Марк Видука (роден на 9 октомври 1975 во Мелбурн) — поранешен австралиски фудбалер со хрватско потекло, кој играл на позицијата напаѓач.
Својата кариера ја започнал во родната Австралија играјќи за Мелбурн Најтс две години, а потоа се преселил на Европскиот континент каде најпрво настапувал во екипата на Динамо Загреб во Хрватска, земјата на потекло на неговите родители. Во 1998 година потпишал за шкотскиот Селтик, a оттаму во 2000 година се преселил во Премиер лигата на Англија каде му се приклучил на Лидс Јуанјтед. По испаѓањето на Лидс, Видука бил продаден на Мидлсбро каде одиграл три сезони, пред да се пресели во Њукасл Јунајтед, клуб во кој ја завршил играчката кариера по крајот на сезоната 2008-2009.
Видука бил репрезентативец на Австралија во периодот 1994-2007 во кој одиграл 43 натпревари и постигнал 11 гола за Сокеросите. Тој ја претставувал својата земја на Светското првенство 2006 во Германија, на кое бил капитен на репрезентацијата.
Во 2000 година Видука бил избран за Океански фудбалер на годината, а зад себе има оставено уште неколку рекорди: тој е рекордер по бројот на постигнати голови (8) во дресот на во европските натпреварувања и досега е австралиски играч кој постигнал најмногу голови (4) во УЕФА Лигата на шампионите.
Биографија Видука е роден во Мелбурн, Викторија, како дете од родители хрватски емигранти. Неговиот татко Џо е од Хрватска, од каде емигрирал во Австралија во 60-тите години на минатиот век, додека неговата мајка е од украинско и хрватско потекло. Хрватскиот фудбалер и освојувач на Златната топка, Лука Модриќ, е негов братучед.The Away Game by Matthew Hall, pag. 45
Видука е оженет со сопругата Ивана со која имаат три сина: Џозеф (роден 2002 г.), Лукас (роден 2006 г.) и Оливер (роден 2008 г.). Моментално тие живеат во Загреб, каде Видука поседува кафуле.
Технички карактеристики Груб напаѓач со очигледна физичка моќ, кој е вешт во ударите со глава и има добар удар од далечина. Се докажал како многу корисен за својот тим, бидејќи одлично знае како да ја сочува топката.
Клупска кариера Мелбурн Најтс Видука ја започнал својата кариера во својата родна Австралија, во редовите на Мелбурн Најтс во 1993 година, а веќе во јуни следната година тој станал репрезентативец на својата земја. Во двете години поминати со Мелбурн Најтс, тој бил најдобар стрелец во НСЛ и двапати го освоил медалот Џони Ворен за НСЛ играч на годината, во 1993-1994 и во 1994-1995. Со клубот, тој исто така, ја освоил националната титула во сезоната 1994-1995.
Кроација Загреб Во 1995 бил купен од Кроација Загреб, денешен Динамо Загреб. Централната трибина на Стадионот Најтс, домот на Мелбурн Најтс, во негова чест била преименувана во „Марк Видука“, а нејзината изградба била финансирана со добиените пари од неговиот трансфер во Хрватска.
Тој поминал три и пол сезони во клубот од главниот град на Хрватска, постигнувајќи 38 гола и освоил три двојни круни (првенството+националниот куп) во периодот од 1995 до 1998 година. Тој исто така со клубот стигнал до второто квалификациско коло во Купот на УЕФА 1996-1997 и една година подоцна дебитирал во Лигата на шампиони, каде Кроација Загреб била елиминирана во второто квалификациско коло од Њукасл Јунајтед. За време на хрватското искуство, сепак, не секогаш на Видука му цветале рози: откако хрватскиот претседател Туѓман веќе немал моќ тој се нашол на удар на навивачите, а Видука, идентификуван како инвестиција на претседателот, ја претрпел истата судбина.
Селтик Селтик го купил Видука во декември 1998 за 3,5 милиони фунти. Во истиот месец во кој се реализирал трансферот, од Селтик објавиле дека Видука ја напуштил Кроација Загреб поради стрес. Една недела подоцна од Кроација Загреб се пожалиле дека не им била исплатена договорената сума од страна на Селтик.
