Свети Ѓорѓи — главна селска црква во струмичкото село Зубово, Македонија.
Местоположба
Црквата се наоѓа во средишниот дел на селото. Во непосредна близина на црквата се наоѓаат и селските гробишта.
Историја
Црквата била изградена во 1852 година.
Најверојатно црквата била изградена по углед на поголемата и постарата црква „Св. Константин и Елена“ во Моноспитово подигната во 1838 година и можно е да биле изградени од иста мајсторска тајфа.
Архитектура
Претставува трикорабна базилика со отворени тремови (припрати) во облик на буквата „Г“ и присоединета кула-камбанарија на западната фасада.
Апсидата на црквата е полукружна со три прозорци во симетрична композиција.
Градбата на црквата е во лоша состојба. Забележани се пукнатини на јужниот ѕид, почетни пукнатини на северниот ѕид и мрежести пукнатини во малтер на елементите во галеријата. Забележани се пукнатини во малтер со кој се обложени столбовите заради санација и консолидација, а во целата црква се забележува висока капиларна влага.
Во 2022 година било направено премалтерисување со заштитна мрежа во внатрешноста до нивото на прозорците, проширување со малтер на столбовите во долната зона поради видлива инклинација и поплочување на подот. Биле направени и мали интервенции и пополнување на пукнатини и загуби на малтерот во живописот и истите се направени од страна на самите граѓани.
На самата црква има поставени клима-уреди и рефлектори, а во внатрешноста електрика, со што се нарушува изгледот на црквата.
Фрескоживопис
Црквата поседува фрескоживопис, кој бил насликан во 1875 година. Во црквата работел зографот Јован, чие име е испишано на надворешниот западен влез. Во натписот е забележана годината 1875. Состојбата на ѕидното сликарство е многу лоша.
Кај црквата во Зубово се среќаваат две пространи слепи калоти, пресечени во темето, така што се оформени кружни медалјони од кои западниот е насликан со вообичаената претстава на Христ Пантократор, а во источниот е вградена шесткрака розета. Преостанатиот дел од таваницата кон исток (во олтарот) и кон запад (над галеријата) е покриен со надолжно редени дрвени штици, боени во контрастни тонови.
Икони и иконостас
Црквата поседува иконостас. Во црквата има икони изработени од гарскиот мајстор Андон Петров Ангелков (од 1863 и од 1875 г.).
Галерија
Поврзано Струмичко архијерејско намесништво Зубово
Наводи
Надворешни врски
Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија
Категорија:Храмови посветени на Свети Ѓорѓи во Македонија