Песната на Канте хондо или Поема со длабоки песни (шпански: Poema del Cante jondo) — збирка песни на шпанскиот поет Федерико Гарсија Лорка од 1931 година.

Содржина Најпознати песни од збирката се:Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 11-51. „Баладичка за трите реки“ (Baladilla de los tres rios) Циклусот „Песна на циганската сигирија“ („Пејзаж“, „Гитара“, „Крик“, „Тишина“, „Минувањето на сигирија“, „По минувањето“, „А потоа“) Песната на солеа (Poema de la solea) „Село“ (Pueblo) „Нож“ (Puñal) „Крстопат“ (Encrucijada „Оф!“ (Iay!) „Изненадување“ (Sorpresa) „Солеа“ (La solea) „Пештера“ (Cueva) „Зора“ (Alba) Циклусот „Песната на саетата“ („Стрелци“, „Ноќ“, „Севиља“, „Балкон“, „Мугра“) Циклусот „Цртежот на Петенера“ („Ѕвоно“, „Пат“, „Шест жици“, „Игра“, „Смртта на Петенера“, „De profundis“, „Мртовечко ѕвоно“) Циклусот „Две девојки“ („Лола“, „Ампаро“) Циклусот „Вињето фламенко“ („Ликот на Силверио Франконети“, „Мементо“) Циклусот „Три града“ („Малагења“, „Кордовско предградие“, „Игра“) Циклусот „Шест каприча“

Осврт кон делото „Песната на канте хондо“ е целосно свртена кон сигириите, саетите и солеите, кон гитарата и кон Шпанија од минатото, од селото и од детството на поетот. Иако во збирката е даден цел регистер на музичкиот фолклор и на народниот поетски збор, сепак таа се одликува со модерна лирика. Во неа, во усвитена инспирација се проектира и транспонира народното богатство, но преку автентичниот поетски збор, збирката е израз на неповторливата, самостојна и голема личност на авторот. Над пописот на содржини, бои и настани, како конвенционални така и битови, се крева една нова Андалусија - стварна и митска, секојдневна и таинствена, присутна и недофатна. Во песните блеснува ножот забоден во снагата на човекот и во распаќето на времето, месечината им го покажува патот на јавачите, крикот ја испишува својата елипса што гасне во ехото на ридовите, а гитарата го оплакува копнежот по недофатливите нешта. Нив ги придружуваат мирисите на земјата, на морето и на месечината, ги осветлуваат плодовите на лимонот, портокалот и маслината, а градовите (Гранада, Севиља, Кордоба) се обоени во нестварни бои. Овој регистер од зборови станува сноп од таинствени знаци и симболи што ја опишуваат митологијата на лириката на Лорка. Сè е во функција на строга, чистастрасна форма и формула, ликовно блескава, музички совршена, понекогаш повлечена и херметична поради сложената азбука на неповторливите знаци. Врз сето тоа се крева пораката за голема, сеопфатна љубов на мажот и жената, нивната нежност и страст, а врз таа љубов за пејзажот и за песната, за жената и за човекот, високо се креваат окото и здивот на постојаната и величествена смрт.Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898 - 1936“, во: Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 158-159.

Наводи

Категорија:Дела на Федерико Гарсија Лорка Категорија:Книги од 1931 година