Вилијам Пол Кокшот (роден на 16 март 1952 година) е шкотски компјутерски научник, марксистички економист и професор на Универзитетот во Глазгов.

Образование Кокшот се здобил со звање магистер по економија (1974) од Универзитетот Манчестер, магистер (1976) по компјутерски науки од Универзитетот Хериот Ват и доктор по компјутерски науки од Универзитетот Единбург (1982).Curriculum Vitae Покрај мајчиниот англиски, зборува и француски и германски јазик.

Кариера Во периодот 1988-1997 Кокшот работел на Универзитетот Стратклајд. Од 1998 година тој работел на Универзитетот Глазгов.

Во периодот 1977-2002 Кокшот е член на Компјутерското здружение на Институтот на електро-инженери (IEEE Computer Society). Од 1992 година тој е член на Американското здружение за научен развој.

Тој има дадено придонеси во областа на збивањето на слики, 3Д телевизија, паралелни компајлери и медицински слики, но им стана познат на пошироката јавност за неговите предлози во мултидисциплинарната област на економска пресметливост, особено како соавтор, покрај економистот Алин Котрел, на книгата Кон нов социјализам, во која тие силно се залагаат за употреба на кибернетика за ефикасно и демократско планирање на комплексна социјалистичка економија.Allin Cottrell & W.Paul Cockshott, Towards a new socialism (Nottingham, England: Spokesman, 1993). Retrieved: 17 March 2012. Првобитно објавена на англиски јазик во 1993, оттогаш книгата е преведена на шведски (2002), чешки (2006), германски (2006), шпански (2007), руски (2007), фински (2012), кинески (2015), македонски (2020) и италијански (2021).

Политички ставови Во 1970-тите години, Кокшот беше член на Британската и ирската комунистичка организација, но тој и неколку други членови станаа незадоволни од ставот на оваа организација во врска со работничката контрола.What is the Communist Organisation in the British Isles? in Proletarian, No. 1, c. 1974. Кокшот и неколку други членови на Организацијата си поднесоа оставки и формираа нова партија, Комунистичка организација на британските острови. За време на 1980-тите, кога студирал на докторски студии во Единбург, тој бил регрутиран во CPGB заедно со колегата студент по компјутерски науки, Мафи Калдер.

Кон Нов Социјализам Оваа книга (првпат објавена во 1993 година од Spokesman, Нотингем, Англија) е обид на Кокшот и Котрел да одговорат на тврдењето дека социјализмот е мртов и закопан по пропаѓањето на Советскиот Сојуз.

Јадрото на книгата се состои од серија поглавја кои го опишуваат она за што Кокшот и Котрел веруваат дека би биле ефикасни и демократски методи за планирање на комплексна економија. Кокшот и Котрел, исто така, ги испитуваат прашањата околу нееднаквоста и нејзино елиминирање, системите за плаќање на трудот, демократскиот политички устав за социјалистичкиот комонвелт, комуната како збир на аранжмани за живеење, како и сопственичките односи под социјализмот.

Една од темите на Кон Нов Социјализам е дека брзината на современите компјутери прави реална разлика во изводливоста на ефикасно економско планирање. Во есејот „Социјалистичко планирање по распадот на Советскиот Сојуз“, на пример, Кокшот и Котрел го проценија времето на пресметка потребно за детално планирање на економија од десет милиони производи. Во тоа време на најсовремена компјутерска технологија, Кокшот и Котрел користеле како референтна бројка една милијарда пресметки во секунда за напреден мултипроцесор. Ваквите бројки застаруваат брзо. Детали за најбрзите компјутери во светот може да се најдат на Википедија. Во 2008 година, неколку компјутери се способни за над 10 квадрилион операции со подвижна запирка во секунда - седум реда на големина побрзи од Кокшот-Котреловиот репер за 1993 година.

Која е теоретската основа за нов социјализам? Главните основи за постсоветски социјализам мора да бидат радикалната демократија и ефикасното планирање. Демократскиот елемент, сега тоа е јасно, не е луксуз, или нешто што може да биде одложено додека условите не се посебно погодни. Без демократија, како што аргументиравме горе, водачите на социјалистичкото општество ќе бидат натерани да употребуваат принуда за да го осигурат производството на вишок производ и ако принудата биде ублажена, системот ќе тежнее кон застој. Во исто време, развојот на ефикасен планирачки систем најверојатно ќе биде невозможен во отсуство на отворен натпревар на идеи. Неуспехот на советските комунисти да излезат со одржливи предлози на социјалистичка реформа во текот на последните години е сведоштво за штетните дејствија на системот во кој конформизмот и покорноста биле примарни. Капиталистичките општества можат да постигнат стопански напредок под услови на политичка диктатура, бидејќи дури под таква диктатура доменот на приватна стопанска активност е прилично нерегулиран и нормалните процеси на натпревар остануваат делотворни, додека забранувањето на организирањето на работничката класа може да допушти повисока стапка на експлоатација. Во услови на социјализам, не може да постои такво одделување на угнетувачката држава од „слободната“ економија; и ако критериумите на идеолошка „исправност“ преовладуваат во унапредувањето на менаџерите и дури во економско-теоретската дебата, долгорочните изгледи за раст и ефикасност навистина се мрачни.

