуционерен комитет.
Понатамошната полициска истрага што следела го разоткрила целиот случај, така што Ристоман Попчевски во Солун бил осуден на смрт. Османлиските власти планирале пресудата да ја извршат во Струмица. Сепак, откако дознале дека четите на МРО се подготвувале на патот Удово – Струмица да го ослободат осуденикот, се откажале од таквата намера. Така, пожртвуваниот македонски револуционерен деец е обесен во Гевгелија на 25 јули 1904 година. По овој настан раководните структури на Македонската револуционерна организација ѝ предложиле на неговата сопруга да замине од Македонија со можност за нејзина пристојна егзистенција и школување на децата. Параскева (Парашка) го одбила предлогот и до крајот на животот останала во селото Попчево, Струмичко. Инаку, сопругата на Ристоман исто така била вклучена во редовите на МРО. Се грижела за собирањето храна и облека за македонските револуционерни чети и сл.
Наводи
Категорија:Дејци на ВМРО од Струмица Категорија:Починати во 1904 година