ФК Лидс Јунајтед — англиски фудбалски клуб со седиште во Лидс, Западен Јоркшир. Клубот во моментов се натпреварува во Премиер лигата, највисокото ниво на англискиот фудбал, откако избориле промоција во Чемпионшип за време на сезоната 2019-2020.
Клубот е основан во 1919 година, по распуштањето на Лидс Сити од Фудбалската лига, по што го презеле нивниот стадион Еланд Роуд. Поголемиот дел од својата историја Лидс Јунајтед го поминале натпреварувајќи се во првото ниво на англискиот фудбал. Нивниот најдолг континуиран престој во рамките на првото ниво бил период од 18 години помеѓу 1964 и 1982 година, додека нивниот најдолг период надвор од првото ниво траел 16 години помеѓу 2004 и 2020 година.
Лидс трипати бил шампион на Англија, а покрај тоа во својата историја имаат освоено и еден ФА куп, еден Лига куп, два Черити/Комјунити шилда и два Купа на саемските градови. Клубот, исто така, играл финале на Купот на шампионите, во кое загубиле од Бајерн Минхен, и полуфинале во Лигата на шампионите во сезоната 2000-2001. Меѓу другите меѓународни успеси се вбројува и финалето на Купот на победниците на куповите во 1973. Најголемите успеси клубот ги остварил под раководството на менаџерот Дон Реви во 60-тите и 70-тите години на минатиот век.
Својте домашни натпревари клубот ги игра на Еланд Роуд уште од 1919 година, и до денес, тој е единствениот стадион кој клубот го користел низ целата своја историја. Првата комбинација на клубот вклучува комплетно бела опрема (бели дресови и бели шорцеви), па оттаму и прекарот бели. Лидс има големо соперништво со Манчестер Јунајтед и Челси, како и со локалните клубови како Хадерсфилд Таун, Брадфорд Сити, Шефилд Јунајтед и Шефилд Венздеј.
Историја
Почетоци
Пред формирањето на Лидс Јунајтед, англискиот град Лидс во фудбалската лига го претставувала друга формација, Лидс Сити, основан во 1904 година и разрешен од фудбалската лига во 1919 година поради некои незаконски плаќања направени за купување на некои играчи за време на Првата светска војна.
Затоа било одлучено да се формира нов клуб кој ќе го претставува градот, Лидс Јунајтед, кој започнал да игра во Мидленд лигата, англиска лига од второлигашко друштво во која често играле младинските тимови од прволигашките формации: на почетокот Лид Јунајтед го зазел слободното место оставено од резервната формација на стариот Лидс Сити.
Во 1920 година, Лидс Јунајтед бил признат од англиската фудбалска федерација и на тој начин бил во можност да учествува на домашните натпреварувања. Во истата година, клубот бил купен од Хилтон Кроутер, претседател на Хадерсфилд Таун.
1920-1960; Во фудбалската лига и годините на Џон Чарлс
На 31 мај 1920 година, Лидс Јунајтед бил избран во Фудбалската лига, започнувајќи ја сезоната 1920-1921 во Втората дивизија. Таму се натпреварувале до 1924 година, кога ја освоиле титулата во дивизијата и избориле промоција во Првата дивизија. Тие не успеале да се етаблираат таму и испаднале во сезоната 1926–1927. Во годините до почетокот на Втората светска војна, Лидс уште двапати претрпел испаѓање; во двата наврати тие повторно успевале да изборат промоција веќе во следната сезона. Во 1947 година, непосредно по војната, „белите“ испаднале и по трет пат, во најлошата сезона во нивната историја.
Лидс останал во Втората дивизија сè до сезоната 1955-1956, кога уште еднаш освоиле промоција во Првата дивизија, овојпат инспирирани од одличниот велшанец Џон Чарлс. Чарлс бил гладен за успех на највисоко ниво, а менаџерот Раих Картер не бил во можност да го убеди дека Лидс може да ги задоволи неговите амбиции. Како резултат на тоа, Чарлс бил продаден на Јувентус за тогашен светски рекорд од 65,000 фунти. Загубата на Чарлс резултирала со испаѓање на Лидс во Втората дивизија во сезоната 1959-1960.