Овие проблеми на крајот биле решени и Видука го направи својот прв настап во дресот на Селтик на 16 февруари 1999 година, постигнувајќи погодок за тимот под 21 година како возрасен играч во победата од 4-2 против Мадервел. Откако дебитирал за првиот тим во натпреварот против Данди Јунајтед на 27 февруари 1999 година, својте први голови (два) за клубот ги реализирал против Гринок Мортон во Шкотскиот куп на 8 март 1999 година. Пет дена подоцна, тој постигнал нови два гола, негови први во шкотското првенство, во победата со 5-1 на гостувањето кај Абердин. На 10 април, тој постигнал гол во полуфиналето на Шкотскиот куп во победата со 2-0 над Данди Јунајтед помагајќи му на својот клуб да се пласира во финалето, во кое биле поразени од лутиот соперник Ренџерс со 0-1 а Видука не настапил за келтите. Својата прва полусезона во Шкотска ја завршил со 11 настапи и 8 гола.
Следната сезона, тој бил избран за Играч на годината во Шкотска, откако постигнал 27 гола во неговата прва целосна сезона на Селтик Парк. На 16 октомври 1999, тој постигнал хет-трик во победата со 7-0 над Абердин. Во февруари 2000 година, кога Селтик шокантно бил елиминиран од нисколигашот Инвернес во третото коло од Шкотскиот куп, за време на паузата на полувремето, Видука, наводно, ги фрлил копачките во корпа за отпадоци и одбил да игра во второто полувреме по расправијата со помошниот тренер, Ерик Блек. Сепак, следниот месец, тој асистирал за еден од головите во победата со 2-0 над Абердин во финалето на Лига купот на Шкотска, па со оваа победа го освоил својот прв трофеј со клубот. Тој се покажал воедно и како единствен, бидејќи Видука го напуштил клубот по неговата прва целосна сезона во клубот, забележувајќи вкупно 48 настапи и 35 гола за Селтик.
Лидс Јунајтед На 2 јули 2000 година, на инсистирање на менаџерот Дејвид О'Лири, Лидс Јунајтед го купил Видука од Селтик за 6.5 милиони фунти. Идејата на О'Лири била да направи силна напаѓачка линија во која покрај Видука би играле Хари Кјуел, Мајкл Бриџис и Алан Смит. Сепак, повредите на првите двајца играчи довеле до тоа О'Лири да го игра Видука во тандем со младиот Смит и двајцата оставиле одличен впечаток особено во натпреварите од Лигата на шампионите, каде двајцата постигнале по 4 гола, на патот на белите до полуфиналето во кое биле елиминирани од . Своето деби во Премиер лигата на Англија го направил на 19 август 2000, во победата со 2-0 на Еланд Роуд над , а својте први голови (два) во англискиот фудбал ги постигнал во победата со 4-3 над на 30 септември. На 4 ноември, Видука ги постигнал сите 4 гола за Лидс во незаборавната победа со 4-3 над на Еланд Роуд. Видука одиграл одлична прва сезона во Западен Јоркшир, во која одиграл вкупно 53 натпревари и постигнал 22 гола: 17 во Премиер лигата, 1 во куповите и 4 во Лигата на шампионите.
Во летото тој бил поврзуван со неколку клубови, но решил да остане во Лидс и го продолжил својот договор со клубот за уште 5 години. Во сезоната 2001-2002, неговата делотворност се намалила - тој постигнал 11 гола во Премиер лигата, но исто така додал и три гола во Купот на УЕФА, сите во натпреварите од второто коло против француската Троа.
Во сезоната 2002-2003, Видука постигнал 20 голови во Премиер лигата, завршувајќи на чевтртото место на списокот на стрелците единствено зад Руд ван Нистелрој, Тјери Анри и Џејмс Бити. Неговите голови го спасиле клубот од испаѓање, а особено се памтат головите кој ги постигнал во Лондон: хет-трикот против Чарлтон Атлетик во гостинската победа со 1-6 и победничкиот гол во успехот со 2-3 на гостувањето кај Арсенал, со кој Лидс изборил опстанок на едно коло до крајот.
Сепак, финансиската криза во клубот продолжила и резултирала со продажба на клучни играчи, како Хари Кјуел, Оливје Дакур и Роби Кин. Како резултат на тоа, делотворноста на Видука повторно се намалила (иако тој повторно бил најдобар стрелец на клубот) и по завршувањето на сезоната 2003-2004 Лидс испаднал во понизок ранг. Својот последен натпревар за Лидс го одиграл во поразот со 4-1 од , во кој постигнал гол од пенал, но во 33-тата минута бил исклучен по добивањето на вториот жолт картон. Вкупно за Лидс Јунајтед одиграл 166 натпревари и постигнал 72 гола.
