Пантелејски манастир — манастир во близина на кочанското село Пантелеј.
Во манастирот престојуваат монахињи и тој е активен женски манастир.
Местоположба
Манастирот се наоѓа на половина километар северозападно од селото. До селото и до манастирот води асфалтен пат.
Историја
Основан е во 1864 година. За манастирот се врзува легендата за младата девојка Нејтана Дамева (видете легенди за Пантелеј).
По основањето на манастирот, истиот имал калуѓери, работници и многу своја земја. Во еден момент, во него живееле 10 калуѓери.
До 1946 година, манастирот имал околу 350 хектари земја во атарите на селата Пантелеј, Бели, Тркање, Нивичани, Зрновци и Шталковица. Манастирот поседувал и ан во градот Кочани. Оваа земја ја добил на подарок или со купување. На нејзе работеле околу 20 лица. Истовремено, имал и волови, кози и овци. Но, со аграрната реформа во 1946/1947 година манастирската земја била одземена, освен 10 хектари.
Од 1954 година, за манастирот се грижел Санде Јованов од кочанското село Крушево.
Во времето на посета на истражувачот Јован Трифуноски во 1966 година на селото и на манастирот, манастирот бил затекнат во многу лоша состојба, постарата црква била многу оштетена, а оградата околу манастирот била полуразрушена.
По осамостојувањето на Македонска православна црква - Охридска архиепископија во 1958 година и по посетата на владиката Наум, манастирот започнал да се обновува.
Градби во манастирот
Манастирот е составен од две цркви, еден параклис, конак, трпезарија и помошни објекти.
Црква „Успение на Пресвета Богородица“
Во 1872 година, прво е изградена црквата „Успение на Пресвета Богородица“.
Црква „Св. Пантелејмон“
Во 1885 година е подигната денешната главна манастирска црква „Св. Пантелејмон“ под водство на игуменот Мартиниј.
Параклис „Св. Нектариј Егински и Св. Серафим Саровски“
Во 2020 година бил осветен параклисот во манастирскиот комплекс посветен на Св. Нектариј Егински и Св. Серафим Саровски“.
Конаци
Конаците во манастирот потекнуваат од 1938/1939 година.
Особености
Манастирот не бил само верско, туку и народно средиште. Тука луѓето не доаѓале само на собори. За манастирот се верува дека на момите и на ергените ќе им се посреќи истата година да го сретнат својот животен сопатник ако се преспие во него за време на големиот христијански празник „Свети Пантелејмон“ на 9 август.
Слава
На денот на манастирската слава (9 август) доаѓаат гости од Кочанско, Кратовско и Штипско.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Пантелеј Категорија:Манастири во Македонија Категорија:Манастири во Брегалничката епархија Категорија:Манастири на МПЦ Категорија:Манастири во Кочанското архијерејско намесништво Категорија:Дела на Дебарската школа