1961-1974; Ерата на Дон Реви thumb|left|upright|Дон Реви, тренерот на Лидс од 1961 до 1974. Во март 1961, клубот го ангажирал еден од најважните тренери во својата историја: Дон Реви. Во својата прва сезона тој наишол на многу потешкотии, бидејќи клубот бил во многу лоша финансиска состојба. На крајот на сезоната 1961-1962, Лидс успеал да избегне испаѓање во Третата дивизија буквално во последните кола од сезоната. Сепак, само две години подоцна во сезоната 1963-1964, Реви успеал да го врати тимот во врвната дивизија во англиската лига. Од 1965 до 1974 година, Лидс на Реви никогаш не завршил една сезона под првите четири на табелата и постигнал низа успеси што го однеле клубот до врвот во Англија и Европа.
Белите во овој златен период за нив освоиле две шампионски титули во сезоната 1968-1969 и 1973-1974, потоа го освоиле ФА Купот во сезоната 1971-1972 и Лига купот во 1967-1968. Во истите години, тимот исто така успеал да најде потврда за својот добар момент на континентално ниво со освојување на Купот на саемските градови двапати, во 1968 и во последното издание на турнирот во 1971; на 22 септември истата година англичаните го одиграле суперфиналето што УЕФА го организирала за дефинитивно доделување на трофејот, против Барселона, клуб кој неколку пати претходно успеал да го освои купот. Сепак, Лидс не успеале да ги совладаат каталонците предавајќи им го трофејот по поразот со 2-1.
Во текот на годините на Реви, Лидс пет пати бил втор во поредокот; клубот исто така стигнал до неколку финалиња во кои не го освоиле трофејот, како ФА Купот (во 1965, 1970 и 1973), Купот на саемските градови во 1967 и Купот на победниците на куповите 1973 година, последниот го загубиле многу контроверзно. Последната сезона на кормилото на белите на Реви била сезоната 1973-1974, кога Лидс ја освоил својата втора титула во лигата, а веќе следната година менаџерот седнал на клупата на англиската репрезентација којашто штотуку не успеала да се квалификува за Светското првенство.
1974-1982; После Реви, финалето во Купот на шампионите и испаѓање thumb|upright|Брајан Клаф, менаџер на Лидс Јунајтед само 44 дена. На 20 јули 1974 година, Брајан Клaф, кој го напуштил Брајтон по само 8 месеци, ја презел клупата на Лидс од Дон Реви, кој бил назначен за селектор на Англија. Неговото доаѓање било остро критикувано од навивачите кои со години биле поврзани со тактичкиот пристап на стариот тренер. Под раководство на Клаф, Лидс започнал лошо со пораз во Черити Шилд од Ливерпул и тимот никогаш не успеал да покаже добра игра, обезбедувајќи перформанси на многу ниско ниво. Во биографскиот филм „Проклетиот Јунајтед“, авторот Дејвид Мир ги опишува Дон Реви и Брајан Клаф како лути соперници. Поради тоа, играчите на Лидс останале приврзани за Реви и никогаш не го прифатиле Клаф, обвинувајќи го дека тој отсекогаш го мразел нивниот тим и се обидува да го деградира, со просечни тренинзи и избирање на најлошите играчи да ги започнуваат натпреварите. Главните промотори на бунтот биле Џо Џордан и Гордон Меквин. Така, Брајан Клаф не успеал да најде договор со околината и конечно, по четириесет и четири дена неуспех, тој бил отпуштен од фунцијата. На негово место бил ангажиран Џими Армфилд, поранешен капитен на англиската репрезентација.
