Свети Ѓорѓи — главна селска црква во скопското село Бањане. Прогласена е за споменик на културата на Македонија.
Местоположба
Црквата е сместена во самото село Бањане. Покрај црквата се наоѓало селското училиште до 1964 година.
Историја
Како што е наведена и на натписот над влезот во црквата, градбата потекнува од 1549 година. Таа е завршена во време на султанот Сулејман.
Архитектура
Градбата на црквата е добро зачувана. Нејзините димензии се 7,20 × 3,90 метри. Таа е еднокорабна црква, изградена од добро обработен делкан камен, оживеана со редови тули, по принципот на старите византиски градби и засводена со полуцилиндричен свод. На нејзината источна страна се наоѓа тристрана апсида.
Во 1856 година, на западната страна бил доѕидан еден широк трем, за што постои натпис над вратата од ктиторот Петар Каовче.
Фрескоживопис
Црквата поседува фрескоживопис. Својот живопис го добила истата година кога и завршена нејзината градба, односно во 1549 година.
Самиот фрескоживопис се одликува со високи уметнички квалитети. Сепак, авторот на живописот не се знае, но неспорно припаѓа на групата на најталентирани сликари од тоа време. Неговото сликање е смело и динамично, со богат колорит и особено внимавал на обработката на ткаенините, што е многу редок случај. Воедно, композициските проблеми се добро решени, а одделни детали се работени со многу фантазија и грижливост. Фреските во црквата може да се споредат со најубавите современи остварувања на подоцнежните творби од Света Гора и од Костур.
На север, покрај самиот олтар, е насликан Христос со сакос и омофор врз кои се сликани серафими. Богородица е насликана со круна на главата, додека Свети Јован држи крст и свиток, заедно со својата глава на послужавник. Од двете страни на Христос е испишан текстот од 92. псалм.
Во 1846 година бил изведен нов живопис во црквата од страна на Дичо Зограф. На северниот и западниот ѕид насликал светители во цел раст, додека на западната страна најголемо внимание привлекува композицијата „Страшниот суд“, која зафаќа половина од насликаниот простор. Токму оваа композиција е занимлива и го привлекува вниманието поради тоа што на нејзе се наоѓа насликан и Александар Македонски.
Иконостас
Иконостасот во црквата бил насликан од познатиот Дичо Зограф во 1846 година.
Во зимата 1845-1846 година, Дичо Зограф и неговите помошници, ги изработиле престолните икони за самиот иконостас. Воедно, тој ги изработил и иконите на апостолите со композицијата на дејзисот и празничните икони.
Дела на Дичо Зограф
Галерија
Поврзано Бањане Скопска епархија Северноскопско архијерејско намесништво
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Бањане Бањане