Мидлсбро По испаѓањето на Лидс, Видука бил продаден на во летото 2004, со цел клубот да се спаси од неговата плата по финансиските потешкотии. Сумата на трансферот изнесувала 4.5 милиони фунти. Откако во претходната сезона Мидлсбро го освоил Лига купот и обезбедил пласман во Купот на УЕФА, клубот се засилил со неколку искусни и проверени имиња за својата европска кампања, а меѓу нив бил и Видука.
Своето деби за Боро го направил на 25 август 2004, започнувајќи го како стартер натпреварот на Крејвен Котиџ на гостувањето кај Фулам; во 54-тата минута од натпреварот Видука го постигнал својот прв гол за новиот клуб, доведувајќи го Мидлсбро во водство од 1-0 во натпреварот што завршил со победа на неговиот тим од 2-0. На 11 септември, тој ги постигнал двата гола за Мидлсбро (негови први на домашен терен за клубот) во победата со 2-1 над . Пет дена подоцна, тој додал уште два гола во победата со 3-0 над Баник Острава во Купот на УЕФА, во своето европско деби за Мидлсбро. На 26 декември, во натпреварот против Бирмингем Сити, Видука се повредил и морал да го напушти теренот по 23 минути игра. Оваа повреда целосно ја уништила неговата прва сезона на Риверсајд, бидејќи од тој момент до крајот на сезоната одиграл само уште 12 минути, завршувајќи со само 21 одигран натпревар и 7 постигнати погодоци во сите натпреварувања.
Во втората сезона, Видука дал значаен придонес за пласманот на Мидлсбро во финалето на Купот на УЕФА. Тој најпрво постигнал гол во првото коло против грчкиот претставник Ксанти во победата со 2-0 со која клубот успеал да се пласира во групната фаза, каде тој постигнал уште два гола во победата со 3-0 над Днипро. Во реваншот од четвртфиналето против Базел, Видука двапати ја погодил мрежата на швајцарците, помагајќи му на Мидлсбро да ја надополни негативата од 2-0 од првиот натпревар и со победа од 4-1 да продолжи понатаму. Тој, исто така, погодил и во реванш полуфиналето, во натпревар во кој англискиот клуб направил големо враќање на Риверсајд, стигнувајќи од 0-2 до победа од 4-2 над Стеауа Букурешт. Конечно, Видука го започнал и финалето против Севиља на Филипс стадионот во Ајндховен, во кое сепак тој не успеал да се впише во списокот на стрелците откако шпанците се покажале како пресилен противник и победиле со високи 0-4. Со неговите 6 гола, тој бил втор стрелец во Купот на УЕФА за сезоната, заостанувајќи само зад Матијас Делгадо од Базел - кој имал гол повеќе. Вкупно сезоната ја завршил со 15 гола.
Во август 2006 година, тој бил награден со дресот со број 9 во Мидлсбро, неговиот претпочитан број во сите претходни клубови. Третата сезона на Видука во Боро била неговата најплодна, постигнувајќи 19 гола во сите натпреварувања. Со оглед на тоа што неговиот договор требало да истече на крајот на сезоната 2006-2007, менаџерот на Мидлсбро Гарет Саутгејт изразил интерес за задржување на Видука. Саутгејт ја повторил својата желба да ги задржи услугите на Видука и открил дека ќе му понуди нов договор. Со оглед на неговата одлична сезона, Видука привлекол интерес од голем број клубови кои се надевале дека ќе го доведат бесплатно откако тој ќе стане слободен играч. На крајот, тој одлучил да го одбие новиот договор кој му бил понуден од Мидлсбро и да стане слободен по истекот на важечкиот во изборот на својот нов клуб во летото 2007 година.
Видука е до денес најдобар стрелец на Мидлсбро во историјата на Риверсајд стадионот, а исто така е рекордер по бројот на постигнати голови (8) во дресот на Мидлсбро во европските натпреварувања.
Њукасл Јунајтед
На 7 јуни 2007 година, како слободен играч Видука му се приклучил на , станувајќи првото засилување на нивниот нов менаџер Сем Алардајс. Тој потпишал две годишен договор, со опција за трета, доколку двете страни бидат задоволни од соработката. Дебитирал за Њукасл во натпревар од Премиер лигата против Болтон на 11 август, а својот прв гол го постигнал на 26 август - во третиот свој натпревар за страчките - против неговиот поранешен клуб Мидлсбро.