Со доаѓањето на новиот менаџер, тимот добил воочлив полет особено во Купот на шампиони каде што Лидс триумфално стигнал до финалето на 28 мај 1975 каде на Паркот на принцовите во Париз ги одмериле силите со : натпреварот завршил со резултат 2-0 во корист на германскиот тим по доста контроверзни околности."Welcome To Elland Road", Les Rowley & James Brown (1999), IFG Publishing, ISBN 0-9536338-0-2 Инцидентите предизвикани од приврзаниците на двата тима довеле до тоа УЕФА да му забрани на Лидс да игра натпревари од кое било натпреварување управувано од конфедерацијата за четири сезони до 1980 година, кои последователно биле сведени на две, сепак, означувајќи го крајот на континенталниот циклус на белите, кој започнал кон крајот на 1960-тите.England told: more rioting and you're out
Во следните години Армфилд пробал да ги повтори претходните успеси на клубот потпирајќи се на истиот тим кој бил изграден од Реви, но иако повеќе не доминирале во англискиот фудбал, Лидс останал во првите десет на табелата и во следните сезони. Сепак, управниот одбор станал нестрплив за успех и го отпуштил Армфилд во 1978 година, заменувајќи го со Џок Штајн, кој исто како и Клаф претходно траел само 44 дена пред да замине за да ја преземе функцијата во шкотската репрезентација. Џими Адамсон го зазел неговото место на клупата, но неговиот придонес не успеал да го запре падот што започнал по финалето во Купот на шампионите. Во 1980 година, Адамсон бил заменет од поранешниот играч на клубот Алан Кларк. И покрај тоа што трошел слободно на играчи, тој не успеал да ја запре "водата која течела од браната" и клубот на крајот испаднал во понизок ранг на крајот од сезоната 1981–1982.
1982-1990; Осумдесеттите години
Веднаш по испаѓањето, Кларк бил заменет од својот некогашен соиграч Еди Греј. Со малку финанисиски средства на располагање, Греј се концентрирал на давање шанса на млади фудбалери од академијата на клубот, но во крајна линија оваа политика не му се исплатила на менаџерот и откако не успеал да освои промоција, во 1985 година тој бил отпуштен.
По заминувањето на Греј, клубот за нов менаџер го назначил Били Бремнер, поранешен капитен и една од најголемите играчки ѕвезди на Лидс Јунајтед во периодот под водството на Реви. Во 1987 година, Бремнер успеал да го однесе тимот до плејофот за промоција каде белите биле поразени со 3-2 од Чарлтон Атлетик по продолженијата.
Во октомври 1988 година, кога Лидс се нашол на 21-вата позиција на табелата, Бремнер добил отказ и на негово место дошол Хауард Вилкинсон; откако го спасил клубот од испаѓање во уште понизок ранг во неговата прва сезона, токму Вилкинсон станал човекот кој по осум години пауза го вратил Лидс во Првата Дивизија во следната сезона 1989-1990. Големи заслуги за овој успех имало и новото засилување на клубот Гордон Страхан, кој дошол од во март 1989 година и постигнал 16 гола за белите во сезоната на промоцијата. Покрај Страхан како архитекти на овој успех се сметаат уште неколку играчи коишто го засилиле Лидс по доаѓањето на Вилкинсон како Вини Џонс, Мел Стерланд, Ли Чапман и Крис Ферклаф. Овие важни засилувања додале дополнителен квалитет на тимот полн со таленти одгледувани во расадникот од кои пред сè се истакнале Дејвид Бати и Гари Спид.
1990-2000; Деведесеттите години Откако избориле промоција, Вилкинсон ја продолжил својата работа на консолидација на тимот, отфрлајќи ги играчите кои според него биле несоодветни за нивото на Првата Дивизија и на нивно место купил други од повисока класа, како што биле голманот Џон Лукиќ, едно од најскапите засилувања во историјата на белите, дефанзивецот Крис Вајт и шкотскиот играч за врска Гари МекАлистер. Во првата сезона по враќањето во највисокото фудбалско друштво во Англија, Лидс завршил на четвртото место. Одличната сезона го поттикнала раководството на клубот да му угоди на Вилкинсон и следната сезона биле купени дефанзивецот Тони Дориго, играчот за врска Стив Хоџ и талентираниот француски напаѓач Ерик Кантона, кој заедно со Род Валас формирале страшен напаѓачки тандем. Благодарение на овие важни засилувања, клубот успеал да ја освои својата трета титула во својата историја во 1992 година, а истата година триумфирале и во Черити Шилд, англискиот Суперкуп, совладувајќи го Ливерпул со 4-3. Интересно, сезоната 1991-1992 во која Лидс станал шампион воедно била и последната сезона во која Првата Дивизија била најсилната фудбалска лига во Англија, пред да биде заменета од Премиер лигата веќе во следната сезона.