И во однос на демократските институции и во однос на механизмите на ефикасно планирање, мораме да кажеме дека проблемите кои се појавиле во советскиот случај одразуваат одредени слабости во класичниот марксизам. Маркс, Енгелс и Ленин биле многу посилни во нивните критики на капитализмот одошто во нивното позитивно теоретизирање за социјалистичкото општество. Што се однесува до демократските институции, болшевиците првично се држеле цврсто за советите на работничките и војничките делегати како претпочитан облик. Иако ова може да било тактички досетливо, ние тврдиме дека советскиот облик е природно несоодветен и всушност опасен и дека принципите на социјалистичкото демократско уредување мора да ги бараме на друго место. Што се однесува до планирачките механизми, Маркс и Енгелс имале некои интересни предлози, но овие не биле никогаш развиени над нивото на прилично неодредени општости. Советските планери импровизирале свој сопствен систем, кој функционирал за одредени цели во свое време, но развојот на нивното размислување за социјалистичките стопански механизми било ограничено од она што тие го сфатиле како потреба да се сообразат со каноните на марксизмот – да ги избегнуваат и всушност да ги осудуваат сите теоретски методи, како што е маргиналната анализа, којашто изгледала оцрнета од „буржоаските“ конотации. Западните марксисти тврделе дека овој стремеж бил заснован на погрешно толкување на Маркс. Сосема очевидно дека било така, но фактот дека Маркс не се обидел да ги објасни принципите на функционирањето на една планирана економија во каква било смисла, го направи таквото погрешно читање можно. Во секој случај, социјализмот никогаш повторно нема да има каква било веродостојност како стопански систем додека ние не ги објасниме таквите принципи во разумни подробности.

Краток преглед на книгата „Во остатокот на овој вовед нудиме краток преглед на главните аргументи што следат, во однос на проблемите и прашањата кои се идентификувани погоре. Главите 1 и 2 се занимаваат со прашањата поврзани со нееднаквоста и неправедноста. Првата глава дава преглед на основите на нееднаквоста во капиталистичкото општество – основи кои, како што сугериравме погоре, социјалдемократското подобрување е неспособно да ги искорени. Втората глава покажува како доследниот социјалистички систем на плаќање би можел суштински да ја отстрани нееднаквоста. Платежниот систем кој е прикажан во главни црти во глава 2 зависи од идејата дека целокупната трудова содржина на секој производ или услуга може да се пресмета. Глава 3 го оправдува ова тврдење, развивајќи го притоа аргументот дека стопанската пресметка во услови на трудово време е рационална и технички напредна.

Потоа, главите 4 до 9 развиваат разновидни аспекти на ефикасен систем на стопанско планирање, систем способен да осигури дека стопанскиот развој е насочуван од демократски утврдените потреби на луѓето. Глава 4 утврдува некои основни концепти и приоритети, и разликува неколку различни „нивоа“ на планирање, имено стратешко планирање, детално планирање и макроекономско планирање, кои потоа детално се разгледани во главите 5, 6 и 7 соодветно. Глава 8 во главни црти го прикажува специфичниот механизам за осигурување дека деталниот модел на производство останува на линија со преференциите на потрошувачите, истовремено отстранувајќи ги прекумерните редици и кусоци. Глава 9 ги испитува информациските услови за видот на планирачки систем којшто ние го замислуваме и го поврзува прашањето на точната информација со стимулансите и санкциите со кои се соочуваат поединците. Преку овие глави правиме неколку споредби помеѓу видот на системот што го предлагаме, и системот што вообичаено е оценет дека не успеал во Советскиот Сојуз.

Додека главите 4 до 9 се занимаваат со планирањето на едно стопанство во изолација, главите 10 и 11 го прошируваат аргументот на прашањата што произлегуваат од трговијата со други стопанства, важен практичен интерес во светот на растечка меѓузависност.

Главите 12 и 14 преминуваат од стопанските на понатамошните општествени и политички прашања. Глава 12 ги поврзува социјалистичките цели и грижите истакнати од феминистите. Ги истражува можностите за домашни комуни како алтернатива на основното семејно „домаќинство“, и покажува како таквите комуни би можеле да функционираат во рамките на широката структура на едно планирано стопанство. Глава 13 ја разгледува политичката сфера, и предлага радикален облик на демократско уредување способно да им даде реална контрола на обичните луѓе над своите животи. Како што спомнавме порано, ние сме критички кон советскиот модел на демократија. Ние сме еднакво критички кон парламентарните системи, а нашите сопствени предлози произлегуваат од преиспитувањето на механизмите на класичната (атинска) демократија во современ контекст. Глава 14 го испитува прашањето за сопственичките односи и ги разработува посебните облици на сопственост кои се потребни како основа за стопанските и општествените облици што претходат.

Во последната глава се занимаваме со некои контра-аргументи предложени од скептичните социјалисти во изминатите години. Во овој контекст одговараме на аргументите во прилог на „пазарниот социјализам“ како алтернатива на видот на планирање што ние го застапуваме.

Основната тема која ја анимира книгата, низ сите нејзини разновидни конкретни аргументи, се надеваме, ќе биде јасна. Имено, го земеме како наша крајна цел најголемото можно исполнување на потенцијалот на секој човек, како поединец и како член на општеството. Ова исполнување бара достоинство, сигурност и суштинска еднаквост (а сепак не, се разбира, истост), како и производствена ефикасност. Тоа исто така бара луѓето да пронајдат одржливи начини на живеење во рамнотежа со целата животна средина на планетата. Тврдиме дека овие цели можат најдобро да се задоволат преку кооперативен, планиран облик на поопштествено стопанство при радикално демократско политичко уредување – постсоветски социјализам.“

Историја на создавањето на Кон нов социјализам